Гидеон Леви

Германскиот молк за Газа предолго трае

Германија нема право да молчи. Таа прва требаше да го носи знамето на европскиот отпор против она што се случува во Појасот Газа. Но таа се крие зад остатокот од Европа, не само поради своето минато, туку и поради индиректната одговорност за етничкото чистење на Палестинците, која веројатно немаше да се случи без холокаустот.

Германија го изневери сеќавањето на холокаустот и неговите лекции. Државата за којашто највисоката задача беше да не заборави – заборави. Државата што рече дека никогаш повеќе нема да молчи – замолчи. Државата што еднаш рече „никогаш повеќе“ – а сепак, сето тоа повторно се случува. „Повторно“ со оружје, финансирање, со молчење. Нема друга земја што подобро од Германија требаше да ги препознае „ужасните општествени процеси“. Секој Германец ги познава подобро од некој Јаир Голан. Во Израел тие процеси се во полн ек, а таа не ги гледа. Неодамна се разбуди од сонот, но предоцна.

Кога на германските телевизии се прикажуваат прилози од Маршот на знамињата во Ерусалим, гледачите се присетуваат на Кристалната ноќ. Кој не ја гледа таа сличност, го изневерува сеќавањето на холокаустот. Кога во Германија се пренесуваат сцени од Газа, гледачите мора да ги видат концентрационите логори и гетата што ги изгради нивната држава. Кога ги гледаат гладните жители на Газа, мора да ги видат прегладнетите преживеани во логорите. Кога ги слушаат фашистичките изјави на израелските министри и други јавни личности за убиства и трансфер на население, дека „нема невини“, но и за убиствата на бебиња, мораат да ги слушнат морничавите гласови од сопственото минато што го зборуваа истото – на германски.

Германија нема право да молчи. Таа прва требаше да го носи знамето на европскиот отпор против она што се случува во Појасот Газа. Но таа се крие зад остатокот од Европа, можеби нелагодно, не само поради своето минато, туку и поради индиректната одговорност за Накба (етничко чистење на Палестинците), која веројатно немаше да се случи без холокаустот. Германија исто така има и делумно морална одговорност кон палестинскиот народ.

Израелската окупација немаше да се случи без поддршката од САД и Германија. Целиот овој период Германија се сметаше за вториот најдобар пријател на Израел. Пријателството се подразбираше и беше безусловно. Сега Германија ќе ја плаќа цената за долгите години страшна автоцензура, период во кој беше забрането да се критикува Израел – светата жртва.

Секоја критика на Израел во Германија се етикетираше како антисемитизам, а секоја праведна борба за палестинскиот народ беше криминализирана. Држава во која една голема медиумска мрежа сè уште од секој новинар како услов за вработување бара да вети дека нема да го доведува во прашање правото на Израел на постоење, не може да тврди дека ја почитува слободата на изразување. Но ако актуелната политика на Израел го доведува во прашање самото постоење на Израел, зарем не е обврска тоа да се критикува?

Во Германија е тешко, речиси невозможно да се критикува Израел – без оглед што прави. Тоа не е пријателство, туку заробеност од минатото што мора да престане – поради она што се случува во Газа. „Посебните односи“ не смеат да имаат печат на одобрување на воените злосторства. Германија нема право да го игнорира Меѓународниот кривичен суд, кој беше основан токму поради нејзините поранешни злосторства, ниту да кани израелски премиер по кого е распишана потерница за воени злосторства. Таа нема право да повторува стереотипи за минатото и да положува цвеќе во Јад Вашем – на само час и половина од Хан Јунис.

Германија сега се соочува со најтешкиот морален тест во нејзината историја од времето на холокаустот. Неколку недели по инвазијата врз Украина, таа започна процес на воведување строги санкции против Русија. Дваесет месеци по инвазијата на Газа, Германија сè уште не презела каков било чекор против Израел, освен празни и неискрени изјави, како и останатите европски држави.

Германија мора да се промени – не и покрај нејзиното минато, туку токму поради него. Не е доволно канцеларот Фридрих Мерц да изјави дека веќе не може да се оправдува израелското бомбардирање на Газа. Тој мора да преземе мерки да помогне тоа да запре. Не е доволно министерот за надворешни работи Јохан Вадефул да каже дека „Германија нема да дозволи да биде ставена во позиција да покаже присилна солидарност“. Време е Германија да изрази солидарност со жртвите, да се ослободи од оковите на минатото што ја оддалечуваат од лекциите од холокаустот.

Германија не смее да седи со скрстени раце и да дофрла зборови на осуда. Со оглед дека Газа е во ужасна состојба, ова што се случува е молк, срамен молк на Германија.

Хаарец

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот