Станица за технички преглед/ Фото: Профимедиа

Граѓаните нема да ја добијат разликата од поскапата автоодговорност, компаниите велат нема основа за враќање на парите

Станува збор за суми од 840 до 1.600 денари, кои дополнително ги издвоија околу 10.000 граѓани, од 24 април до 10 мај, до кога важеа за 15,4 отсто повисоките цени на осигурувањето на возилата. Осигурителните компании консултирале и правници, па оттука со сигурност велат дека нема ни начин ни основа за враќање на парите

Нема да има поврат на средствата што граѓаните ги платија за осигурување од автоодговорност при регистрација на возилата, дознава „Слободен печат“. Станува збор за суми од 840 до 1.600 денари, кои дополнително ги издвоија околу 10.000 граѓани, од 24 април до 10 мај, до кога важеа за 15,4 отсто, повисоките цени на осигурувањето на возилата. Осигурителните компании со кои разговаравме консултирале и правници, па оттука со сигурност велат дека нема ни начин ни основа за враќање на парите.

– Процесот е сложен, затоа што полисите се продаваа преку агенти, на кои им плаќаме од 20 до 40 отсто од вредноста на полисата. Но, ако некое осигурително друштво има желба и можност, може да им ги компензира парите на граѓаните во полисата за следната година – ни рекоа во неколку осигурителни компании. Од Асоцијацијата за супервизија на осигурувањето, пресметаа дека во просек неделно се регистрираат околу 10 илјади автомобили.

Одлуката за враќање на старите цени, уследи откако Комисијата за автомобилска одговорност при Министерството за финансии препорача, а Владата донесе одлука, цените на задолжителното осигурување од автоодговорност да се вратат на нивото од пред 25 април. Осигурителните компании останаа на ставот дека одлуката директно влијае врз финансиската стабилност на целиот осигурителен сектор. Тие тврдеа дека цената со години е иста, а во меѓувреме нивните трошоци пораснале и обвинуваат дека со одлуката се воспоставува 100 отсто државна контрола над цените за автоодговорност. Наспроти овие тврдења, од Агенцијата за супервизија на осигурувањето посочија дека нивните анализи покажале дека осигурителни компании, со исклучок на една, ја завршиле 2023 со профит. Минатата година, за задолжително автомобилско осигурување, компаниите задолжени за осигурување заработиле околу 65 милиони евра.

Со години само се зборува, ќе има ли промени кај зелениот картон?

Со години само се зборува дека мора да има промена кај зелениот картон, бидејќи сме една од ретките држави каде што тој постои и е прескап. Извори за „Слободен печат“ велат дека е формирана работна група и наскоро ќе се знае дали ќе има некакви промени.

– Една од идеите е тој да биде задолжителен со регистрацијата на возилото, со цена што би се движела од 20 до 30 евра. Тоа навистина би била горе-долу прифатлива цена, но негативната страна е што ќе биде задолжителна. Односно, нема да има сакам-нејќам, ами морам, иако има и граѓани што не патуваат надвор од државата. Исто би плаќале и тие што имаат поголем „авто парк“ – велат нашите соговорници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!