
ФОТО-ВИДЕО | Вработените во „Флораком“ и „Луна“ ја блокираа Илинденска, бараат плати
Проблемите со нередовна исплата на платите на вработените во „Флораком“ и „Луна“ траат веќе подолго време и на нив беше укажувано и на седници на Советот на Град Скопје, но досега не се решија.
Вработените во „Флораком“ и „Луна“, фирми „ќерки“ на ЈП „Паркови и зеленило“, денеска ја блокираа Илинденска во знак на протест што редовно не им се исплатуваат плати. Последна плата земале за мај, досега не ја добиле за јуни, што значи дека во законски предвидениот рок до 15 август на сметките нема да им легне ниту јулската плата.
Препорачано
Стојанче Кашиковски, раководител на Синдикатот на СУТКОЗ, вели дека работниците се оставени и без здравствено осигурување, затоа што не земале плата за јуни.
Нашите напори да се сретнеме со раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ не вродија со плод и повторно наидуваме на еден игнорантски однос и покрај тоа што од страна на Советот на Град Скопје пред 10 дена за ова претпријатие беа изгласани субвенции во висина од 80 милиони денари. Очекувавме дека со тие субвенции ќе бидат исплатени овие две плати, меѓутоа вработените повторно останаа без плата – рече Кашиковски на прес-конференција.

Тој посочи дека вработените во двете фирми се доведени во лошасостојба, дека во нив работат и хронично болни луѓе, дел од нив и онколошки пациенти.
Во овие фирми имаме луѓе што се хронично болни, онколошки случаи и тие се оставени без основната терапија. ЈП „Паркови и зеленило“ земаа плата пред десетина дена за јуни, и тие платата ја зедоа со задоцнување од речиси три недели и, како што реков, беше ветено дека и вработените во „Флораком“ и во „Луна“ ќе ги добијат платите на истиот ден со вработените во претпријатието, меѓутоа повторно бевме излажани и вработени се оставени без плата – рече Кашиковски.
Според него, недомаќинското работење на првиот човек на јавното претпријатие Јетон Бучи довело до тоа работниците своите права да ги бараат преку протест. Кашиковски најави дека блокадите на Илинденска ќе продолжат доколку во текот на наредните денови не им биде исплатена платата за јуни и јули.
Во „Флораком“ се вработени 37 лица, додека во „Луна“ 26 лица, што значи околу 63 луѓе немаат земено плати. Кога го одржавме минатиот протест на 17 јули поради истиот проблем за неисплатени плати, раководството ни вети дека за овие две фирми ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ платата ќе се исплаќа во истиот ден кога ќе земат плата вработените во претпријатието, меѓутоа, за жал, тоа не се случи – истакна Кашиковски.

Деновиве, од синдикатот СУТКОЗ информираа дека благодарение на Управниот одбор на ЈП „Паркови и зеленило“ биле потпишани колективните договори со јавното претпријатие и со двете фирми ќерки за кои се преговараше во изминатиот период.
За среќа на вработените во овие три фирми, пропадна обидот на директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ преку инсталирање квазисиндикат што работи против работниците, да им нанесе штета на вработените и да не се усвојат колективните договори. Синдикатот СУТКОЗ во изминатиот период покрај тоа што ги изготви колективните договори и преговараше за нивно склучување, беше единствениот синдикат што кога им беше најпотребно на работниците, организираше и протести и стоеше рамо до рамо со нив – соопштија од СУТКОЗ.
Вработените во „Паркови и зеленило“ ќе земаат плати повисоки за 4900 до 6200 денари
Инаку, проблемите со нередовна исплата на платите на вработените во „Флораком“ и во „Луна“ траат веќе подолго време и на нив беше укажувано и на седници на Советот на Град Скопје, но досега не се решија.
Пред една недела Сојузот на синдикати на Македонија информираше дека Управниот одбор на ЈП „Паркови и зеленило“ на седницата одржана на 23 јули годинава донел одлука со која во новиот правилник за плати е применет Општиот колективен договор за јавен сектор со што, започнувајќи со исплатата на јунската плата, платата им е зголемена од 4.900 до 6.200 денари.