
Граѓаните бесни: Исти производи, а различна „гарантирана“ цена од дуќан до дуќан
За десетина дена на виделина излегоа разликите во цените во различните трговски синџири, па сега се гледа со какви маржи продавале пред Владата да реши да се справи со дивеењето на цените
Кој маркет како ги набавил прехранбените производи на 1 август, така сега и ги продава по намалени цени за 10 отсто. За десетина дена на виделина излегоа разликите во цените во различните трговски синџири, па сега се гледа со какви маржи продавале пред Владата да реши да се справи со дивеењето на цените. Тоа е најкусиот одговор за граѓаните, кои откако трае мерката за „гарантираните цени“, забележаа дека исти производи од ист производител, чинат различно од дуќан во дуќан.
Препорачано
Тие се зачудени и од фактот дека цените на некои увозни производи се ограничени, а другите, домашни, немаат знак дека се намалени! Потрошувачите се бесни и прашуваат како е ова можно и дали ова е уште едно трговско самоволие.
Владата на 19 септември ги замрзна цените на 25 категории прехранбени производи на нивото од 1 август, кои потоа добија најмалку 10 отсто намалување, но со оваа одлука, не беа чепнати трговските маржи.
– Живеам во Аеродром, каде што во радиус од 500 метри има неколку поголеми маркети. Така забележав дека гарантираната цена на јајцата, јогуртот, паштетите и на тестенините не е иста. Разликите во цените не се огромни, но и такви не се занемарливи за нашиот буџет. Пред една деценија зборувавме за ист производ со различни цени и моравме добро да отвориме очи каде и што купуваме, сега ситуацијата е слична – вели една скопјанка.
Од Организацијата на потрошувачи за „Слободен печат“ објаснуваат дека ова е пазарна економија и трговците сами се договараат со производителите или со дистрибутерите, па од тоа зависи и каква маржа успеале да „избоксуваат“.
– Цените се замрзнати на 1 август, а на тој датум различен маркет можеби добил ист ценовник, ама различна понуда за маржата што може да ја стави. Тоа зависи од површината и од оддалеченоста на продавницата, а над сè од прометот. Трговците на тие големи маржи добиваа екстра профит и повторно сето тоа беше на штета на потрошувачот. Но, ова е слободен пазар – велат од ОПМ.
И пивото со намалена цена, се ограничува маржата на зеленчукот и на овошјето
Експертите тврдат дека проблемот лежи во големите разлики во трговските маржи за големи трговски системи поради поповолните попусти на обемот во споредба со маркетите од помал формат. Ова им дава простор на поединци да купуваат стоки по попуст или по промотивни цени и потоа да ги препродаваат по цена од која можат да заработат.
– Производителите тука се немоќни, бидејќи не влијаат врз трговските маржи, освен во форма на препорака – велат експертите.
Маржите се само дел од крајната цена на производите
Цените на храната не зависат само од трговската маржа, имајќи предвид дека набавната цена на производот ги вклучува зависните трошоци, како оние за царина, шпедиција и други увозни трошоци за товарење и истовар на производите, како и трошоците за транспорт од складиштето на снабдувачот до складиштето на купувачот.
Набавната цена и сите зависни, горенаведени трошоци се најважните ставки во малопродажната цена. Сите сме сведоци на глобални настани и вознемиреност поради можниот недостиг на стока, главно основни прехранбени производи. Кога побарувачката е поголема од понудата, неминовно доаѓа до пораст на набавната цена, а со тоа и на малопродажната цена.
Инаку, во владината одлука од 19 септември нема ограничување на маржите на храната, но на 26 септември Владата се изјасни дека е донесена одлука за определување на највисоката трговска маржа за овошјето и за зеленчукот и таа во трговијата на големо се утврдува во вкупен износ од 10, а во трговијата на мало од 15 проценти.
Граѓаните треба да го следат црвено-златниот знак „гарантирана цена“