
Границите на „партнерството без граници“ на Си и Путин
И покрај очигледната економска зависност на Русија од Кина, Кинезите сè уште не го диктираат исходот, а Русија не се однесува како помлад партнер. Политичките, историските и географските фактори на двете страни обезбедуваат во тој однос да нема ништо едноставно или праволиниско.
Многу нешто се промени откако кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин последен пат се појавија заедно на врвот на плоштадот Тјенанмен во 2015 година. Кога го сторија тоа повторно минатата недела, се претпостав како рамноправни партнери. Но, се разбира, реалноста е многу посложена.
Препорачано
Вообичаено е мислењето дека Кина ја зацврстила својата позиција на доминантен партнер, особено по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. На крајот на краиштата, сега Кина е најголемиот руски трговски партнер, сочинувајќи повеќе од половина од рускиот увоз во 2023 година, додека Русија не е ни меѓу првите пет кинески партнери. Додека Русија зависи од Кина за купување приближно половина од својот извоз на сурова нафта, тие купувања сочинуваат само 17,5% од вкупниот кинески увоз на нафта. Едноставно кажано, на Русија ѝ е потребна Кина за да се одржи нејзината економија.
Сепак, и покрај таа зависност, Кина не го диктира исходот, а Кремљ не се однесува како помлад партнер. Да ја земеме војната во Украина. Додека таа има значајни предности за Кина – не само во пренасочувањето на американските ресурси од пацифичкото боиште – нема сомневање дека Путин го диктира темпото, обемот и крајните цели.
На хартија, Кина можеби има лост за влијание врз руската политика. Но, тешко е да се замисли сценарио во кое Украина би можела да ја принуди Кина да го употреби. Тоа би ги загрозило кинеските односи со клучниот партнер, но и би било во спротивност со нејзиниот основен принцип на надворешна политика – „неинтервенција“. Путин тоа го знае подобро од кого било.
Иако Кина доследно се претставува како „миротворец“, таа улога ја зазедоа други земји, вклучувајќи ги Турција и Саудиска Арабија; а сега американскиот претседател Доналд Трамп и Путин покажаа дека можат да разговараат и без посредници.
Границите на кинеското влијание се уште поочигледни на нејзините сопствени граници, каде сè подлабокото партнерство на Русија со Северна Кореја предизвикува тревога. Кина може да го поздрави руското вмешување во Европа, но потенцијалната дестабилизација на Корејскиот Полуостров е сосема друга работа.
Ако Кина не е подготвена да влијае врз исходот во Украина и не е способна да спречи нестабилност во своето соседство, тоа укажува дека односите на Кина и Русија не се едноставно партнерство на јуниор и сениор. Иако економскиот однос се промени, политиката тоа сè уште не го следи.
Историски, Кина долго време била помлад партнер на својот северен сосед – а понекогаш и жртва. Царска Русија била меѓу империјалните сили што во 19 век ја распарчиле кинеската територија, присвојувајќи околу 1,5 милиони квадратни километри на североистокот на Кина – подрачје што денес сочинува околу една шестина од кинеската територија. Подоцна, во 1969 година, споровите околу истата граница предизвикале седуммесечен конфликт со Советскиот Сојуз.
Поради тоа во Пекинг на последните триесетина години на силни односи се гледа како на исклучок, а не правило. Кинеските лидери и понатаму не се подготвени да го редефинираат односот, особено кога сегашниот став носи вредни придобивки како што е евтината енергија. Имајќи ја предвид оваа моќна комбинација на економска добивка и политичка анксиозност, малку е веројатно дека тие сериозно ќе го притискаат Кремљ.
Русија, од своја страна, тешко ја прифаќа идејата за кинеска доминација. Сè уште се противи во преговорите за гасоводот „Силата на Сибир 2“, одбивајќи ги кинеските барања гасот да го продава по силно субвенционирана домашна цена. Русија исто така воведе значајни „надоместоци за рециклирање“ – кои функционираат слично на царините – за да одговори на седумкратниот раст на увозот на кинески автомобили по повлекувањето на западните производители.
Во меѓувреме, руската десница сè погласно го повикува Кремљ да се спротивстави на зависноста од Кина. Констатирајќи дека рускиот слабо населен Далечен исток се граничи со огромното кинеско население, националистичките коментатори предупредуваат дека Кинезите не ги заборавиле своите „изгубени територии“ и дека сигурно сакаат руски извори на евтина енергија и суровини. Нивните аргументи се потпираат на историјата и идентитетот, а не само на економијата, за да ја зајакнат политиката која ја отфрла улогата на молител.
Се чини и дека Русија ја држи Кина на растојание на Арктикот, каде Кина сака да се афирмира како „блискоарктичка држава“. А во Северна Кореја, колку повеќе Русија обезбедува гориво, храна и техничка помош, толку Кина има помалку влијание врз Ким Јонг-ун.
Сепак, постојат области каде Кина станува посмела. Сè повеќе се вклучува во традиционалната руска сфера на влијание во Централна Азија, ветувајќи повеќе од 25 милијарди долари инвестиции во регионот само во првата половина на оваа година. Си исто така неодамна присуствуваше на вториот Самит Кина-Централна Азија во Астана – јасен сигнал за кинеските приоритети, имајќи предвид дека ги ограничуваше своите меѓународни патувања.
Овие реалности, а не декларациите за „партнерство без граници“ со рака на срце, најдобро ја покажуваат состојбата на билатералните односи. Односите на Кина и Русија никако не се пред распаѓање, но нивниот развој ќе ги одразува политичките, историските и географските ограничувања, а не обемот на трговијата.
Кина и понатаму негува длабоко вкоренет страв од нестабилност на своите граници, делумно обликуван од руската историја на територијална агресија. Затоа соседна Северна Кореја, а не Украина, има поголем потенцијал да стане клин помеѓу двете земји. Тоа е исто така причина што Кина смета дека падот на режимот на Путин и хаосот што би можел да настане на нејзината граница се неподнослив исход.
За Русија, истиот менталитет кој доведе до инвазија на Украина го обликува и нејзиниот поглед на Кина. Кремљ се мачи да ја помири растечката економска зависност со самоперцепцијата на вечна голема сила. Националистичката десница тврди дека западните санкции ја натерале Русија да стане посамостојна и дека таа тешко стекната „автономија“ не смее да биде изгубена. Самата помисла дека иднината на Русија би можела да биде одредена по кинески услови е неприфатлива и за политичката елита на земјата.
Тоа ја прави руската визија за иднината непријатна за Кина, која сака да се зацврсти како технолошка сила и окосница на глобалната економија, а не да се придружи на сојузот на изолирани, отпаднички актери кои намерно спроведуваат дестабилизација.
Десет години по претходната средба на Си и Путин на Тјенанмен, сликите што прикажуваат единство не можат да ги скријат историската недоверба и разликите во долгорочните интереси на нивните земји.
Вијести
(Авторите се советници во институтот „Тони Блер“)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“