
Гоце Трајковски денеска не беше повикан за сведок на судењето за Вања
На рочиштето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не беше повикан сведокот Гоце Трајковски кој прибавувал снимки од безбедносните камери и заедно со таткото на Вања водел плодна паралелна истрага која на крајот доведе до тоа полицијата да го поврзе Цитроенот со грабнувањето на малолетното девојче.
Препорачано
Трајковски е осомничен за друго кривично дело и минатата недела се предаде на полицијата во полициска станица, но на рочиштето во кривичниот суд денеска не беше повикан.
Обвинителството ќе продолжи да ги изведува снимките како доказ. Доколку заврши со изведувањето на овие докази, после рочиштето јавната обвинителка Ана Стојковиќ Димитровска ќе даде изјава. За денешното судење има најави дека еден од обвинетите сака да се произнесува во однос на барање за изземање на обвинителката.
За убиство и грабнување обвинети се Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, а за помагање обвинет е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Сите се изјаснија за невини иако до самите безживотни тела на жртвите полицијата беше доведена токму од Влатко Кешишев. Вања Ѓорчевска според обдукцијата била убиена на свиреп начин, од влезот на зградата каде живеела била присилно изнесена, со лента на устата и врзана со стеги за рацете и нозете. Дупките во кои биле закопани убиените Ѓорчевска и Жежовски биле однапред ископани.
Мотивот според обвинителството е користољубие односно да се изнудат пари за откуп од страна на мајката Зорица. Но откуп никогаш не беше побаран а Вања беше убиена само два часа откако беше грабната.