Profimedia

Големи приказни | Србија и Балканот меѓу големите сили (3)

Во големите кинески проекти влегува изградбата на автопат од пристаништето „Бар“ до границата со Србија, потоа пругата Велес-Скопје, како и изградба на брза пруга од Белград до Будимпешта, чија главна цел е поврзување на Пиреја со главниот град на Унгарија. Само за проектот за спојување на српската и унгарската престолнина, првично одобрената инвестиција на Пекинг изнесуваше 1.700.000.000 евра.

Зад целиот проект за изградба на врска меѓу Пиреја и Будимпешта преку Скопје и Белград, вреден околу три милијарди евра, стојат кинескиот државен колос „Коско“, Кинеската железница и Руската железница. Падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, освен што е човечка трагедија, има и голема геополитичка импликација што ги објаснува безгласните потези на властите во Белград и нивната неспособност да се справат со дадената ситуација.

Значителен број кинески фабрики се изградени на просторот на Западен Балкан, а освен што не ги почитуваат стандардите за заштита на животната средина, се истакнуваат и по кршење на работничките права. Стотици кривични пријави се поднесени против кинески компании, но малку од нив ја виделе светлината на правдата бидејќи за слабите и лесно подмитливи власти, и извршните и судските, Кина е преголема и премногу важна за некој да ѝ се спротивстави.

Кина максимално ја користи социјалната мрежа Тикток. Од една страна собира податоци за населението, особено за младите, а од друга за ширење прокинеска пропаганда и антизападни и антиевропски ставови.

Турција ги вооружува Албанија, Косово и БИХ, а со Србија ја зајакнува економската соработка

Анкара пласира „мека моќ“, не само во нашиот регион, туку и во другите делови на светот, преку „Турската агенција за соработка и координација“, попозната како „Тика“, чиј радиус на дејствување се движи од изградба на училишта и џамии до културни центри.

Државите од Западен Балкан кои беа под Отоманската империја до втората половина на 19 век, некои дури и до Балканските војни, станаа еден вид сурогат за членството на Турција во ЕУ. Режимот на Ердоган никогаш немаше амбиции навистина да ја внесе земјата во ЕУ, а наместо членство во Унијата, Турција го гледаше Западен Балкан како свое сидро во Европа и средство за пробивање во срцето на Стариот континент.

Турците буквално ја ставија под контрола Албанија. Во последните две и пол децении Тирана потпиша повеќе од 20 воени договори и протоколи во корист на Анкара и по американски рецепт ѝ позајмува пари на Албанија за купување турско оружје, вклучувајќи ги и познатите беспилотни летала „бајрактар“. Турција ја финансираше изградбата на најголемата џамија на Балканот во Тирана, а турската национална авиокомпанија де факто ја презеде „Ер Албанија“.

По Албанија, Босна и Херцеговина е втора земја со најблиски врски со Турција. Како и Тирана, и Сараево доби беспилотни летала „бајрактар ​​Тб2“ по многу поволни, поточно исклучително пријателски цени, а властите во Анкара великодушно им понудија бесплатна обука на војниците.

Турција, исто така, силно ги вооружи и косовските вооружени сили. Владата на Албин Курти можеше да се пофали пред две години дека добила беспилотни летала „бајрактар ​​Тб2“ и друга воена опрема. Анкара е, исто така, меѓу главните трговски партнери на Приштина и сака да се погрижи нејзиниот контингент во КФОР да биде добро застапен.

Новина во турската надворешна политика се многу добрите односи со Србија, згора на тоа, ако се погледне трговската размена и обемот на турските инвестиции во Србија, таа е најголема на Западен Балкан. За разлика од Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Македонија, каде што Турција игра на картата на религиозните чувства и историските врски, во Србија приказната се заснова на взаемни економски интереси, но и на типот на владеење што го практикуваат двајцата претседатели, Вучиќ и Ердоган.

Компаративната предност на Турција во односите со САД е тоа што во Вашингтон се смета за најмалку лош изведувач на американските интереси, не само на Западен Балкан, туку и на Блискиот и Средниот Исток и во Африка, каде што Турците сè почесто и повеќе се брана за руската и кинеската експанзија на интересите, а на Блискиот и Средниот Исток треба да го додадеме и Иран.

Српските талкања во надворешната политика

Србија е во проблеми од обновувањето на нејзината државност пред два века, бидејќи ја доживуваат како продолжена рака на Русија, поради што западните сили играа на картата на другите народи на Балканот: не затоа што имаа нешто против Србите, туку против Русите. И покрај оваа едноставна равенка која е во сила 200 години, многу малку српски лидери ја приспособуваа својата политика на овој факт и размислуваа со глава, а не со стомак. Затоа Србија често се наоѓаше на погрешната страна на историјата или беше принудена да плати превисока цена за својата „правичност“.

Обидот на Вучиќ да го имитира Тито со тоа што навидум ја држи Србија подеднакво блиску или дистанцирана од сите клучни актери на геополитичката сцена има смисла за неговата политичка кариера и опстанокот на власт, но е погубно за Србија на среден и долг рок.

Српската надворешна политика базирана на одржување добри односи со сите големи сили неизбежно завршува со замерување со една или со повеќе од нив, особено по почетокот на руската инвазија на Украина и сè поизразеното ривалство кое се претвора во непријателство меѓу САД и Кина.

Потпишувањето договор со Русија за борба против „обоените револуции“, купувањето „рафали“ од Французите, набавувањето на беспилотни летала од Израел, зајакнувањето на економските врски со Турција, давањето клучни концесии на Кинезите, ветувањето за ископ на ретки метали и минерали на Германците и отворањето за американските инвестиции, на хартија сето тоа изгледа како далекувидна и прагматична надворешна политика. Сепак, ова е само уште еден трагичен римејк на реченицата на Андриќ: „Да не се трудеше да им се допадне на сите, можеби некому и би му се допаднал“.

Уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад е исклучително проблематично за властите во Белград бидејќи секоја сериозна истрага би довела до кинеските инвеститори и компаниите одговорни за изградба на стратешкиот коридор, од Пиреја преку Белград до Будимпешта. Реакцијата на властите во Белград е производ на невозможна мисија: да ги исполнат барањата на студентите, а да не го налутат Пекинг.

Преведе:
Теодора Циклевска

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот