profimedia

Големи приказни | Србија и Балканот меѓу големите сили (2)

Заминувањето на рускиот енергетски колос не само што би било голем економски удар, туку и симболично за руското влијание и позиција што сака да ги проектира во овој дел од Европа. Во овој контекст треба да се очекува голема борба бидејќи Русите со помош на својата „петта колона“ во Србија нема лесно да се предадат.

Вашингтон ја започна завршната битка за протерување на „Гаспром“ од Србија. Санкциите кои се наметнати на НИС нема да бидат укинати, дури и ако утре се најде решение за Украина и се нормализираат односите меѓу САД и Русија и ЕУ и Русија.

Заминувањето на рускиот енергетски колос не само што би било голем економски удар, туку и симболично за руското влијание и позиција што сака да ги проектира во овој дел од Европа. Во овој контекст треба да се очекува голема борба бидејќи Русите со помош на својата „петта колона“ во Србија нема лесно да се предадат.

Во неговиот прв мандат во Белата куќа, Доналд Трамп, или подобро кажано, неговата администрација, формално го обврза претседателот Александар Вучиќ да не дозволи кинеските оператори да инсталираат 5Г мрежи во Србија.

Американците вложија големи напори заедно со нивните европски партнери да ја извлечат Црна Гора од таканаречената должничка стапица поставена од Пекинг преку финансирање и изведување на работите на автопатот од Бар до Бољари. Во исто време, Американците ја спречија кинеската државна компанија „Коско“ да го купи пристаништето Риека во Хрватска, фаворизирајќи влез на европски партнери во сопственичката структура на пристаништето.

Албанскиот премиер Еди Рама беше изложен на силни притисоци од повеќе страни за да се откаже од дарежливите кинески инвестиции, а минатата година беше отворена база на НАТО на околу стотина километри од Тирана.

Во Босна и Херцеговина, САД и ЕУ работат заедно на извлекување на Сараево и Бања Лука од рацете на Анкара и Русија, кои ја користат енергетската карта за да го зајакнат своето влијание во поранешната централна југословенска република. Изградбата на алтернативен гасоводен систем, од островот Крк кон Босна и Херцеговина, има за цел да ги замени Турскиот тек и рускиот гас со американски течен гас, кој би се испорачувал преку нов гасовод. Кон него би се приклучиле и Црна Гора и Албанија.

Американската политика кон Србија

Евидентна е промената во американската политика кон Србија. Би било површно и неточно да се припишат корекциите во пристапот на Вашингтон кон Белград само на амбасадорот Хил или поддршката за актуелниот режим. Во Стејт департментот и Пентагон созреа уверувањето дека е неопходно да се промени пристапот кон Србија за таа да се извлече од прегратките на „руската мечка“ и канџите на „кинескиот змеј“. Не се работи за привремени или лични иницијативи, туку за поширока стратегија на американско присуство во Југоисточна Европа.

Американците ги делегираа прашањата за Србија и Косово на Европејците, но во исто време продолжија да го следат целиот процес бидејќи не веруваа во способноста на ЕУ да може да го реши проблемот. Во отсуство на партнери кои можат да дадат резултат, Америка го започна процесот на привлекување на Србија во својата зона на интерес преку инвестиции и различни иницијативи, од дипломатски до воени и културни.

Идејата на Вашингтон, без оглед на тоа дали се работи за администрацијата на Трамп или за некои идни, е да го стабилизира регионот со давање широка автономија на Србите на Косово и гарантирање бројни бенефити на Србија од пристапувањето во ЕУ и привилегирани односи со САД.

Во американските очи, косовскиот премиер Албин Курти е клучна пречка за стабилизација на регионот и извор на проблеми. Максималистичките позиции на Курти толку многу го изиритираа Вашингтон што Косово се најде под удар на санкции, и покрај тоа што САД беа главниот спонзор на независноста на Приштина.

Во последните неколку години Америка стана трет најголем снабдувач на директни инвестиции во Србија. Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп, е меѓу најголемите индивидуални инвеститори, кој инвестираше 500 милиони долари за реквалификација и реконструкција на некогашниот Генералштаб во центарот на престолнината.

Кој ја претвора Србија во кинески тројански коњ во Европа?

За кинеската меркантилистичка економија, три пристаништа се од круцијално значење: Гвадар во Пакистан, Актау во Казахстан и Пиреја во Грција, додека за наративот за Кина, како заштитник на народите исклучени од Западот од банкетот на глобализацијата, Балканот е еден од целните региони. Србија е единствената европска земја во оваа констелација која се согласи да биде употребена за зајакнување и промовирање на геополитичките амбиции на Кина на Стариот континент.

Кина шири или поддржува антизападна и антиевропска реторика и чувства на многу поперфиден начин од Русија, особено во Југоисточна Европа. Пекинг многу лукаво ја пласира приказната за меѓународна соработка за развој, која подразбира кинески инвестиции, кои се подостапни и полесни за повлекување од европските. Додека инвестициите на ЕУ мора да бидат транспарентни, да подлежат на проверка од јавноста и во согласност со европските стандарди и норми, кинеските инвестиции се обвиткани во превезот на државни тајни, многу поволни за политичките лидери и менаџери на големи компании и многу помалку профитабилни за државите и граѓаните.

Во изминатите 15 години, Кина во речиси 150 проекти во балканските држави вбризга речиси 35 милијарди евра. Повеќе од половина од споменатите пари, близу 19 милијарди евра, отидоа во Србија за над 60 големи проекти. Ова го објаснува снисходливото однесување на српските власти кон Пекинг. ЕУ и САД донираа и инвестираа повеќе пари од Кина во Србија, но нивните лидери меѓусебно не се обраќаат како браќа, освен можеби Трамп, и не се зборува за „железно пријателство“ со очи полни солзи, и покрај тоа што 70 отсто од директните инвестиции во Србија доаѓаат од земјите на ЕУ, а повеќе од 80 отсто од српскиот извоз завршува во земјите на ЕУ.

По пристигнувањето на Балканот, Кинезите се фокусираа на изградба на сообраќајна инфраструктура, а потоа ги проширија своите апетити во индустрискиот, енергетскиот и технолошкиот сектор. Кина вредно работи повеќе од десет години на изградба на логистички коридори кои треба да го поврзат пристаништето „Пиреја“ (кинеската компанија „Коско“ го закупува најголемото грчко пристаниште веќе 99 години) со Централна и Западна Европа. Кинезите се обидоа, како што веќе споменавме, да го купат пристаништето во Риека, а извесно време го држеа под око и пристаништето „Бар“ во Црна Гора.

Преведе:
Теодора Циклевска

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот