Го послуша ли Арсовска гласот на скопјани? – Ризлата останува, освен на патеката кај лавиринтот

Што точно предвидува реконструкцијата на пешачките патеки во паркот денеска е вистинска „енигма“ за граѓаните, затоа што од Град Скопје молчат и не одговараат на прашањето дали ќе го сменат проектот и ќе го прекинат асфалирањето, а од ЈП „Улици и патишта“ пак се зафатија со обновување на ризлата на патеките

Не стивнуваат реакциите во јавноста по информацијата на градоначалничката Данела Арсовска дека ќе бидат покриени со асфалт патеките во првиот дел на Градски парк, кои досега беа со ризла. За едната од нив, онаа околу малиот лавиринт,  Град Скопје веќе се пофали и со фотографии за да покаже колку е „убаво“ сега средена, откако е асфалтирана.

Но, што точно предвидува реконструкцијата на пешачките патеки во паркотденеска е вистинска „енигма“ за граѓаните. Од Град Скопје молчат и не одговараат на прашањата дали ќе го сменат проектот и ќе го прекинат асфалирањето, а од ЈП „Улици и патишта“ пак се зафатија со обновување на ризлата на патеките.

Дали Арсовска се премисли, па не сака да признае дека го послушала гласот на јавноста, скопјани ќе можат да видат откако реконструкциите ќе завршат. Сепак, таа на почетокот на најавената обнова на патеките рече дека е предвидено да биде реконструирана вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк.

Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса – рече Арсовска.

И покрај молкот од Град Скопје, од ЈП „Улици и патишта“ информираа дека ја обновиле оштетената опрема во дел од паркот, а меѓудругото дека се поставени држачи за велосипеди кај лавиринтот во првиот дел од Градски парк, „каде што е обновена и ризлата на патеките, а една патека околу лавиринтот е асфалтирана“.

Екипите и во наредните денови ќе ги продолжат активностите во Градскиот парк, со обновување на ризлата на пешачки патеки во првиот дел и со санација на сите оштетени елементи кои ќе бидат пријавени – велат од ЈП „Улици и патишта“.

Но, наспроти официјалното соопштение од претпријатието, директорот на претпријатието Борис Настов тврди дека никогаш не се планирало асфалтирање на патеките, а на едната асфалтирана, кај лавиринтот, одозгора ќе се ставал тартан.
И за ова засега нема потврда од Град Скопје, а подлога од тартан воопшто не беше спомената во првичните изјави на Арсовска и Настов.

На идејата на Град Скопје да ги асфалтираат патеките кои досега беа покриени со ризла имаше лавина негативни реакции во јавноста, кои, меѓу другото, укажуваа дека патеките во парк треба да се изработени од природни материјали, да не создаваат топлина, затоа што паркот е единственото прибежиште на скопјани за спас од летните горештини.

Од иницијативата  “Зелен хуман град“ со официјален допис побараа Град Скопје да прекине со асфалтирање на пешачките патеки во Градски парк и да ги адаптира своите активности на препораките кои се дел од стратешките документи што локалната самоуправа ги изработува, а се платени од јавни пари. Тие потсетија дека во Студијата за урбани топлински острови во Скопје од 2018 година е наведено дека конвенционалните материјали за поплочување, односно асфалтот, преку лето може да се загрее од 48 – 67 Целзиусови степени.

Реагираше и ексградоначалникот Петре Шилегов со став дека изборот на асфалт како подлога за патеки во парк, во денешно време, е работа на тотално незнаење и лош вкус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот