/ Ilustracija DeepSeek / VP

Големи приказни | Како блицкригот на „Дипсик“ го потресе светот (1)

Никогаш во историјата на Волстрит не е видено една компанија да изгуби 600 милијарди долари во еден ден, како што тоа му се случи на производителот на микропроцесори „Енвидиа“.

Ние на Балканот и во Европа ништо не разбираме. Луѓето се заслепени од неважни теми. Малкумина разбираат дека сме сведоци на раѓање на нов империјализам заснован на вештачка интелигенција (ВИ) и дека за неколку години во светот ќе постојат само американски и кинески алгоритми за вештачка интелигенција.

Ми објаснуваше за време на новогодишното безделничење еден од највлијателните економски умови од овие простори, чиј интелектуален ангажман вклучува партнерства со еден од престижните американски универзитети и десетина високо рангирани кинески образовни институции. Го слушав со прилично голема доза на скептицизам.

А потоа, за само дваесет дена беше разбиен мојот скептицизам и неговата прогноза за годините што ќе поминат за да се конфронтираат кинеските и американските алгоритми во вештачката интелигенција. Веќе не станува збор за години за да се подготвиме за конфронтацијата, таа веќе започна.

Време на конфронтацијата: понеделник, 27 јануари 2025 година.

Првото место на конфронтација: Апстор (AppStore), каде што беа преземени два милиони бесплатни апликации за краток временски период: Дипсик Р1 (од истоимената кинеска стартап компанија), кинеската верзија на четбот со вештачка интелигенција, кој на тој начин го престигна конкурентот Чет џипити (ChatGPT) од американската компанија Опен АИ (Open AI). Американските медиуми пишуваат дека Дипсик Р1 во однос на перформансите речиси може да им парира на своите познати ривали Џипити-4 (Open AI), Лама (Meta) и Џемини (Google), додека чини значително помалку од нив.

Второто место на конфронтација: Њујоршката берза, каде што, поради појавата на Дипсик на пазарот, „седумте величествени“ американски технолошки компании изгубија една милијарда долари за еден ден. Толку се губело само за време на најголемите падови на берзата. Од таа сума најмногу загуби „Енвидиа“, производител на микропроцесори и еден од најголемите профитери од експанзијата на вештачката интелигенција, инаку миленик на Волстрит – 600 милијарди долари.

Нејзината вредност падна од 3,5 милијарди на 2,9 милијарди. Толкав дневен пад никогаш не е забележан во историјата на Њујоршката берза, а во исто време, овој преседан на Волстрит најавува неверојатно возбудлива конкуренција меѓу американските и кинеските технолошки компании во иднина. Војната за алгоритмот за вештачка интелигенција започна, но нема да ја водат армии, туку технолошки компании.

Иако најтешко погодените компании го вратија најголемиот дел од загубите по само три или четири дена, шокот е целосен. Побрзо отколку што некој очекуваше (се сметаше дека Кина значително заостанува во развојот на вештачката интелигенција), дојде одговор од Кина за спектакуларната намера (соопштена во кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп) на јапонската инвестициска компанија Софтбанк (SoftBank), Оракл (Oracle) и Опен АИ да инвестираат 500 милијарди долари во изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција.

Појавата на Дипсик само неколку дена по таа објава беше епска шлаканица за американските конкуренти (седумте величествени), чија пазарна вредност се зголеми за 10 милијарди долари од почетокот на бумот на вештачката интелигенција. Таа ги доведе во прашање напорите на Вашингтон да ја заузда иницијативата на Пекинг за технолошка надмоќ и поништи неколку фундаментални претпоставки за напредокот на вештачката интелигенција.

Кинескиот четбот го наруши верувањето дека поголемите буџети и врвните чипови се единствениот начин за напредување во вештачката интелигенција, покрена прашања за проценетите трошоци за изградба на вештачка интелигенција во иднина и поттикна неизвесност за судбината на чиповите со високи перформанси (чиј лидер во производството е „Енвидиа“).

„Дипсик докажа дека најсовремените модели на вештачка интелигенција можат да настанат со ограничени компјутерски ресурси и разбуди сомнежи за способноста на конкурентите да одржат доминантна предност во иновациите и да ги оправдаат огромните трошоци без да дадат значителни резултати“, изјави за Би-би-си Вејн Сан, главниот аналитичар за вештачка интелигенција во Каунтерпоинт рисрч (Counterpoint Research).

Што е Дипсик и кој е Лианг Венфенг, неговиот творец и сопственик на истоимената компанија?

Лианг Венфенг во декември 2023 година ја основаше компанијата Дипсик, а со четботот узлезе на пазарот кон крајот на 2024 година. Тој е и извршен директор на хеџ-фондот Хај-флајер (High-Flyer), кој користи вештачка интелигенција за анализирање финансиски податоци за донесување инвестициски одлуки (квантитативна размена).

Четботот Дипсик Р1 е најголемиот јазичен модел со отворен код досега и е способен да размислува и учи самостојно без човечки надзор. Тврди дека е дизајниран да одговори на прашањата на корисниците и ефикасно да ги подобри нивните животи.

Преведе: Теодора Циклевска

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот