/ Brendan SMIALOWSKI / AFP / Profimedia

Големи приказни | Варваризирањето на Америка

Доналд Трамп е цивилизациско зло и околу тоа не може да има никаков спор. Но, тоа зло порасна и процвета на многу плодна почва, уредно полевана со мантрата дека на Америка ѝ треба ограничена власт и неограничена лична одговорност.

За разлика од повеќето други земји, Соединетите Американски Држави немаат само еден татко на нацијата. Родниот лист на таа голема земја се нарекува Декларација за независност и ја потпишаа педесет и шест чесни мажи. Тие ги обединија тринаесетте колонии, водеа војна за независност од британската круна и ја утврдија идната форма на политичко владеење.

Татковците основачи (Founding fathers) и денес, двесте четириесет и девет години подоцна, се сè уште важен, клучен ориентир по кој се раководат Американците. Слободата, ограничената моќ и личната одговорност, вредностите што тие ги запишаа во Уставот, никој не ги доведува во прашање.

Убаво е да се слушне дека познатото наследство и понатаму се негува, но дали има смисла безусловно да се колнат во него цел милениум подоцна? Колку и да биле далековиди и мудри, тие господа беа пресудно одредени од историскиот момент во кој делуваа. Дали е можно тие да успеат да ги надминат сите ограничувања на ерата, да се истегнат високо и да замислат слика на светот во далечната иднина? Конечно, или пред сè, дали тие навистина можат да бидат овластени толкувачи на границите на граѓанските слободи и човековите права?

За почеток, кои воопшто беа односните господата, како го заработуваа лебот? Дури 41 од вкупно 56 од нив имале робови, па дури и оние кои немале, индиректно ги уживале придобивките од робовладетелската економија. Томас Џеферсон, кому треба да му заблагодариме за познатата реченица „Сите луѓе се родени еднакви“, имал неколку стотици робови. Додуша, тој зад себе остави цела низа текстови во кои експлоатацијата на ропскиот труд ја опиша како големо морално и општествено зло, залагајќи се за укинување на оваа нехумана практика.

Очигледно го гризела совеста, но не толку за со личен пример да покаже дека е дојдено време да се води решителна борба против ропството. На ниту еден роб не му ја подарил – всушност, не му ја вратил! – слободата. Бидејќи оставил огромни долгови, сите тие несреќни мажи и жени на крајот станале дел од оставинската маса, за потоа да бидат продадени на аукција на најдобриот понудувач. Меѓу нив имало и неколку вонбрачни синови и ќерки на Џеферсон, зачнати во врски – кои биле сè само не доброволни – со неговите робинки.

И Џорџ Вашингтон имал стотици робови, а и тој исто така жестоко агитирал за принципот дека сите луѓе треба да бидат слободни, но исто така не му паднало на памет да ги ослободи своите робови. Тој се обидел да го објасни овој парадокс со фактот дека е легалист: „Нема жив човек што поискрено од мене би сакал да го види усвојувањето на планот за укинување на ропството, но постои само еден правилен и ефикасен начин на кој тоа може да се постигне, а тоа е законодавната власт.“

Тој барем постхумно се искупил, бидејќи во тестаментот наредил по неговата смрт да се ослободат сите негови робови. Конечно, и генијалниот пронаоѓач Бенџамин Френклин исто така сакал да ужива во луксузот, да располага со бесплатна работна сила, но имал малку поскромни апетити (или можности), па имал „само“ неколку робови.

Кога повлекуваме линија под сè, најмалку 41 од 56-те потписници на двата клучни американски документи, Декларацијата за независност и Уставот, биле, да не заобиколуваме, силувачи и морални гниди чиешто разбирање за еднаквоста и слободата, од наша перспектива, било гротескно. И покрај сè, мнозинството Американци, и републиканци и демократи, ги доживуваат како некакви секуларни светци кои заслужуваат несомнено обожавање, а не критичко испитување.

Двете клучни вредности што ги проникнуваат нивните списи – ограничената власт и личната одговорност – се две страни на иста паричка. Во основа, тие заговарале дерегулација и намалување на државното влијание, и токму поради тоа ја почнале војната за независност. Доколку политиката на круната кон колониите беше малку пообѕирна и помека, ако повеќе ги почитуваше желбите и потребите на прекуокеанските поданици, а помалку ги дереше со високи даноци, којзнае како ќе течеше историјата. Но, вреди да се подвлече фактот дека од чиста потреба, условена од алчноста на кралскиот двор, татковците основачи упатиле барање што со текот на времето се претворило во несомнена догма.

Во 1978 година, на отворањето на источното крило на Националната галерија во Вашингтон, тогашниот претседател Џими Картер го одржал познатиот говор во кој објаснил зошто САД немаат министерство за култура. Меѓу другото, тој го рече следново: „Како што Капитолот ја симболизира нашата вера во политичката демократија и граѓанската слобода, Националната галерија ја симболизира нашата вера во слободата и генијалноста на човечкиот ум изразена во уметноста.

Во отворено општество како нашето, односот меѓу владата и уметноста мора нужно да биде деликатен. Немаме министерство за култура во оваа земја, а се надевам дека нема ни да имаме. Во оваа земја немаме официјална уметност, а се надевам дека никогаш нема ни да има. Без оглед на тоа колку една влада може да биде демократска, без разлика колку е чувствителна на желбите на својот народ, никогаш задача на владата не може да биде точно да дефинира што е добро, вистинито или убаво. Наместо тоа, владата мора да се ограничи на негување на почвата во која може да расте уметноста и љубовта кон уметноста. Значи, во тие граници, има многу што може владата да направи и многу што ние правиме“.

Да нема забуна, Картер не беше закоравен републиканец, туку либерален демократ посветен на промовирање на човековите права како најважен стандард на американската надворешна политика. Конечно, во 2002 година, тој ја доби Нобеловата награда за мир, за која портокаловата карикатура која се распиштолила во Овалната соба и фантазира во своите влажни соништа. И покрај сè, Картер бил убеден дека државата на никој начин не треба да се плетка во културата и уметноста, па буџетирањето на секаква некомерцијална креативност, во суштина, го препуштил на милост и немилост на филантропите. Тоа има смисла отприлика како прашањата за исхраната да ги делегирате на единствена надлежност на Каритас, Добротворот, Мерхамет или Армијата на спасот. А сето тоа тој го бранеше како жесток верник на двете темелни вредности на татковците основачи: ограничена власт и лична одговорност.

Картер, повторувам, не беше лош човек, ни оддалеку. Навистина, негова заслуга е што во 1980 година, Соединетите Американски Држави конечно, за првпат во историјата, добија Министерство за образование. Портокаловиот варварин ја доживува таа институција како трн во окото, па потпишал извршна наредба со која де факто започнува процесот на затворање на тој владин ресор. За тоа ќе му биде потребна поддршката од Конгресот, но и да ја нема, тој може да продолжи да работи на демонтирање на тој голем и сложен систем без ничие одобрение. А зошто го прави тоа? Од истата причина поради која своевремено креаторот на Министерството за образование зборуваше против идејата за формирање на министерство за култура. На Америка ѝ треба ограничена власт и лична одговорност, како што мудро пропишаа татковците основачи пред 249 години.

Сосема коректно, тоа значи дека прашањето за образованието ќе премине во надлежност на сојузните држави, кои можат да го уредат како што сакаат. А во некои од нив постојат многу сериозни иницијативи, кои ја уживаат поддршката на значителен дел од населението, работата за воспитување на децата да им се препушти на нивните родители. Се разбира, без оглед на тоа какви се формалните квалификации на татковците и мајките, дали тие можат нешто да ги научат.

Да се вратиме на прославените татковци основачи, нивното славно наследство сумирано во две клучни вредности, два неодминливи принципа со кои се регулираат помалку или повеќе сите сфери на јавниот живот, се покажуваат како основа за варваризирање на општеството. Ограничената власт, односно недостатокот на држава, и личната одговорност, значи, нагласувањето на слободниот избор на повеќе или помалку сè, во нивната крајна последица ја доведуваат во прашање голата смисла на секој општествен договор. Зошто треба да истраеме во одржувањето на заедницата кога веќе никој не сака и не може да го гарантира општото добро, а личниот метар е мерило за сите нешта, па каков било облик на консензус веќе не е возможен дури ни во теорија?

Сето ова го пишувам од една причина, на која, се плашам дека не обрнуваме доволно внимание. Доналд Трамп е цивилизациско зло и околу тоа не може да има никаков спор. Но, тоа зло порасна и процвета на многу плодна почва, уредно полевана со мантрата дека на Америка ѝ треба ограничена власт и неограничена лична одговорност.

Преведе:
Теодора Циклевска

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот