
Градоначалникот на Истанбул доби нова затворска казна поради навреда на обвинителот
Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главен ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, доби нова затворска казна од суд во Истанбул, објави Ројтерс.
Препорачано
Имамоглу, кој е во притвор од март по одделни обвиненија за корупција, беше осуден на една година и осум месеци затвор за навреда и заканување на главниот обвинител на Истанбул. Затворската казна сè уште треба да ја потврдат два апелациони суда.
Ова е втор пат Имамоглу да биде осуден за навреда на јавни службеници. Во 2022 година, тој беше осуден на две години и шест месеци затвор за критикување на изборните службеници по одлуката за поништување на изборите во Истанбул во 2019 година, на кои тој го победи кандидатот од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).
Имамоглу поднесе жалба на пресудата, но таа сè уште не е разгледана.
Тој ги негира сите обвиненија.
„Се борам против злоупотребата на судството и неговата употреба како политичко оружје. Ова е всушност навреда за нашиот народ“, изјави Имамоглу.
Доколку пресудата од 2022 година биде потврдена, на Имамоглу би можело да му биде забрането да се кандидира на идните избори.
Во март, Универзитетот во Истанбул му ја одзеде дипломата, со што автоматски го дисквалификуваше како претседателски кандидат.
Од октомври минатата година, полицијата уапси повеќе од 500 лица во истраги за општини управувани од главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП), чиј член е Имамоглу, а повеќе од 200 се во притвор.