
Големи приказни | Агресивната Русија и плашливите Европејци (2)
Според истражувањето на Галуп, само 32 отсто од испитаниците во земјите членки на ЕУ би војувале за својата земја или поединечно 14 отсто од Италијанците би се бореле доколку Италија влезе во војна, 20 отсто Австријци, 23 отсто Германци, 29 отсто Шпанци, 33 отсто Британци.
Москва толку многу ги зголеми своите воени трошоци во последните три години што во моментов троши повеќе пари од сите 30 европски членки на НАТО заедно. Во 2024 година, Кремљ потроши 462 милијарди долари, а европските НАТО држави 457 милијарди долари.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Москва во моментов има речиси ист број војници под оружје како и сите европски членки на НАТО, кои имаат нешто помалку од милион и пол војници. Од нив само 30 проценти се обучени и опремени за воени операции, додека другите се само за мировни операции или не се соодветно опремени или обучени. Велика Британија, на пример, има само 70.000 војници ефективно.
Само минатата година Русија произведе или поправи 1.550 тенка, 5.700 оклопни возила и 450 артилериски оружја од различни видови. Гледајќи ги вкупните бројки, во однос на 2022 година, Русија тројно го зголеми производството на тенкови, двојно го зголеми производството на оклопни возила и петкратно го зголеми производството на муниција со долг дострел. Во исто време, тригодишната војна во Украина е искуство што го немаат сите војници на европските членки на НАТО заедно.
Во европските членки на НАТО, бројот на американски војници варира помеѓу 75.000 и 105.000. Во исто време, Пентагон гарантира разузнавачки сектор, сателитска поддршка и, се разбира, ракети со долг дострел. Во разговорите со полскиот колега и началникот на генералштабот, новиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, им го гарантираше американското присуство на Полјаците, нагласувајќи дека претседателот Трамп ја разбира важноста на присуството на американски војници за одвраќање на Русија. Во оваа смисла, Полска е единствената земја во која американските војници сигурно ќе останат во догледна иднина, се разбира не засекогаш.
Европскиот страв и правилото на посилниот
Русија игра на картата на стравот во Европа и затоа шири дефетизам и апокалиптични теории бидејќи Европејците, со оглед на нивната просечна возраст и благосостојба, лесно се уценуваат, лесно се заплашуваат и имаат политички лидери што се подготвени да изградат поддршка на тоа чувство и да го отворат патот до власта. Од крајот на Втората светска војна, Западна Европа целосно им го препушти прашањето за својата безбедност на Американците, а по распадот на СССР практично сама се разоружа со драстично намалување на воените буџети.
По падот на Берлинскиот ѕид, се веруваше дека дојде „крајот на историјата“, особено во Европа, каде што постоеше општо прифатено убедување дека Вашингтон е новиот Рим и дека Американците можат да го обликуваат светот по своја лика и прилика. Факт е дека Американците никогаш не биле во можност да ја обликуваат целата планета по нивен вкус, но многу поголем проблем е што многумина го сфатија тоа во меѓувреме, почнувајќи од Кина и Русија, завршувајќи со Турција и Иран, а многу порано од Европејците кои сакаа да веруваат дека сме стигнале до „крајот на историјата“ и дека човештвото ќе може да живее од стекнатата дивиденда за мир.
Болната вистина за ЕУ и нејзините членки е дека во овој момент, без САД, Унијата не само што не би можела да ја нападне Русија, туку не би имала ниту соодветно оружје, доволно војници и потребната логистичка и сателитска поддршка за да се брани.
ЕУ се навикна да живее во еден вид полупротекторат, подвиткана во идејата дека американскиот безбедносен штит е неминлив и непробоен и дека на Европејците им останува само да се занимаваат со економијата, трговијата, туризмот и подобрувањето на квалитетот на животот, целосно надвор од историјата.
Како западните Европејци од воини станаа пацифисти
80-годишното промовирање на пацифизмот и уставното отфрлање на војната како политичко средство, суштински ги променија западните Европејци. Европските држави не го покорија целиот свет затоа што беа понапредни или попросветени, тоа дојде дури подоцна. Европа владееше со светот од откривањето на Америка до крајот на Втората светска војна благодарение на нејзиниот менталитет за војување.
Кога Колумбо ја откри Америка, Пекинг беше најголемиот град на планетата, а Кина беше технолошки најнапредната земја. Најдобрите математичари на преминот од 15 во 16 век живееле во Индија, најдобрите астролози во арапскиот свет. Отоманската војска била најмодерна и најефикасна, додека цивилизациите во Централна и Јужна Америка биле далеку пред европските.
Европејците, без разлика за кого станува збор, не ја покорија планетата затоа што беа технолошки, интелектуално, морално или генетски супериорни. Не би било коректно ова да се припише на среќата или бравурата на воените авантуристи, почнувајќи од шпанскиот конквистадор Кортес.
Европа не завладеа со светот затоа што беше технолошки понапредна или попросветлена и пообразована од остатокот на планетата. Војните беа „моторот“ на технолошкиот напредок и создавањето нации на Стариот континент.
По Втората светска војна, со исклучок на војните за југословенското наследство и краткотрајната војна на Кипар во 1974 година, Европа – особено нејзините западни и северни делови – беше оаза на мирот до руската инвазија на Украина. Во претходните 80 години, генерации Европејци се едуцирани на идејата за отфрлање на насилството и војната како политичка алатка. Под дополнителното влијание на Студената војна и насочените ракети со нуклеарни боеви глави, најсилните пацифистички движења на планетата беа создадени во западноевропските земји, а добар дел од партиите ја ставија оваа политика во нивните темели. Овие последици се видливи и преку отпорот на партиите од левиот центар според новиот план за вооружување на ЕУ.
Кој е спремен да загине за својата држава и за ЕУ?
Во добар дел од Западна Европа, повеќето граѓани сметаат дека многу не ги засегаат источните граници на ЕУ и руската закана. Руски војници не се видени во овој дел на Европа повеќе од двесте години. Толку долго што станаа еден вид митолошки суштества и извор на бројни урбани легенди.
Поради сето горенаведено, во западноевропските земји, вклучително и Велика Британија, постои многу мала подготвеност да се брани не само друга сојузничка земја во име на заедничките вредности и членството во ЕУ или Северноатлантската алијанса, туку и сопствената држава. Според истражувањето на Галуп, само 32 отсто од испитаниците во земјите членки на ЕУ би војувале за својата земја или поединечно 14 отсто од Италијанците би се бореле доколку Италија влезе во војна, 20 отсто Австријци, 23 отсто Германци, 29 отсто Шпанци, 33 отсто Британци.
Но, како што се приближуваме до границата со Русија, расте бројот на луѓе кои се подготвени да се борат за својата татковина. Речиси половина од Швеѓаните и Полјаците не се двоумат да застанат на прагот на својата татковина, додека тој процент е повеќе од половина во балтичките републики и Финска.
Стара и нова Јалта
Путин долго време повторува дека примирјето во Украина мора да биде поврзано со многу пошироката слика за воспоставување рамнотежа на европскиот континент. Не е тајна дека Кремљ би сакал војниците на НАТО, или барем американските, да се повлечат на териториите пред проширувањето на Северноатлантската алијанса по падот на Берлинскиот ѕид.
Поделбата на Европа во Јалта пред 80 години меѓу СССР и Западот беше во голема мера одредена од последните фази на тешката болест на американскиот претседател Френклин Рузвелт и бескрупулозноста на Јосиф Сталин.
Покрај тоа што е многу поблизок по менталната кондиција со Џо Бајден отколку со Трамп, Рузвелт наивно веруваше дека Сталиновиот Советски Сојуз е конструктивен партнер, заинтересиран за мир и подготвен, заедно со САД и преостанатите три партнери, Велика Британија, Франција и Кина, да изгради подобар свет со мултинационални организации, од Обединетите нации, Светската банка, до Меѓународниот монетарен фонд.
Благодарение на наивноста на Рузвелт, за Сталин беше детска игра да наплати данок во крв што СССР го плати за победата над нацистичка Германија преку окупацијата на половина Европа. Комунистичкиот диктатор вети дека Полјаците и Чехословаците ќе можат да изберат на која страна ќе бидат на изборите. Не го одржа ветувањето. Како што Путин денеска вели дека нема да ги врати териториите што ги окупираше во Украина, на Сталин не му падна на памет да им даде слобода на оние што ги „ослободи“ Црвената армија. На крајот, британскиот премиер Винстон Черчил ладно заклучи дека играта е изгубена затоа што ќе треба да започне нова војна за СССР да се врати на своите граници.
Како и сите злосторници изнесени на површина од калта на историјата, Сталин поседувал улично лукавство, но не бил способен за стратешко размислување. Така, тој беше убеден дека Обединетото Кралство и САД ќе војуваат поради британските колонии и дека Америка ќе се врати на политиката на изолационизам, оставајќи ја Европа на милост и немилост на Москва. Како и повеќето диктатори и автократи, Сталин страдаше од синдромот да верува во пропагандата што тој самиот ја ширеше.
Преведе
Теодора Циклевска
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“