
„Генералка викенд“ во Карпош на чело со градоначалникот Јакимовски
Администрацијата на Општина Карпош како дел од националната еко акција „Генералка викенд“ ја продолжи традицијата и се вклучи во акцијата за почист Карпош.
Препорачано
Оваа година акцијата е во организација на „МаМ Хоум“ во соработка со „Пакомак“ , „Нулта отпад“ и ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, а се спроведува во 55 општини на ниво на целата држава.
Целта е да се собере што е можно повеќе отпад, кој потоа ќе се однесе до најблиската ПАКОМАК, Нулта Отпад или локалната комунална станица за отпад и каде што потоа ќе се измери количината на собраниот отпад.
Предвидено е, за секои 10 килограми отпад, Министерството за земјоделство да донира по едно дрво во својот годишен план за пошумување нови шуми наречени „СОНЧЕВА ГОРА“ – национални зелени споменици што ќе растат секоја година.
Првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски, е голем поборник за здрава и чиста околина, кој се вклучи во оваа еко акција и забележа дека вработените во ЈП Комунална хигиена и ЈП Паркови и зеленило не си ја вршат ревносно работата за поголема хигиена и зеленило во градот Скопје.
-Јас како градоначалник кој веќе 15 години ја водам општинава, го поставувам прашањето, има ли смила за постоењето на овие две јавни претпријатија, вака како што тие се поставени?! Можам слободно да кажам дека ние сме заробеници на овие две претпријатија со години. Хигиената некогаш била многу подобра но имало моменти кога и била полоша, но во моментов таа е најлоша, благодарение на лошото функционирање на овие две јавни претпријатија. – рече Јакимовски.
Тој додаде дека е голем поборник овие две претпријатија да се поделат подеднакво на сите скопски општини и приходите да доаѓаат во Општините, за да може хигиената во секоја Општина да биде на ниво за какво заслужува секој граѓанин.
Тој исто така посочи дека граѓаните на Карпош плаќаат најдобро за одржување на хигиената и комуналните работи, односно над 85% наплата секој месец, што значи дека на овој начин Карпош би имал најдобра хигиена.
Во текот на вчерашниот ден, најмалите излегоа и ги исчистија дворовите на своите градинки, а повозрасните деца, дворовите на училиштата и беа собрани 147 вреќи со пластика, хартија и лименки.
Денеска се вклучи целата администрација, вработените кои се задолжени за хигиената, како и дел од волонтерите на Црвениот крст на РСМ.
За прв пат оваа година поддршка дава и подмладокот на Ротари клубот – Ротари арт, како и активисти од Сојузот на борци на општина Карпош.
Акцијата за чистење е една од активностите што се спроведуваат за да се подигне јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпадот и позитивно влијание врз зачувувањето на животната средина. Еко акцијата ја поддржуваат општествено одговорни фирми како Пакомак, Пивара –Скопје, Шпаркасе Банка и Нула Отпад, , Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство, Костал, ЕВН, Макстил, Бучим, Бимилк и Црвен крст.