Фото: EPA-EFE/Guillaume Horcajuelo

Гатузо разочаран заминува од Хајдук: Никаде во Европа не сум видел да се води клуб на овој начин

Џенаро Гатузо, италијанскиот фудбалски стратег кој со големи амбиции пристигна во Сплит пред помалку од една година, наскоро и официјално ќе стави точка на својата епизода на клупата на Хајдук. Иако имаше важечки договор на две сезони, тој потврди дека натпреварот против Риека на „Пољуд“ ќе биде негов последен како предводник на „белите“.

„Со мојот адвокат работам на тоа овој дуел да биде мојот последен домашен натпревар“, изјави Гатузо. Во исто време и нагласи дека нема намера да бара финансиски обештетувања за преостанатата година од договорот.

„Не сакам да наплатам нешто што не сум го одработил. Тоа не е мој принцип“, порача некогашниот тренер на Милан, Наполи, Валенсија и Марсеј.

Во искреното обраќање до јавноста, Гатузо не ги сокри тешкотиите со кои се соочувал во Сплит, упатувајќи и сериозни критики кон управата на клубот.

„Сфатив дека навивачите се револтирани, на тренинзите не штитеше полиција… Сепак, мораме да го дадеме максимумот до крајот. Хајдук е повеќе од клуб, тоа е стил на живот, особено во град како Сплит. Горд сум што седев на оваа клупа, но морам да бидам искрен, со месеци не сум ги видел луѓето што го водат клубот.  Во ниту една земја во Европа не сум видел вака да се менаџира сериозен клуб“, истакна Гатузо.

Сплит и Хајдук очигледно не беа средина која му одговараше на темпераментниот Италијанец, кој заминува со горчина, но и со доза на достоинство, без барање за финансиска компензација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот