Христијан Мицкоски / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

„Гледам нескриена радост и возбуда кај опозицијата од пожарите“, вели Мицкоски

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва на партиска трибина во Штип зборуваше на повеќе актуелни теми, меѓу кои и за ситуацијата со пожарите и за гласањето недоверба во Собранието за државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

„Гледам една нескриена радост и возбуда кај опозицијата од пожарите. Истата таа возбуда ја имаа и кога секојдневно ја злоупотребуваа големата и ужасна трагедија во Кочани. Така брутално, дневнополитички и паушално излегуваат на прес-конференции додека стотици граѓани заедно со пожарникарите и полицијата и луѓето од Македонски шуми борба бијат на дневно ниво против пожарите во Македонија и во време кога за жал нашата татковина во одредени делови е во пламен“, рече Мицкоски.

Мицкоски укажа дека „тие наместо да бидат помеѓу народот одбираат со салонски прес-конференции да потпалуваат и да се радуваат на секој пожар“.

Мицкоски и директно го обвини СДСМ дека „потпалува пожари“.

„Кога нивни луѓе ќе ги видиме озарени како потпалуваат пожари за да има политички пожари, како живи ќе ги фатиме со огнот во раце за да имаат потоа причина за прес-конференции, тука се е јасно“, рече Мицкоски.

Околу интерпелацијата за работата на обвинителот Коцевски во Собранието, Мицкоски го нарече „нивниот државен јавен обвинител“.

„Уште една тема којашто вчера многу јасно, кристално јасно ја видовме во македонското Собрание како постапуваат против интерпелацијата на државниот јавен обвинител. Сами се соголија. СДСМ и ДУИ останаа единствената сламка за спас на кариерата на државниот јавен обвинител затоа што е јасно дека тој им е последниот бастион во одбрана на нивниот криминал во изминатите седум години, затоа нема ниту еден отворен случај против висок функционер на СДСМ и ДУИ“, рече Мицкоски.

Според него, „паѓаат во вода сите оние тиради од прес-конференции за оној страшен ужасен случај во Кочани, оние лажни повици, буцкањата каде лажно велеа дека бараме правда“.

„Па, тој случај токму го води, токму овој за којшто сега зборував, нивниот државен јавен обвинител и нема потреба да повикуваат јавно, слободно нека си го викнат, нека си се затворат во канцеларија тие малкумина што останаа во раководството на СДСМ и ДУИ и нека си го прашаат Коцевски до каде е. А, ние нема да се откажеме од борбата за правда и подобар живот и правда ќе има, и ќе има подобра иднина која сакаме да ја донесеме“, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот