
Франција размислува да ги забрани социјалните мрежи за деца под 15 години, а за тинејџерите – ноќен „дигитален полициски час“
Комисијата беше формирана во март за да го испита Тикток и неговите психолошки ефекти врз малолетниците, по тужбата поднесена од седум семејства против платформата во 2024 година, обвинувајќи ја за изложување на нивните деца на самоубиствена содржина.
Парламентарна комисија која ги истражуваше психолошките ефекти на социјалните медиуми врз децата во Франција, предложи целосна забрана на нивно користење за деца под 15 години, а за оние помеѓу 15 и 18 години да се воведе ноќен „дигитален полициски час“.
Препорачано
Препораките беа презентирани пред пратениците по неколкумесечни сослушувања на семејства, директори на социјалните медиуми и инфлуенсери.
Канцеларијата на претседателот Емануел Макрон веќе сигнализира дека ја поддржува забраната за деца и адолесценти откако Австралија започна со изготвување на закон минатата година со слична забрана за децата под 16 години.
Комисијата беше формирана во март првично за да го испита Тикток и неговите психолошки ефекти врз малолетниците, по тужбата поднесена од седум семејства против платформата во 2024 година, обвинувајќи ја за изложување на нивните деца на самоубиствена содржина.
Главниот автор на извештајот, Лор Милер, изјави дека зависниот дизајн и алгоритам на Тикток „се копирани од други социјални мрежи”.
Тикток соопшти дека безбедноста на младите корисници на апликацијата е „највисок приоритет“.
Мајката на 18-годишна девојка која извршила самоубиство, изјавила дека по смртта на нејзината ќерка минатата година, открила видеа за самоповредување кои девојчето ги објавило и ги гледало на Тикток.
Таа ја обвини платформата за недостаток на онлајн контрола и за продлабочување на мрачните импулси на нејзината ќерка.
Директорите на Тикток, во сопственост на кинеската компанија ByteDance, изјавиле на парламентарниот комитет дека апликацијата користи модерирање со помош на вештачка интелигенција (ВИ), која минатата година открила 98% од содржината која ги крши правилата на платформата во Франција.
Сепак, за пратениците, овие напори се покажаа недоволни, а правилата на Тикток се „многу лесни за заобиколување“. Тие откриле дека штетните содржини продолжуваат да се шират низ апликацијата, а алгоритмот ефективно ги ангажира младите корисници во циклуси за зголемување на таквата содржина.
Во Извештајот на комитетот се предлага забраната за деца под 15 години да се прошири на сите под 18 години доколку платформите не се во согласност со европските закони во наредните три години.
Препораката за „дигитален полициски час“ за корисниците на возраст помеѓу 15 и 18 години подразбира социјалните мрежи да бидат недостапни за нив помеѓу 22:00 и 08:00 часот.