
Големи приказни | Како војната на Трамп изгоре четири трилиони долари
Трговската војна со тарифите во стилот „рекла-кажала“ со Канада, Мексико, ЕУ и Кина и нивното влијание на рецесијата во САД предизвикаа огромна неизвесност на пазарите меѓу инвеститорите, производителите и потрошувачите.
Не можете само да ја гледате берзата, таа не е најважна, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс њуз во неделата на 10 март 2025 година.
Препорачано
Берзата ќе биде одлична… Бев многу горд што ја предадов земјата кога берзата беше поголема отколку што беше порано, пред да настапи пандемијата. Тоа беше неверојатно достигнување, рече Доналд Трамп на 9 и на 19 февруари 2025 година.
За само еден месец тонот со кој американскиот претседател зборува за берзата сосема се смени. До пред некој ден Трамп берзата ја правеше маркер за успех на неговиот прв претседателски мандат и често во тој мандат ја користеше како ЕКГ со кој го мереше здравјето на американската економијата, а заслугите си ги припишуваше на самиот себе. Во понеделникот, на 10 март, кога Њујоршката берза „пукна“, претседателот Трамп во ниту една од повеќе од дваесет емитувани објави на неговиот профил на Трут соушл (Truth Social) не се занимаваше со таа тема. Како берзата да не постои.
Невообичаено е што претседателот премолчи толку значајна вест бидејќи берзата доживеа голем пад во понеделникот и вторникот (на 10 и 11 март). Вредноста на индексот С&П 500 падна за четири милијарди долари. Tолкав раст на вредноста на берзата е остварен од победата на Трамп на изборите во ноември минатата години до 10 март.
Колкава е загубата покажува податокот дека бруто-домашниот производ на Јапонија изнесува 4,2 милијарди долари. Технолошкиот индекс „Насдак“ помина уште полошо – „Епл“ и Енвидиа паднаа по пет проценти од пазарната вредност, а „Тесла“ загуби 15 проценти, па така се избришани 125 милијарди долари од капитализацијата.
Постојат две причини за распродажбата на берзата: несигурноста создадена од политиката на Трамп „празни муабети“ во врска со трговските војни со Канада, Мексико, Европската Унија и Кина, и страв од рецесија. И додека инвеститорите масовно го повлекуваат капиталот, во Белата куќа владее молк. Се користи старата фраза дека тарифите се дел од поголем план и дека економските политики на Трамп ќе се покажат корисни на долг рок.
Во изминатите неколку недели, Трамп играше трговска воена игра „сакам-нејќам“ – се закануваше, наметнуваше, потоа суспендираше и повторно воведуваше царини за најголемите трговски партнери на Америка: Канада, Мексико, ЕУ и Кина. „Можеби ќе зголемиме некои тарифи. Зависи. Можеме да одиме нагоре. Мислам дека нема да одиме надолу, или можеби ќе одиме нагоре“, е омилената тактика на Трамп во наметнатата трговска војна со довчерашните сојузници.
Жонглирањето со вртоглавите промени во расположението и мерките, вклучително и исклучоците во последен момент за некои производители на автомобили и енергетски производи, разбирливо ги вознемири инвеститорите. Ваквиот нестабилен пристап кон тарифите им отежна на компаниите да планираат инвестиции и вработувања, а економистите да прогнозираат, поради што и едните и другите намуртено гледаат на военопоттикнувачката политика на Трамп. „Пазарите се исплашени од несигурноста што ја носи тарифната реторика“, вели Ендрју Бренер, шеф во брокерската компанија „Нешнл алианс секјуритис“.
Инвеститорите стравуваат дека ескалацијата на трговските тензии би можела да ја турне американската економија во рецесија. Коментарите на претседателот Трамп само ги поттикнаа стравувањата од економски пад. Претседателот во говорот пред Конгресот рече дека неговата тарифна политика би можела да предизвика „мало нарушување“ во економијата и смирувачки додаде: „Нема да биде големо“. Во интервју за Фокс њуз, тој го опиша она што може да следи како „период на транзиција“ и одби да ја прогнозира можноста за рецесија. Но, малку порано не ја исклучи рецесијата.
Запрашан во авионот „ер форс уан“ дали економијата ќе западне во рецесија оваа година, Трамп рече: „Којзнае“. Оваа изјава на претседателот познат по својата непоколеблива сигурност ги загрижи производителите, инвеститорите, работниците и потрошувачите. Последното нешто што ѝ треба на американската економија е претседател кој ја поттикнува неизвесноста.
Има два загрижувачки примера. Индексот на волатилност (мерка за очекуваните берзански осцилации) скокна од 12 на 28, што е над долгогодишниот просек. А моќната авиокомпанија „Делта ерлајнс“ веќе ги преполови процените за добивка за првиот квартал, наведувајќи ја зголемената економска несигурност во САД како главна причина. Инвеститорите на финансиските пазари до пред неколку денови беа убедени дека нестабилноста на берзата ќе го натера претседателот да ја преиспита стратегијата за трговска војна, но Белата куќа јасно стави до знаење дека турбуленциите на пазарот нема да влијаат врз нејзината политика.
„Основите на економијата се навистина силни. За жал, во моментов постои огромна неизвесност што влијае врз управните одбори и инвеститорите. Мислам дека луѓето би можеле да ги разберат тензиите со Кина. Но, Канада, Мексико и Европа се она што е збунувачко“, вели Питер Орзаг, извршен директор на инвестициската банка „Лазард“ во интервју за Си-ен-би-си.
Администрацијата на Трамп остава впечаток на тим што знае што прави, иако пореалното сценарио се чини дека е „село гори, баба се чешла“, или „нојот намерно ја закопува главата во песок“. Впечатокот за „контрола на штети“ се обиде да го докаже Скот Бесант, министер за финансии, тврдејќи дека „пазарот и економијата се навикнати на државни пари“ што ќе ги има сè помалку.
А бидејќи претседателот Трамп одлучи драстично да ја намали државната потрошувачка (во што Илон Маск „несебично“ му помага), „следи фазата на прилагодување“ односно транзиција („постои преоден период на транзиција“, вели Трамп), по што доаѓа златното доба ветено на претседателската инаугурација. Тие популистички ветувања можеби можат да поминат кај просечниот Американец, но економистите се скептични за способноста на претседателот да го претвори хаосот што го создаде во просперитет. Поранешниот министер за финансии на САД, Лери Самерс, смета дека Трамп си игра со оган, а Џулија Коронадо, шеф на консултантската фирма „Макрополиси перспективс“, смета дека политиката на Трамп страда од недостиг на визија за она што Америка сака да го постигне.
Црниот понеделник/вторник на берзата се совпаѓа со големата промена во начинот на кој Волстрит размислува за здравјето на американската економија и моменталниот раст на пазарот. Сега прогнозите за економски раст се пониски, а стратезите расправаат за веројатноста дека нивните цели за раст на индексот С&П 500 на крајот на годината можеби биле премногу оптимистички и веруваат дека падот не од планираните 10 отсто, туку од 14-20 отсто, би можел да биде пореална опција, што ја претвора берзата во „пазар на мечки“ (поопасна за вложување, многу акции ја губат вредноста и цените стануваат променливи).
Меѓутоа, има аналитичари кои веруваат дека неколку лоши недели не мора да навестуваат поширока економска катастрофа. Но, постојат стравувања, особено околу неизвесноста во врска со политиката, каде се движи, колку долго ќе трае и каков ќе биде крајниот резултат. Аналитичарите на „Голдман сач“ во понеделникот, 10 март, напишаа дека ги зголемиле шансите за рецесија во САД на 20 проценти. А нивните колеги од „Џеј-Пи Морган Чејс“ предупредуваат на „значително поголем ризик од глобална рецесија поради екстремните политики на САД“ и ја зголемуваат веројатноста за рецесија на 40 проценти.
Преведе
Теодора Циклевска
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“