
Горан Марковски ја промовираше својата кандидатура за градоначалник: На Скопје му треба помош од оние што го сакаат и кои знаат да му помогнат
Професорот Горан Марковски денеска официјално ја претстави својата независна кандидатура за градоначалник на Скопје. Прес-конференцијата ја одржа пред Камени мост посочувајќи дека мостот преставува симбол на поврзување и на премостување на пречки, дека мостот е победа на поврзувањето над раздвојувањето и дека се тоа принципи во кои искрено верува и му недостасуваат на нашиот град.
Препорачано
Марковски посочи дека на Скопје му треба помош, дека Скопје бара шанса од оние коишто искрено го сакаат и знаат како да му помогнат, бара јасна визија за својот развој, кохезија на сите чинители, бара одговорност и компетентност.
– Тажно е, тешко е и за мене веќе невозможно да го слушам крикот на нашето напатено Скопје, крикот на мојот роден град кој останува без својот идентитет. Токму затоа се нафатив да бидам кандидат за градоначалник на Скопје. Потполно сум свесен во какво општество живееме, дека сè уште нашето опкружување е обременето со огромно партиско делување, но исто така убеден сум дека без граѓанска иницијатива и без лична одговорност не можеме да имаме добра демократија, ниту здрави институции, ниту квалитетен град – рече Марковски.

Според него жално е во 21 век да се говори за теми кои се директно поврзани со нашиот опстанок, не со развој.
– Наместо да говориме за поширока примена на дигитализација, за употреба на вештачката интелигенција, за нови модели на градскиот сообраќај, за зелена градба, за нулта емисија на CО2, за нулта смртност на нашите улици, ние сме принудени да зборуваме за гол опстанок. Тоа нема да ме депримира туку ќе ми даде дополнителна енергија која треба да се внесе меѓу граѓаните на нашето Скопје. Особено помеѓу младите, кои се единствениот преостанат елемент од она што го прави системот околу нас. За жал, преостанатите три елементи, земјата, водата и воздухот Скопје веќе ги нема – нагласи независниот кандидат за прв човек на Скопје.

Во неговата биографија професорот Марковски, кој моментално е и декан на Градежен факултет, има над 40-години искуство во образование на млади инженери, бројни реализирани проекти, научни истражувања, предавања. Како што вели, за победа во оваа трка ја добил поддршката од истомислениците. Тој им се заблагодари на „Независни заедно“ кој во него препознале личност што споделува исти идеали.
Марковски: Скопјани треба да видат дека може да се работи чесно
На прашањето дали ќе може да се справи со тешката ситуација во која се наоѓа Скопје, тој потврди дека може.
– Колку е ситуацијата потешка, предизвикот е поголем, не се сомневам дека ќе ја внесам целата енергија и стручност. За четири години не можеме Скопје да го направиме Љубљана, но можеме да тргнеме во правецот што го посакуваме – рече Марковски.