Мериен Илич и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова / Фото: Фејсбук / Гордана Сиљановска Давкова

„Горда сум што сум Македонка“, вели Мариен Илич, една од најбогатите жени во светот, која доби признание од ОМД во Детроит

92-годишната Мариeн Илич, најбогатата Македонка во САД и една од седумте најбогати жени во светот, го доби признанието „Ќерка на Македонија“ на гала-вечерта по повод 20-годишниот јубилеј на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), што се одржа во Детроит. На настанот присуствуваше и претседателката Гордана Силјановска-Давкова.

„Ги сакам Македонците и добро го зборувам јазикот, иако со децата често имаме забавни ситуации бидејќи тие не го знаат македонскиот јазик. Јас сум горда што сум Македонка, навистина сум горда… ние сме добри луѓе“, рече Илич на доделувањето на признанието.

Таа рече дека има прекрасен живот и им порача на присутните Македонци да бидат горди на своите семејства и да одат со крената глава.

„Многумина не знаат каде е Македонија. Мајка ми е од Буф (Леринско, егејска Македонија, н.з.), татко ми е од Битола, сум била кај моите баби и дедовци, таму е прекрасно“, додаде Илич, откривајќи дека нејзините деца годинава планираат повторно да ја посетат Македонија.

Илич ја сподели и приказната за своите родители и како го научила македонскиот јазик. „На времето мајка ми требало да се венча за друг, но татко ми успеал да ја спречи венчавката и потоа се оженил со неа“, рече таа.

Мариeн Бајоф Илич е родена во Мичиген, САД. Таа е македонско-американска стопанственичка и заедно со сопругот Мајк Илич е основач на мултинационалниот синџир „Литл Цезарс Пица“ со 4.000 ресторани низ светот. На шега, таа рече дека единственото што не им текнало е да го прошират синџирот и во Македонија.

Според листата на милијардери на „Блумберг“, Илич е една од седумте најбогати жени во светот, со проценето богатство од 7,77 милијарди долари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот