проф.д-р Огнен Марина/ фото: Слободен печат

Градот е моето „светилиште“

Идниот јавен простор ќе мора да обезбеди комфор при неговото користење, да влијае врз намалувањето на ефектите на прекумерното загревање и топлинските острови, да биде соодветен за ранливите категории граѓани, од деца до мајки со деца, возрасни граѓани и лица со посебни потреби, да е безбеден и да овозможува сигурност за сите. Треба да е атрактивен и флексибилен, да е јавен и повикувачки, да е отворен, а сепак да заштитува. Тој простор треба да е нашиот град.

На што прво помислуваме кога ќе помислиме на град? Најчесто тоа се плоштадите и улиците, неговата архитектура и неговите паркови. На што прво помислуваме кога ќе помислиме на својот град? Тоа се нашата улица, игралиштата, парковите и плоштадите, но и безброј мали, скриени места каде што со своите најблиски ги учиме првите животни лекции и „уличните мудрости“. Со еден збор, тоа се јавните простори на нашиот, но и на секој град, местата каде се создаваат нашите спомени, но и идентитетот на граѓаните. Затоа, четвртото прашање за идниот градоначалник на Скопје е: „Која е вашата стратегија за претворање на јавниот простор во Скопје во инклузивни јавни места што го градат урбаниот идентитет?“.

Градот е едно од највпечатливите остварувања на човештвото. Тој е материјализирана култура, организација и имагинација. Низ читањето на историјата на градовите, Луис Мамфорд и Спиро Костоф нѐ учат дека градот не е само збир од ѕидови и улици, туку „начин на живот“ што ја синтетизира економијата, техниката, но и филозофијата на живеење. За Мамфорд градот станува „простор на културата“, место каде знаењето, занаетите и уметностите се акумулираат и се пренесуваат меѓу генерациите. Костоф пак укажува дека морфологијата — мрежата на улици, булевари и плоштади е историјата на градот, па и човештвото. Со тоа, градот станува еден вид „институционална“ меморија која го овозможува пренесувањето на знаењата низ културата, уметноста, науката, литературата и риталите што таа го овозможува. Конечно, градовите се разликуваат од останатите рурални и неградски форми на населби токму со присуството на овие центри на знаење и меморија како што се, библиотеките, театрите, музеите, но и храмовите.

Заедно, двајцата автори нѐ водат од градот светилиште кон градот како заедница на граѓани. Понесен од сличната просветителска идеја, италијанскиот архитект Џанбатиста Ноли, во осумнаесеттиот век ќе ја исцрта мапата на Рим, која потоа ќе го носи и неговото име, во која покрај јавниот простор на улиците и плоштадите ќе ги прикаже и „затворените“ јавни простори на црквите, музеите, библиотеките, театрите и слично. Со тоа, тој ќе ја нагласи важноста, но и обединетоста на јавните простори, кои се секогаш повеќе од само „празен“ простор и се создадени низ заедништвото на луѓето во градовите. Исклучително е интересно што етимолошкото јадро на јавниот простор во градовите можеме да го препознаеме во грчкиот поим ekklesia (ἐκκλησία) — „собир на повикани“. Овој поим најпрвин означувал граѓанска народна собраниска заедница, а дури подоцна, преку латинското ecclesia, станал корен на денешните зборови за „црква“ на грчки, италијански (chiesa), француски (église), шпански (iglesia) и други јазици. Ова потсетува дека јавниот простор не е само место, туку пред сѐ пракса на собирање, односно да се биде повикан на видливост, на говор и дејство.

Процесите што го обликуваа јавниот простор во Скопје во изминатите три децении на пролонгирана транзиција се во целосна спротивност со идејата на античката еклесија. Најпрвин, процесот на транзиција на општествениот систем, кој подразбираше и трансфер на сопственоста, од државна (јавна) во приватна (лична) сопственост, најрадикално се одрази на јавниот простор. Јавниот простор како јавно добро, беше набљудуван како „празен“ простор, односно простор кој нема сопственик и следствено простор за кој никој не се грижи. Тоа доведе до девастација и занемарување на јавниот простор, што парадоксално пак беше искористено како наратив и оправдување за вториот тренд – приватизацијата на јавниот простор. Со објаснување дека јавниот простор, кој не припаѓа никому и следствено, за него никој не се грижи, може да го унапреди својот квалитет само доколку се приватизира. Како резултат на претходните два тренда, јавниот простор се претвори во фрагментиран простор, најчесто непознат и недостапен за јавноста и за граѓаните.

Поразително, оваа состојба на јавниот простор во градот е дополнително влошена со агресивната доминација на автомобили, неуредени паркинзи, исчезнувањето на зеленилото, а со тоа и на комфорот на користењето на улиците, тротоарите и плоштадите. Со тоа исчезнаа и главните вредности на јавниот простор во градот.

Европските градови, од друга страна, свесни за важноста од постоење јавни простори, на сличните проблеми се обидоа да одговорат со јасни и мерливи потези. Барселона со проектот за „суперблокови“ ги ослободи квартовите од возила, го намали загадувањето и отвори нови зелени и социјални јавни простори. Љубљана го затвори центарот за автомобили, го поврза со квалитетни јавни простори на бреговите на Љубљаница и бележи извонредно подобрување на квалитетот на живот во градот. Милано со програмата Piazze Aperte користи тактички, нискобуџетни мерки за брзо уредување на плоштади и „училишни улици“, создавајќи десетици нови простори, велосипедски паркинзи и урбано зеленило, што го зголеми комфорот на користење и престој во овие простори. Париз го прошири овој модел со привремени или трајни ограничувања за возила околу училиштата, создавајќи безбедни микропростори за деца и родители. Лекциите од овие градови се јасни и конзистентни.

За да почнеме да го решаваме проблемот со јавниот простор, најпрвин е потребно да се мапира целокупниот јавен простор. Потоа, низ научно истражување да се согледаат сите аспекти на феномените со кои се соочуваме во градот. Конечно, потребно е да се дефинира каков јавен простор Скопје посакува и сето тоа да се преточи во стратегија за развој на јавниот простор во Скопје. Со овој стратешки документ ќе се дефинира визијата за јавен простор кон која ќе целиме, но исто така важно, ќе се дефинираат и стандардите и правилата кои ќе мора сите да ги почитуваат.

Овој иден јавен простор ќе мора да обезбеди комфор при неговото користење, да влијае на намалувањето на ефектите на прекумерното загревање и топлинските острови, да биде соодветен за ранливите категории на граѓани, од деца до мајки со деца, возрасни граѓани и лица со посебни потреби, да е безбеден и да овозможува сигурност за сите. Тој исто така треба да е атрактивен и флексибилен, да е јавен и повикувачки, да е отворен, а сепак да заштитува. Тој простор треба да е нашиот град.

Откако ќе се изработи стратегијата за развој на јавен простор во Скопје, потребно е да се изработат проекти и да се реализираат низа нови јавни простори. Можеме да започнеме со тактички урбанизам и нискобуџетни интервенции со боја во јавниот простор кој ќе нѐ потсети колку јавен простор е узурпиран од возилата и други намени, односно да го ослободиме постојниот јавен простор. Можеме да продолжиме со уредување и редизајн на најмалку 50 микроплоштади.

Со тоа ќе ги вратиме луѓето од соседствата на маалските плоштади и паркови. Откако тоа ќе го сториме, можеме гордо да се приклучиме на прославата на Европскиот ден на соседствата што се прославува ширум градовите во Европа секој последен петок во мај, кога сите излегуваат на улиците и на плоштадите и уживаат во заедничкиот ручек со своите соседи. Конечно, можеме да ги обновиме јавните простори, кои се веќе тука со векови, како Кале и Стоби. Нив треба да ги отвориме и заедно да создадеме нова јавна сцена на Кале – новата скопска културна тврдина, која заедно со Старата чаршија ќе бидат дел од најубавата градска пешачка зона. Таму може да се развиваат нови креативни индустрии и скопската гастрономска сцена. Потребно е и Скупи да се врати на културната мапа на градот како вистински историски простор за сите. Со нови пешачки мостови, Скопје повторно ќе ги поврзе двата брега на реката Вардар.

Од сите овие можности произлегува и поуката за современиот град, за Скопје какво што го посакуваме. Јавниот простор треба да ја спои слободата и комфорот на собирањето на граѓаните во јавен простор со институционален поредок и инфраструктура на урбаниот простор. Јавен простор е истовремено и плоштад и улица и парк, но и обврска за неговото уредување и одржување, тој е истовремено сцена на која се одвива современиот живот, но и јавна културна, социјална и општествена инфраструктура низ која се огледува развојот на нашата заедница. Јавниот простор во градот е гаранцијата за слободата на граѓаните, место на инклузија и уживање во сите придобивки на современите градови и урбаната култура на живеење. Во ерата на современите предизвици, „ekklesia“ значи град што активно ги повикува и им овозможува на сите свои граѓани да се вклучат, да се здружат и да делуваат за да го создадат својот град. Само на тој начин, градот навистина ќе биде нашиот заедничко „светилиште“.

(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот