Франција полиција/ Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Франција бележи пораст на антихристијанските напади

Бројот на инциденти против христијаните во Франција се зголемува, а само во првите пет месеци од оваа година се регистрирани 322 такви случаи, предупреди група француски сенатори во колумна објавена на веб-страницата на „Булевар Волтер“.

Како што изјавија 86 сенатори, ова е зголемување од 13 проценти во споредба со истиот период претходната година , објави париски „Фигаро“.

„Бројот на кражби на црковни предмети е во пораст веќе три години , па така во 2024 година се регистрирани 820 случаи, додека тој број изнесувал 633 во 2022 година “, изјавија сенаторите, претежно од редовите на либерално-конзервативната партија Републиканци.

Тие истакнаа дека речиси секоја недела во регионалниот дневен печат или на социјалните мрежи има извештаи за вакви инциденти, од богохулство до палење или напади врз физичкиот интегритет на поединци.

Група сенатори изразија жалење за овие настани, наведувајќи два инцидента како примери за нееднаков третман. Како што наведоа, додека инцидентот со оставените свински глави пред неколку џамии во Париз предизвика силни реакции во политичките кругови и значително медиумско внимание, палењето на статуата на Богородица во црквата во Генгам, на почетокот на септември, за време на празничната миса, не наиде на слична мобилизација на јавноста или медиумско известување.

„Христијаните во Франција честопати се чувствуваат напуштени“, истакнаа сенаторите и ја повикаа владата да дејствува без одлагање.

Тие додадоа дека постои итна потреба од воспоставување национален систем за пријавување и поддршка на жртвите на антихристијански инциденти, кој би бил достапен, ефикасен и разбирлив за граѓаните , со цел да се гарантира слободата на изразување на религиозните чувства за сите француски граѓани.

Владата сè уште не се огласила во врска со овие апели од групата сенатори, објави „Фигаро“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот