Биљана Секуловска / Фото: Архива на Слободен печат

Гради, пријателе Еди Рама, не биди наивен

Ме изненади непријатно еден неук, македонски новинар, со неговото наивно прашање до премиерот Мицкоски: „Дали во Македонија е можно уривање или справување со дивоградбите, како што е во Албанија? Таа акција има добар одзив таму“.

Разбирливо, премиерот смирено и спокојно одговори, иако ќе беше посоодветно барем со презир да го погледнеше младиот новинар, кој поим нема од водење држава, ниту од елементарна морална поука за животот: „Мојата филозофија во животот е да градам, не да уривам. Дали имаме други прашања?“.

Се разбира дека немаме никакви други прашања, почитуван господине премиере, освен можеби – кога ќе се засрамат перфидните, подли новинари, кои лутаат не само во професијата, туку и во она што тие го нарекуваат каков – таков животец со платичка помала дури и од просечната.

Замислете ве молам, така да се рушеа градови и држави, на начинот на кој албанскиот премиер Еди Рама ги спроведува неговите опасни по криминалот, политики. Нашите идеи и идеали се сосема поинакви, ние ги дишеме со полна „плуќа“ отровите од Вардариште и од цела држава конечно, горди на јаките и отпорни гени, кои војводите и комитите ни ги вбризгале.

Нашите кули Вавилонски можеби од кал се направени, можеби се работи за смрдливи кепенци, но таа реа е политички заштитена, со тркалезен печат на кој пишува – Корупција и криминал заштитени. Затоа и не уриваме, напротив, се шириме, се разгрануваме и дуеме, празно место да не остане, ако може сѐ што природата дала да ѝ се одземе, да се запусти од корен и до балчак. Метар слободен не смее да има, дивите луѓе каде инаку би живееле, каде би танцувале, каде би им ги благословувале племенските ритуали, каде, ако не во осветените од власта дивоградби?

Градете каде и кога да посакате господа драги, направете сѐ пепел каде и да стапнете, расчеречете ја земјава до офкање и запомагање, нека се задуши секое тревче, нека овене секое ливче, нека се уништи ова кутро парче од држава, затоа што ние градиме, не уриваме. Филозофијата на Платон и Аристотел за државата токму тоа го заповеда. Уништете, затоа што само за тоа сте способни. И сме, ако признаеме чесно и понизно пред светот и векот, чии отпадници сме, такви станавме, вакви, никакви, нелуѓе.

За таквите ко нас Блаже Конески пишуваше, советувајќи се себеси и сиот чесен свет, барем она нешто што останало, да се фати друг, спротивен пат, подалеку само од овој нашиов што во бездна ги води, во надеж дека трагата нема да им се најде, макар во небиднина завршиле. Ама барем ќе знаат, не завршиле со нас, за среќа, во целата небеска несреќа. 

25 минути

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот