Рушевини во Капиштец - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Рушевини во Капиштец - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

ФОТО | Руиниран објект полн со ѓубре среде Капиштец – ни се урива, ни се обновува

На времето, пред многу години, овој објект функционираше како хостел, а сега зјае разурнат без прозорци, врати, со распаднат покрив и заборавен од сите. Жителите од соседните згради не можат да сфатат зошто не се урне објектот и расчисти просторот, наместо да стои во таква ужасна состојба.

Со купишта од ѓубре, шут, стари душеци, остатоци од мебел и секаков друг отпад е преполн руинираниот објект лоциран во централното градско подрачје, поточно во Капиштец спроти Католичката црква.

Во него засолниште нашле бездомници, иако нема никакви услови за живот. Таков разурнат и уништен служи и како јавен тоалет од каде во околината се шири смрдеа. Лоциран е веднаш до спортското игралиште кај ТЦ „Беверли хилс“, целосно е небезбеден и не само што ја грдее и загадува целата околина, туку е и опасен за минувачите.

Рушевини во Капиштец - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Рушевини во Капиштец – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

На времето, пред многу години овој објект функционираше како хостел, а сега зјае разурнат без прозорци, врати, со распаднат покрив и заборавен од сите. Жителите од соседните згради не можат да сфатат зошто не се урне објектот и расчисти просторот, наместо да стои во таква ужасна состојба.

Не се поминува во негова близина од смрдеа. Депонија вистинска среде Центар и ништо не се презема. Па ако веќе не можат да го обноват и да му дадат некоја намена што не го урнат? Срамота е ова, жива зараза! Од Општина лани чистеа одоколу и толку. Оттогаш наваму поворно исто. Се пикаат во него бездомници, наркомани, некому на глава ќе му се урне. Не знам што чекаат, ако настрада некој после џабе е сѐ – вели Ивана од Капиштец.

Рушевини во Капиштец - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Рушевини во Капиштец – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Минатата година од Општина Центар на двапати го чистеа објектот, еднаш во јануари и вторпат во април. Од локацијата се отстрануваше смет, шут, кабаст и градежен отпад.
Градоначалникот Горан Герасимовски тогаш посочи дека депонијата била потенцијален извор на разни инфекции, но и опасност за безбедноста поради собирање бездомници кои палеле оган од насобраното ѓубре.

Ваквите депонии мора да бидат расчистени од причина не само што ја нагрдуваат сликата во општината, туку поради тоа што најчесто се дувло на бездомници и потенцијални жаришта на зарази и нови пожари. Јавната хигиена и здравјето на граѓаните мора да биде на прво место – посочи тогаш Герасимовски кој ги повика центарци да пријавуваат диви депонии преку телефонскиот број 02 3203 693 или на веб сајтот на Општината.

Рушевини во Капиштец - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Рушевини во Капиштец – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Оттогаш досега ново чистење не е спроведено, а впрочем и не станува збор за вообичаена дива депонија која би се решила само со чистење на ѓубрето, туку за напуштен и руиниран објект полн со отпад, каков што со години беше објектот на Јужен булевар, но и како запуштениот двокатен објект пред мостот „Беласица“ во кој многу одамна беа сместени магацини на фирми. И таму пред извесно време беше спроведено чистење.

Рушевини во Капиштец - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Рушевини во Капиштец – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

На прашањето до Општина Центар дали Општината ќе преземе нешто за трајно решение на проблемот со руинираниот објект во Капиштец, дали станува збор за приватен или државен имот и дали воопшто постои некаков план да се урне или да се пренамени и реновира објектот, оттаму велат дека во моментов не може ништо да се направи.

Посочениот објект е во владение на РЖ Железници и во тек е постапка за доделување на Општина Центар, но за предметната локација нема ДУП и не може да се постапува се додека не се усвои ДУП-от – кратко одговараат од Центар.

Рушевини во Капиштец - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Рушевини во Капиштец – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Тоа значи дека граѓаните ќе треба да почекаат објектот да го преземе Општина Центар, па и тогаш ништо нема да се реши, затоа што не е донесен ДУП за овој дел.

Станува збор за Деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј07 со локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило, Цвеќара, кој Уставниот суд го укина уште во јануари 2023 година и досега не е донесен нов. ДУП-от беше усвоен во 2014 година и со него беа опфатени плацевите на Водно на семејствата Камчеви и на поранешниот премиер Никола Груевски за кои се водeше судски процес.

Уставниот суд го укина затоа што бил донесен иако не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа како што предвидува законот, односно за него не гласале мнозинството членови на општинскиот Совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот