Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Граѓаните добија поддршка, за построги мерки кон трговците ќе почекаме

Пазарните инспектори, како што најавивме, се на терен и ги контролираат маржите на трговците, добавувачите и производителите за изминатите шест месеци. Кога ќе заврши контролата, ќе бидете информирани за евентуалните мерки – одговори Дурмиши на новинарските прашања за најавениот утрешен бојкот

Одлуката за замрзнување на цените, што ќе беше одговор за непримерно зголемените цени, а за која министерот за економија и труд Бесар Дурмиши се пофали уште пред еден месец дека му е потпишана и му стои во фиоката, засега нема да го види светлото на денот. На ден пред вториот најавен бојкот на маркетите, Дурмиши на брифинг со новинарите оцени дека е поважно да зборува за резултатите на нарачаната ревизија за работењето на неговиот претходник, но на граѓаните им порача „дека го поддржува нивниот револт, дека пазарните инспектори ќе вршат контроли, но дека за евентуалните неправилности на трговците, ќе зборува кога ќе биде завршена нивната анализа“.

– Го разбирам револтот на граѓаните и ги поддржувам. Пазарните инспектори, како што најавивме, се на терен и ги контролираат маржите на трговците, добавувачите и производителите за изминатите шест месеци. Кога ќе заврши контролата, ќе бидете информирани за евентуалните мерки – одговори Дурмиши на новинарските прашања за најавениот утрешен бојкот.

Тој немаше одговор и на прашањето од кои извори Владата ќе ги надомести изгубените средства по основ на трговскиот промет, дотолку повеќе што минатиот петок, прометот во трговијата беше помал за дури 300 илјади евра.

– Ќе почекаме да заврши контролата на пазарните инспектори, но ние во Владата сме јасни дека трговците не смеат да се богатат врз грбот на граѓаните – повтори Дурмиши.

Претходното раководство во МЕТ работело незаконски

Ревизијата на работењето на Министерството за економија и труд, покажала дека таму се работело незаконски, нетранспарентно и неправилно, соопшти актуелниот министер Дурмиши. На пример, во 2021 година е набавен софтвер во вредност од 2,4 милиони денари, а тој до денес не е ставен во функција.

Постапката за јавна набавка е прекршена бидејќи целиот процес е завршен за 15 дена. Во 2022 година, пак, е склучен договор за инфраструктурна линија на локациите Манастирец во Македонски Брод и во Свети Николе за 25 милиони денари, а ревизијата констатирале дека градежните работи воопшто не се завршени и државата го изгубила инвеститорот. Дурмиши, зборуваше и за неправилностите во ангажирањето на лица со договор на дело, кои не доаѓале на работа, а службените возила се полнеле со гориво и несоодветно се користеле.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот