
Граѓаните лани зеле повеќе, ама не вратиле дури 1,2 милијарди денари за брзи кредити
Од Групацијата за нефинансиски друштва се децидни дека во последно време не се забележани случаи на измами конкретно на постари лица, кои се жртви на злоупотреба од нивните блиски – деца или внуци. Ова, бидејќи во минатото и почесто во градовите во внатрешноста, имало случаи кои пензионери биле мамени да земат брзи кредити од неколку друштва и тоа на дневна основа, а потоа мачеле мака со извршителите.
Компаниите кои даваат брзи кредити лани не успеале да наплатат меѓу 13 и 14 отсто од дадените пари, односно околу 1,2 милијарди денари, што според Никола Јошевски, претседател на Групацијата за нефинансиски друштва во Стопанската комора е резултат добиен од интерното истражување меѓу 20-те нивни членки. Тој вели дека и за нив и за клиентите е предизвик превисоката изложеност која изнесува 70 отсто од примањата на оние кои земаат вакви кредити.
Препорачано
Јошевски е дециден дека во последно време не се забележани случаи на измами конкретно на постари лица, кои се жртви на злоупотреба од нивните блиски – деца или внуци. Ова е напредок, додава Јошевски, бидејќи во минатото и почесто во градовите во внатрешноста, имало случаи кога пензионери биле мамени да земат брзи кредити од неколку друштва и тоа на дневна основа, а потоа мачеле мака со извршителите. За потсетување, максималните трошоци за еден земен кредит може да бидат и до пет пати повисоки од затезната казнена камата, односно меѓу 50 и 65 отсто.
-За разлика од банките кои ја гледаат семејната кредитна историја, овде се работи за индивидуална проценка на лицата кои земаат брзи кредити. Но, мора да се знае дека кај нас кредити подигаат лица кои банките ги одбиваат, па затоа целта ни е да ја зголемиме наплатата на земените пари – велат од Групацијата.
Јошевски е дециден дека изминатиот период правилата на игра се толку затегнати – што се докажува и преку податокот дека лани згаснале 9 нефинансиски друштва и тоа не поради неликвидност, туку поради зголемената дисциплина и одговорност, па и трошоци кои некои друштва не можат да ги издржат. Така сега од некогашните 36, брзи кредити нудат само 25 компании.
Претседателот на Групацијата посочува дека драстично е намалена злоупотребата на личните податоци, а оние друштва кои не работат професионално по две опомени, може да бидат исклучени од нивното друштво. Ова е бидејќи тие не може да им ја одземат лиценцата за работа, но барем може да ги стават на „црната листа“.
-Ние не можеме да го казниме друштвото кое не работело според законот, ниту пак сме надлежни за одземање на лиценцата, но по две добиени опомени од Министерството за финансии може да го исклучиме од Групацијата. Изминатиот период одлично соработуваме со регулаторот (МФ), па сега скоро добивме предупредување за нелегална лична карта и за тоа во интерна циркулација, беа известени сите наши членки – објаснува Јошевски.
Членките на Групацијата вчера потпиша Етички кодекс, а меѓу другото се пофалија дека се меѓу ретките индустрии кои го подготвиле и ќе се придржуваат до овој документ. Тој претпоставува повисоки стандарди во рабоењето, транспарентност, одговорност, професионалност и доверливост. А сето ова е со цел да им обезбеди подобро корисничко искуство на нивните клиенти.
Рекламите за брзите кредити мора да им бидат јасни на граѓаните
Друштвата кои даваат брзи кредити мора да водат сметка и да не ги мамат граѓаните со нивните реклами, а клиентите мора да добијат јасна и точна информација за тоа колку и како се задолжуваат.
-При потпишувањето на договорот мора да се знае колкава е ратата, колку ќе враќаат и колку пари земаат – вели Јошевски.