Фото: FlyD on Unsplash

Големи приказни | Агресивната Русија и плашливите Европејци (1)

Русија игра на картата на страв во Европа и затоа шири дефетизам и апокалиптични теории.

Според извештаите на разузнавачките служби на Германија, Данска, Полска и НАТО, Русија ќе ги нападне европските членки на НАТО во временска рамка од три до десет години. Во бриселските кулоари кружат и анализи кои предвидуваат дека агресијата би можела да се случи и порано, веќе во 2027 година, епицентарот би можел да биде на југ, а жртвата да биде Молдавија, што зависи од натамошниот тек на војната во Украина и евентуалниот пад на украинскиот фронт.

Војната во Украина покажа дека Русија не е способна да изврши фронтален напад на голема земја, а не па на целата ЕУ. За три години агресија против Украина, Русите не само што не успеаја да ги освојат сите делови на Украина каде што руските говорници беа мнозинство, туку не успеаја да го освојат и целиот регион Доњецк, ниеден голем украински град, без разлика дали се работи за Харков, каде што рускиот беше мајчин јазик на двотретинското мнозинство пред војната, или Одеса, основана од царицата Катерина Велика.

Меѓутоа, целта на Русија не е да ја нападне цела Европа, туку нејзините најранливи и најизложени делови: Естонија, Летонија и Литванија на север и Молдавија на југ. Исто така, не беше кажано дека Москва ќе употреби класична инвазија, како во случајот со Украина. Постојат сериозни можности Русија со помош на хибридни војни, пропаганда и локални „петти колони“ да ја врати во својата сфера на влијание областа што ја нарекуваат блиско странство и која се совпаѓа со границите на поранешниот СССР.

За рускиот режим, да се биде неутрален во Европа значи само две работи: да не се биде член на НАТО и да се прифати, доброволно или под принуда, руско влијание и влегување во руската сфера на интерес. Конкретно, Русија има планови да ја освои Молдавија, но во Романија би била задоволна со марионетска влада предводена од претседател како Калин Георгеску.

Кога ќе слушнете како руските епигони велат дека вестите за руско мешање или злонамерно влијание или подготовки за напад врз членките на НАТО се „европски глупости или делириум“, сетете се дека истото го зборуваа и пред почетокот на агресијата на Украина.

Целта на Путин – Враќање на СССР

Животниот сон на рускиот претседател Владимир Путин е да влезе во историјата како голем реставратор на Руската Империја и да си обезбеди место во пантеонот на големите руски владетели, од Иван Грозни, преку Петар Велики и Катерина Велика, до Александар III и секако Сталин. Во Грузија веќе е инсталиран проруски режим, а Ерменија има таква географска положба што не може да се еманципира од Русија, со оглед на нејзиното историско искуство со Турците и Азербејџанците. Во Украина се води војна, а Кремљ освен што не ги враќа окупираните територии, не се откажа од воспоставување марионетски режим во Киев, во најдобрата сталинистичка школа.

Во исто време, во руските медиуми и на руските социјални мрежи се шири приказната дека Русија и Америка се подготвени за договорот на векот за поделба на сферите на влијание, според кој Кремљ би ја вратил контролата врз постсоветскиот простор заедно со стратегиското партнерство со Вашингтон. Луѓето од најблиското опкружување на Путин шират приказни дека може да се поништи Договорот од Беловешката шума, со кој беше декретиран распадот на СССР, со што ќе се отвори патот за обновување на заедничката држава, се разбира под хегемонската палка на Кремљ.

Путин, како и неговиот колега Доналд Трамп, често ја „малтретира“ историјата за политички цели. Замената на тезите со споредбата на Макрон со Наполеон е класичен пример за пропагандата на КГБ, бидејќи заканата за Стариот Континент не доаѓа од Елисејската палата, туку од Кремљ. Да потсетиме дека пред само четири месеци Путин триумфално го претстави ракетниот систем „орешник“, наведувајќи дека може да погоди кој било дел од Европа, а руската државна телевизија на гледачите им ги покажа сите престолнини на ЕУ и НАТО-членките што може да ги погоди.

Руските пропагандисти упорно повторуваат дека Русија никогаш не ги нападнала европските држави и секогаш се бранела од европските освојувачи. Намерно се прелетува преку фактот дека Сталинова Русија ја нападна Полска заедно со Хитлерова Германија и дека таа самостојно ја нападна Финска и ги окупираше Буковина и Бесарабија (денешна Молдавија), отцепувајќи ги од тогашна Романија со помош на ултиматум до Букурешт. Да не зборуваме како Русија стана, по површина, најголемата земја во светот проширувајќи се на југ и исток.

Читателите со подобро помнење ќе се присетат како руските трибуни и „петтата колона“ во европските држави го уверуваа јавното мислење дека Путин нема намера да ја нападне Украина, дека тоа се глупости, европски и американски делириум, гола русофобија итн. Истиот рецепт денес се користи за ширење приказни дека Русија нема намера да ја нападне Европа, напротив – Европа сака да ја нападне Русија.

НАТО знае дека прибалтичките републики и таканаречениот коридор Сувалки (долината што ја поврзува Белорусија со руската ексклава Калининград) е Ахиловата петица на Алијансата и затоа НАТО таму концентрираше значителен број војници и одбранбени системи за поддршка, од авиони до средства за т.н. кибернетска и електронска војна. Втората голема слабост на европските членки на НАТО е што без американска поддршка, не само што не можат да се спротивстават на масовниот руски ракетен напад, туку и немаат ни приближно соодветно производство на адекватно оружје. САД ги снабдуваат со повеќе од 70 отсто оружје, муниција и опрема своите европски партнери.

Нападот на Русија врз Украина доведе до промена на стратегијата на НАТО во прибалтичките републики. Првично, постоеја планови за ослободување на Естонија, Летонија и Литванија бидејќи се веруваше дека е невозможно да се одбранат од руските воени формации. Искуството од Украина покажа дека тоа е изводливо и затоа силите на НАТО се распоредени во прибалтичките републики, плус дополнителни формации во Полска, кои веднаш би биле преместени во воениот театар во случај на руски напад.

Трите прибалтички републики имаат заедно помалку од шест милиони жители, од кои околу еден милион се етнички Руси: 350.000 во Естонија, близу половина милион во Летонија и околу 150.000 во Литванија. Плус, конфигурацијата на теренот на прибалтичките републики е таква што тие тешко можат да се одбранат во случај на фронтален напад. Втората, негативна околност е што зад грбот на балтичките републики се наоѓа Калининград со својот нуклеарен арсенал.

Во прибалтичките републики, покрај домашни војници, се наоѓаат и германски, британски и канадски формации, додека во Полска има 14.000 американски војници. Естонија, Литванија и Летонија потпишаа договор за заедничка одбрана против Русија. Во Талин спроведуваат план да ги удвојат своите воени сили во следните неколку години, додека во Литванија ги поставија таканаречените „змејски заби“ на границата со Белорусија и регионот Калининград. Станува збор за пирамидална бариера за тенкови и борбени возила. Во Росток на германскиот брег на Балтичкото Море е формирана нова поморска команда на НАТО за северот на Европа.

Целта на Северноатлантската алијанса е да го спречи создавањето на рововска војна како онаа што моментално се води во Украина. Прагот за претрпување човечки загуби во Европа, особено во западниот дел, е многу низок и затоа НАТО би го искористил својот потенцијал да ги ослабне, десеткува и на крајот да ги уништи силите на агресорот за да се приближи до границите на трите прибалтички републики.

Јужен фронт

Втората насока на рускиот напад врз европските земји води кон југ, односно кон Романија и Молдавија. Меѓутоа, за да се случи тоа, руските воени сили мора да ја окупираат цела Јужна Украина и да се спојат со Приднестровје во Молдавија. Француските разузнавачки служби сметаат дека Молдавија и Романија се веднаш зад прибалтичките републики во однос на ризикот.

Како и во случајот со прибалтичките републики, особено Естонија и Летонија, етничките Руси во Приднестровје и русофилскиот дел од молдавското население би се користеле како „петта колона“. Во Романија, Русите го најдоа својот „дарк хорс“ во Калин Георгеску, зад кого стојат финансиски и логистички.

Минатата недела руските трупи во базите во Приднестровје спроведоа вежби со нови беспилотни летала и технологија за поддршка во офанзивните операции.

Русија веќе ја претвори својата агресија против Украина во глобална војна: ја вклучи редовната севернокорејска армија, користи ирански беспилотни летала, регрутира платеници за украинскиот фронт секаде каде што може, влијаеше на изборната кампања во Романија и Молдавија со директно финансирање и обезбедување логистичка поддршка на проруските кандидати на социјалните мрежи, шири со индустриска брзина лажни вести, теории на завера, дефетизам во западните медиуми, додека армијата од руски хакери со месеци врши информатички напади врз банкарските, транспортните, безбедносните и административните системи во земјите членки на ЕУ.
(Продолжува)

Преведе:
Теодора Циклевска


ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот