
Граѓаните се жалат, инспекторите „спијат“: Илјадници диви таксисти низ Скопје, никој не става ред во хаосот
Хаосот најмногу го чувствуваат граѓаните кои веќе не знаат ниту кој вози на диво, а кој има лиценца, оти жолтите таблички повеќе не се „мерило“ дека станува збор за легално возило, а притоа овие таксисти наплаќаат огромни суми за превоз на патниците.
Скопје е преплавено со диви таксисти, во моментов ги има неколку илјади, а надлежните, односно Град Скопје и градските инспектори за сообраќај, не преземаат ништо за ставање ред во такси-превозот. Хаосот најмногу го чувствуваат граѓаните, кои веќе не знаат ниту кој вози на диво, а кој има лиценца, оти жолтите таблички повеќе не се „мерило“ дека станува збор за легално возило од лиценцирана компанија. Притоа, токму овие таксисти, кои никој ниту ги контролира ниту ги оданочува, им наплаќаат огромни суми на патниците.
Препорачано
Деновиве ми требаше такси од Порта Македонија до Клиничкиот центар. Не можев да најдам слободно возило преку повик, па се обратив на еден од таксистите што беше паркиран кај Порта. Имаше жолти таблички, па претпоставував дека е лиценциран. Но, штом му кажав до каде треба да одам, веднаш ми кажа дека тоа ќе ме чини 400 денари. Го прашав како тоа 400, нели има таксиметар, нели цената зависи од тоа колку ќе „отчука“ таксиметарот, но одговорот беше дека на таква куса релација не му се исплати да вози, па ако се согласам да платам 400 денари – во ред, ќе ме носи до Клинички, ако не, ништо. Значи страшно, страшно – ни раскажа за непријатната случка Марија С., која итно морала да стигне до државната болница, па се согласила да ја плати високата цена што ја побарал таксистот.

Проблемот со дивите таксисти трае со години, но најизразен е неколку години наназад. Според Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје, поранешниот градоначалник Коце Трајановски за еден месец го решил проблемот, во времето на Петре Шилегов повторно почнале да се појавуваат диви таксисти, а дека сега со Данела Арсовска комплетно е „изгубен компасот“. Тој објаснува дека има и закон и одлуки на Град Скопје, има сообраќајна инспекција, но некој треба да го спроведува законот и да контролира.
Треба градоначалничката да ги поттикне инспекторите на Град Скопје и да бара резултати од нив за да се среди хаосот со такси превозот. Патници се жалат дека не можат да најдат такси, а и ако најдат такси некаде на улица, многу поскапо им наплатуваат. Многу од таксистите што имаа лиценци, ги напуштаат такси-компаниите затоа што гледаат дека дивите таксисти повеќе заработуваат од нив. Дивите таксисти работат со некоја апликација на телефон и диво наштелуван таксиметар и возат по некоја тарифа петпати повисока од реалната. И сега, дел од регуларните таксисти излегуваат од компаниите, велат зошто некој да ми биде „тутор на глава“ кога можам сам да си работам, кога нема никаква контрола, никој не ме казнува – вели Рајчановски.

На тој начин, без контроли, се зголемува постојано бројот на диви таксисти. Па, така, ги има и оние што имаат жолти таблички, тоа се оние што излегле до лиценцирана компанија и сега си возат сами и наплаќаат колку сакаат. Од друга страна се таксистите, кои никогаш не биле дел од компанија и кои не почитуваат никакви стандарди, возилата не им се бело-жолти, туку, сини, жолти, ставаат само горе по потреба табличка, а наместо таксиметар користат најчесто апликација од телефон.
Со години им укажуваме на граѓаните доколку не им издадат фискална сметка во такси, немаат обврска да платат. Втора работа, на граѓаните им кажуваме доколку такси-возило на стаклото од задните врати нема налепница издадена од инспекциско тело за таксиметри со ценовник, тоа е диво такси – вели првиот човек на скопската Групација на таксисти.
Рајчановски објаснува дека тешко се доаѓа до такси-возило поради сообраќајниот метеж, затоа што таксистите што одговориле на повик, не можат поради метежот да стигнат за она време што го кажале оти најчесто се заглавуваат во сообраќај или, пак, наидуваат во гужва откако ќе го земат патникот, а таксиметарот „врти“, па патникот предвреме го напушта возилото. Таксистот останува среде гужва и откако изгубил многу време му треба уште толку за да се врати назад на такси станица. Затоа, како што вели, послабо излегуваат легалните таксисти.
Доколку се расчисти со дивите таксисти, тогаш дури и сообраќајот малку би се оправил бидејќи не се работи за сто или илјада диви таксисти туку за илјадници. Втора работа е што граѓаните нема да бидат финансиски оштетувани, ќе имаат брз, современ и евтин такси-превоз, затоа што цената е таа, во догледно време нема да има промени. Со самото средување на дивите таксисти од сообраќајните инспектори, што би се случило – прво, за еден месец ќе има повеќе од 2 илјади брзи вработувања, затоа што ако тој не е вработен и вози на диво, кога ќе го притисне инспекцијата ќе мора да се пријави, да биде вработен и да се плаќаат придонеси. Значи и државата ќе има корист од придонесите. Ќе има и помало загадување од издувни гасови ако од улиците се тргнат едно 3-4 илјади диви таксисти – истакнува Рајчановски.

Според него, доколку постои желба да се среди хаосот со дивите таксисти, тоа може многу брзо да се направи, доволно е да има редовни контроли на инспекторите, затоа што сѐ е залудно ако тие не функционираат и ако наоѓаат оправдување за тоа, меѓу другото и дека не можат да одземат возило, што е законски предвидена можност, затоа што не им ги примале на плацот за привремено одземени возила на Агенцијата за одземен имот.
Има начин како тоа да се направи, прво треба да има желба. Не велам дека секогаш 100 отсто бил решен такси-превозот, секогаш имало едно мало издувно социјално вентилче, ама тоа беа 10, 20, 50 луѓе, па ќе излезе само навечер, па ако излезе инспекција ќе се тргнат. Сега јавно си возат. Комплетен хаос е, уште фали комплетна дерегулација да се направи. Значи, не важат никакви закони, никакви правила, иако имаме добри и токму по тие правила пред неколку години се среди таксито. Доколку градоначалничката има желба да се среди такси-превозот, ќе ги повика инспекторите и ќе бара резултати ако не си ги исполнуваат обврските. Дури и ако се малку инспектори, ако не може да се заврши работата, во Законот пишува дека може да побара помош и од републичките инспектори што се под Министерството за транспорт – вели Рајчановски.
За да се отвори такси-компанија, треба да се исполнат одредени услови, возилата треба да исполнуваат посебни технички услови, треба да има вработени возачи, треба да има регистрирани таксиметри. Лиценцата што ја добиваат компаниите за вршење превоз важи пет години. Но, некаде од 2018 година, при вадење на лиценцата доволно е компанијата да има неколку вработени возачи, без оглед на бројот на возилата со кои располага.
Имавме страшна реакција на ова, затоа што направија такси-компаниите да не ги пријавуваат возачите. И никој не ги застанува на улица да го праша пријавен ли си? Кој си ти? Како возиш? Па, така, пензионери од 70 и 80 години возат во јавниот превоз и превезуваат деца. Ете, толку е сѐ излезено од контрола. А кога такси-компаниите пријавуваат за поврат на данок ги пријавуваат сите, на пример, сто возила, иако можеби имаат само 20 вработени возачи. Па, другите возила кој ги возел? Ете и тоа функционира во градот, затоа што никој не врши инспекциски надзор – тврди Рајчановски.