Брана/ Фото: Слободен печат/ Архива

Голем ХЕ „Чебрен“, голема манипулација

Во никој случај не смее да се дозволи со нашето национално богатство – реките и водата – да управува грчка фирма во период од 70 години.

Долината на Црна Река во поновата историја на хидроенергетиката на Македонија за првпат се споменува во Водостопанската основа во 1953 година. Тогаш за првпат се спомнува можна изградба на три хидроелектрани – „Чебрен“, „Галиште“ и „Тиквеш“ по долината на Скочивирската клисура до вливот во Вардар. Од овие три хидроцентрали од 1963 до 1969 година ќе се изгради ХЕ „Тиквеш“ како последна во сливното подрачје на Црна Река со висина на насипната брана од 105 м, каде што се очекува сигурен и максимален доток на реката. Освен максималното производство на енергија, акумулацијата ќе се користи за заштита од поплави како и за наводнување на Тиквешко Поле.

 Хронологија на ХЕ „Чебрен“

Од 1971 до 1977 година на барање на Грција од ООН се добиваат финансиски средства и се формира домашна македонска организација под името „Бонификација на Вардар“, која има за цел да ги истражи водостопанските и енергетските можности на сливот на Вардар, кој опфаќа 80 отсто од вкупната територија на Македонија. Истражувањата се вршени од реномирани фирми, а за „Чебрен“ и за „Галиште“ се предвидуваат лачни бетонски брани со висина меѓу 100 и 120 м. Набрзо по завршувањето на студијата, организацијата се распаѓа, а Грците не ја прифаќаат студијата зашто таа се однесувала за територијата на Југославија, а не за Македонија што тие не ја признаваат.
Во осумдесеттите години во Југославија интензивно се градат термоелектраните на јаглен и мазут. Здружението на југословенските електростопанства ЈУГЕЛ, финансира идеен проект за голем ХЕ „Чебрен“ со висина 192 метри на Црна Река за потребите на тогашниот заеднички енергетски систем, кој треба да го финансираат и да го градат сите југословенски републики.

Проектот беше работен според тогашните закони за води, каде што на прво место беше користење на водата од реките за енергетиката, а за еколошки и за климатски промени не стануваше збор. Меѓутоа, ревизијата заклучи дека овој проект е предимензиониран во однос на можностите и на протокот на Црна Река, дека е тотално финансиски нерентабилен и се откажаа од негова реализација.
По осамостојување на Македонија во 1994 година, се изработи Програма за стратешкиот проект „Вардарска долина“, која беше прифатена од првата Влада и од Собранието. Програмата ја изработија стручни лица за хидроенергетика, водостопанство, земјоделие, за железничкиот и патниот сообраќај како и за екологијата. Прва европска земја што покажа интерес за оваа програма беше Франција. Со доаѓањето на првиот француски амбасадор во Македонија, успеваме да обезбедиме финансиски средства за изработка на физибилити-студија за интегралниот проект „Вардарска долина“.
Притоа дојде до формирање на францускиот конзорциум, кој финансираше 80 отсто од вредноста на студијата и македонски конзорциум кој финансираше 20 отсто.

Во македонскиот, освен Владата, имаше уште 16 членки – градежни фирми, банки, осигурителна компанија, институти и други. Студијата се работеше според европските закони за води. Во 2007 година нашиот Закон за води се промени и ги прифати законите за води на ЕУ. На тој начин ние денес располагаме со физибилити-студија што одговара на европските критериуми за води, каде што на прво место е користењето на водите за пиење и за наводнување, а користењето за енергетика е на петто место. Максимално се почитува еколошката заштита и климатските промени.
Тоа значи дека проектот и тендерот за ХЕ „Чебрен“ (голем „Чебрен“) е невалиден затоа што е работен според стариот Закон за води и затоа треба да се преработи. За жал, оваа физибилити-студија не е прифатена од раководството на ЕСМ-Развој, дури не ја ни споменуваат дека постои во нивната документација.

Факти и аргументи

Во 2000 година Министерството за стопанство добива од ЕУ преку програмата ФАРЕ 1,4 милиони евра за да го продолжи проектирањето на водотекот на Црна Река со јасно дефинирана проектна задача: Да се изработат идејни проекти и тендер документација за ХЕ Скочивир, Чебрен и Галиште во состав со една постојна хидроелектрана „Тиквеш“, според оптимизационите резултати од физибилити-студијата „Вардарска долина“. Министерството за стопанство заедно со ЕСМ одлучуваат да ја изберат грчката човек-фирма „Ексергија“, која веројатно никогаш немала можност да проектира ваков тип објекти, покрај голем број реномирани фирми од Германија, Норвешка, Франција, Австрија и други.
Сите бевме сведоци дека работата беше поделена помеѓу ЕМО-ХЕП – Скопје, Градежниот факултет од Скопје, Електротехничкиот факултет од Скопје и двајца „експерти“, еден од Чехословачка и еден од Романија, кои беа ангажирани од грчкиот сопственик на „Ексергија“. Нормално, и финансиските средства беа активно поделени на соодветен начин.

Максимално изненадување, барем за мене, беше кога сопственикот на „Ексергија“ ја презентираше работата врз проектот во 2002 година во просториите на ЕСМ. Тој практично го презентираше проектот од 1983 година за ХЕ „Чебрен“ со висина 192 метри (голем Чебрен) со вградени реверзибилни агрегати со тендер документација. Сето тоа беше убаво спакувано и преведено на англиски јазик.
Мене само ме чуди како никој од Министерството и од ЕСМ воопшто не реагираа на оваа очигледна манипулација, каде што приложеното воопшто не одговараше на проектната задача.

Оттука ќе произлезат многубројни проблеми, кои нашево општество ги чувствува до ден денешен и тоа: се манипулира со средствата на ЕУ во Брисел, кои ги дава парите за наш сопствен развој; се манипулира со сопствениот народ, кому не му е јасно како може да пропаднат 13 тендери во период од 20 години, бидејќи тој не може да сфати дека се манипулира со неважечка техничка документација; се манипулира со МАНУ која во своите енергетски програми го претставува подрачјето на „Чебрен“ и водотекот на Црна Река, како центар за енергетски развој дури за изградба на нуклеарна централа и се манипулира со Владата на Македонија, која носи одлуки за оваа држава на планот на хидроенергетиката.
Во 2007 година се носи новиот Закон за води, а тоа значи дека сите проекти што не се реализирани во претходниот период се неважечки што значи дека и проектот за голем Чебрен е неважечки, односно невалиден. ЕСМ треба да го преземе францускиот проект, односно основните параметри на предвидената конфигурација на браните во клисурниот дел на водотекот на Црна Река. Основните параметри на браната за ХЕ „Чебрен“ се добиени преку извршената оптимизација на димензијата на браната и протокот на профилот на реката, а исто така треба да се направи нов тендер.
Сливното подрачје на Црна Река е многу специфично и мултифункционално.

Од изворот до профилот „Чебрен“ Црна Река поминува повеќе од 100 километри низ Пелагонија, а тоа значи голем број спротивставени интереси за користење на водата, кои стручните служби на ЕСМ не ги согледуваат или не сакаат да ги согледаат. Оптимизацијата на основните карактеристики на хидроелектраните „Скочивир“, „Чебрен“, „Галиште“ и вклопување на веќе изградената „Тиквеш“, средниот годишен проток на водотекот нуди скромна инсталирана моќност од 350 MW и можно годишно производство од 680 Gwh. Притоа не треба да се заборават заклучоците на студијата од 2006 година за подрачјето на „Пелагонија“ од Институтот за климатски промени на Нова Горица (Словенија), кои тврдат дека врнежите над Пелагонија до 2050 година ќе се намалат за 35%, а потребите за води ќе се зголемат за 50 отсто. Тоа значи дека треба да се градат помали и пофлексибилни брани и акумулации, а тоа ќе овозможи редовен и квалитетен проток во реката без поголеми осцилации во коритото.

Тоа исто така ќе значи вклучување на домашната градежна оператива во хидроенергетските објекти кои повеќе од 20 години не се градат во Македонија. Но, во никој случај не смее да се дозволи со нашето национално богатство – реките и водата – да управува грчка фирма во период од 70 години.

(Авторот е инженер, менаџер во време на реализацијата на физибилити-студијата „Вардарска долина“)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот