
Град Скопје тврди дека ги поддржува само летните кампови на Црвен крст
Град Скопје ги отфрла како лажни вестите од, како што велат, организациите на кои претходното градско раководство редовно им доделувало парични средства. Од Градот тврдат дека годинава овие организации во обид да го политизираат изборот, покажале огромна непрофесионалност прејудицирајќи дека Град Скопје е обврзан да ги финансира дури и кога има проекти што се од порелевантни организации како Црвениот крст или со повисок квалитет на понудени активности за поддршка.
Препорачано
– Градот го поддржува Црвениот крст, кој организира летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, релевантна организација со сеопфатни проекти што се спроведуваат со широка поддршка. Градот е насочен на проекти што вистински ќе помогнат и ќе донесат промени и тие се бодуваат базирано на повеќе параметри меѓу кои и квалитетот на понудениот проект – велат од Град Скопје.
Реакцијата од градската администрација уследи откако од „Проект среќа“ на Кристина Арнаудова известија дека бесплатниот летен камп за деца во социјален ризик, кој постои од 2017 година и каде што стотици деца го доживеале својот прв летен одмор, оваа година за првпат не е поддржан од Град Скопје.
Неговото одржување за првпат е неизвесно. Можеме само да кажеме дека ние ќе дадеме сѐ од себе да се одржи овој камп, а на оние што избришале ваков хуман и потребен проект, нека им служи на чест. Мандатите поминуваат, а ние остануваме – информираа од „Проект среќа“.