
ФОТО+ВИДЕО: Во Тетово и денеска на Водокрст се фрлаше крстот
Во Тетово започнаа да се чествуваат богојавленските празници. Традицијата специфична за Тетово и годинава се одбележа со спуштање на светиот крст во црковниот базен во православниот храм Света Богородица.
Препорачано
Претходно во храмот се одржа утрена богослужба со Василева литургија и голем Богојавленски водосвет.


По крстот скокнаа тројца тетовци , 46 годишниот Сашо Стојков, 45 годишниот Горан Анѓелковски и 26 годишниот Нинослав Дамјановски. Осветениот крст го фати Сашо Стојков.

„Во моите 46 години прв пат скокам по спуштањето на осветениот крст. На сите граѓани на оваа држава им посакувам здравје, среќа и благосостојба да им царува во нивните домови“, рече Сашо Стојков.
Ваквата традиција како што раскажуваат од црковниот одбор е востановена во 1986 година и единствено во Тетово, крстот се фрла денеска на празникот Водокрст како и утре на Водици.


„Еден наш сосед горномалец Сашо Васоски донираше пари и го направивме базенот. Оттогаш почнавме редовно да го фрламе крстот на 18 јануари на Водокрст. Побаравме од владиката покојни Кирил благослов, тој ни даде благослов. Две години имаше прекин и претходно имаше прекин во 2001 година поради воениот конфликт. Одлучиле од тетовското архирејско намесништво да се фрла крстот на денешен ден, за да не се делат граѓаните некои да одат во една црква некои во друга и трета, одлучено е тука во Богородица да има фрлање на крст ден претходно. Порано само вода крстевме пред да го направиме базенот. Порано имало фрлање на крст во река Пена, таа традиција која е сега прекината е пред еден век, кај гимназија кај мостот се фрлал крстот. Една година им загинал крстот, а потоа пронајден е истиот тој крст при ископ на песок, сега е во една куќа тој крст во едно тетовско семејство. Знали оваа традиција на фрлање на крст е многу стара“, изјави Небојша Неделковиќ од црковниот одбор на црквата Пресвета Богородица.
Од Тетовското архирејско намесништво велат дека нема ништо спорно со денешното фрлање на крстот, оти тоа е благословено, затоа што на Водокрст се осветиле и водите на реката Јордан.

За првпат крстот во реката Пена на Водици е фрлен во 1935 година. Но, оваа традиција траела само 6 години. Во 1941 година крстот се загубил, кога свештеникот го спуштил во брзите и големите води на реката Пена. Верниците не можеле да го најдат. Според верувањата, сето ова било предзнак дека ќе се слуши нешто лошо. За 3 месеци, на 6 април истата година, започнала Втората светска војна.
Ваквата традиција наредните години не продолжила, од страв дека крстот ќе се загуби и повторно ќе се случи немил настан. Оттогаш наместо во река, светиот крст во Тетово започнал да се фрла во црковните базени.
Утре на Водици централното одбележување е во соборната црква Свети Кирил и Методиј каде осветениот крст ќе се спушти во црковниот базен по празничната литургија.