
Глобализацијата е мртва, но планетаризацијата допрва треба да се роди
Буџетите за одбрана ги надминуваат климатските инвестиции, а опасноста лежи во тоа што новите технологии прво ќе се искористат за конфликт, а не за колективен опстанок.
Во ноември 1985 година, за време на нивниот прв самит во Женева, американскиот претседател Роналд Реган и советскиот претседател Михаил Горбачов избегаа од службените состаноци за да разговараат приватно. Дури години подоцна дознавме за што разговарале.
Препорачано
Горбачов во емисијата Чарли Роуз изјави дека Реган му поставил запрепастувачко прашање: „Што би направиле ако Соединетите Американски Држави одеднаш бидат нападнати од некој од вселената? Дали би ни помогнале?“ Горбачов одговорил: „Нема сомнеж во тоа“, на што Реган возвратил: „И ние“. Иако двете суперсили беа заробени во трка во нуклеарно вооружување и се заплашуваа една со друга низ цела Европа, сè уште можеа да замислат обединување против заедничка егзистенцијална закана.
Четири децении подоцна, човештвото се најде во уште една трка во вооружување. Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм известува дека глобалната потрошувачка за одбрана достигнала рекордни 2,7 трилиони долари во 2024 година – зголемување приспособено на инфлацијата од 9,4 проценти во однос на претходната година. По девет последователни години на такво зголемување на потрошувачката, овој пораст е без преседан од крајот на Студената војна, со малку назнаки дека ќе се забави. Десетици земји ги прошируваат своите војски, а сè повеќе влади преземаат долгорочни обврски за зголемување на своите буџети за одбрана.
Колач за поделба
Причините се многу, а некои се разбирливи. Освен руската војна во Украина, растат тензиите во источна Азија и на Блискиот Исток, како и ранливостите во сајбер просторот и вселената. Но, што е уште поважно, оваа ескалација ја одразува пропаста на глобализацијата каква што ја познававме – што значи поредок заснован на правила, вкоренет во мултилатерализам, отворена трговија и меѓународна соработка.
Лесно е да се заборави колку расположението беше поинакво пред само десет години. Во 2015 година – врвот на најновиот бран на глобализација – светските челници донесоа три значајни договори: Акцискиот план од Адис Абеба за финансирање на развојот, целите на одржлив развој на Обединетите нации и Парискиот договор за климатски промени. Кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Барак Обама се ракуваа во Вашингтон, што беше знак – барем за многу набљудувачи – дека новата доба на одржлива, инклузивна и отпорна глобализација е на дофат на раката.
Но, оптимизмот што произлезе од тоа се покажа краткотраен. Во рок од неколку години, трговските војни, националистичката и нативистичката политика и геополитичките ривалства го поткопаа претходниот консензус. Денес царините, субвенциите, индустриската политика, бегалската криза и новата трка во вооружување сведочат за светот во кој соработката го загуби својот сјај. Како што тврди францускиот историчар Арно Орен, тезата за „крајот на историјата“ отстапи место на светот што е повторно замислен како конечен – како колач што треба да се подели, а не да се прошири. Според овој начин на размислување, она што е мое, е мое, а за она што е твое може да се преговара.
Но, егзистенцијалните закани што го инспирираа мисловниот експеримент на Реган сè уште се тука и се поитни од кога било. Климатските промени, колапсот на екосистемите и ширењето на социјалните нееднаквости нè загрозуваат сите нас. Тие се темелно документирани, нивните последици се веќе видливи, а стратегиите за справување со нив се разработени во безброј документи за политики и извештаи на експерти. Сепак, тие постојано се третираат како секундарни во однос на непосредниот страв од агресија од сосед или од ривал.
Идните историчари – ако таа професија сè уште постои – ќе се прашуваат зошто во средината на 2020-те хомо сапиенсот вложи невидени ресурси во подготовка за меѓусебна борба, занемарувајќи го колективното делување против очигледните планетарни закани. Вклучените износи се запрепастувачки. Речиси три трилиони долари годишно посветени на одбраната би можеле да покријат значаен дел од инвестициите потребни за декарбонизација на нашите економии, приспособување на климатските промени и зачувување на биолошката разновидност.
Наместо да ја прошириме кооперативната логика на глобализацијата на планетарниот опстанок, ние ја реконструираме со ѕидови, царини и оружје. Наречете го тоа „глобализација на бодликава жица“. Човештвото ќе остане меѓузависно, но односите ќе се управуваат не со заеднички институции, туку преку сфери на влијание. Во меѓувреме, планетата ќе се повлече од политичката свест.
Како што Софокле предупреди: „Злото понекогаш може да изгледа добро на оној чиј ум боговите го водат во пропаст“. Лудо е да се биде опседнат со релативната геополитичка моќ додека ја игнорираме апсолутната реалност на планетарните граници. За да постои каква било надеж, мораме да измислиме нешто ново: не глобализација, туку „планетаризација“ – сознание дека зачувувањето на нашиот кревок свет е предуслов за сè друго. Претстојните собири, како Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP30) во Белем во Бразил, нудат можности за унапредување на таквата перспектива, дури и по овогодишните разочарувачки преговори за решавање на проблемот со пластиката во нашите океани. Но, времето истекува.
Отрезнувачки аргументи
Некои ќе тврдат дека сликата не е толку мрачна бидејќи човештвото доживува извонреден период на научни и технолошки иновации. Со оглед на напредокот во вештачката интелигенција, биотехнологијата, обновливата енергија и напредните материјали, зошто да не се потпреме на човечката генијалност да нè извлече од тоа?
Противаргументот е отрезнувачки. Пред еден век, револуционерните откритија во физиката, хемијата и медицината исто така ветуваа златна иднина, што на крајот доведе до она што Французите го нарекоа „30 славни години“ по Втората светска војна. Но, пред да стигне таму, светот претрпе разорна Голема економска криза, фашизам и глобална војна водена од тие нови технологии. Проектот „Менхетн“ произведе нуклеарно оружје пред енергијата содржана во атомот да биде ставена во цивилна употреба. Науката што ни даде модерно ѓубриво исто така создаде хемиско оружје.
Денес вештачката интелигенција и другите откритија исто така можат да го трансформираат општеството. Но, ако историјата е некаков водич, воените примени ќе ги надминат цивилните употреби. Како и секогаш, треба да „го следиме парите“: буџетите за одбрана ги надминуваат климатските инвестиции. Опасноста не е во тоа што технологијата ќе пропадне, туку во тоа што прво ќе се искористи за конфликт, а не за колективен опстанок.
За разлика од поранешните историски пресвртници, оваа не нуди втора шанса. Ресурсите се ограничени, буџетот за јаглерод брзо се намалува, а границите на планетата се напнати. Изборот е суров: глобализацијата може да се реорганизира во милитаризирана низа на политички блокови, каде ресурсите се трошат со трговски војни, културни војни и вистински војни, или можеме да ја прифатиме „планетаризацијата“ и да почнеме да следиме стратегии за достоинствено преживување.
Проект синдикејт
(Авторот е поранешен директор во Светска банка)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“