Протест на пензионери Фото: Методи Здравев

ФОТО: Пензионери од сите градови дојдоа пред Владата во Скопје, бараат подостоинствени пензии

араме линеарно зголемување на пензиите, кога ќе купиме лекови немаме за леб, велат пензионерите

Пензионери од сите градови дојдоа на масовен протест пред Владата за да уште еднаш го искажат своето незадоволство од висината на пензиите и да побараат линеарно зголемување за сите по 3.500 денари. Тие велат дека за нив процентуално зголемување не е прифатливо решение, затоа што потрошувачката кошница, во апсолутен износ, за сите се зголемила исто.

Протест на пензионери
Фото: Методи Здравев

Пензионерите од говорницата поставена пред Владата уште еднаш упатија и апел за нов претседател на Сојузот на здружение на пензионерите, затоа што според нив, сегашната претседателка Станка Трајкова не ги застапува нивните интереси.

Протест на пензионери
Фото: Методи Здравев

Пензионерите особено го поздравија „пензионерското движење“ од Прилеп, затоа што оттаму почнале пензионерските протести кои низ градовите траат веќе повеќе од еден месец, а на масовен протест во Скопје пензионерите доаѓаат втор пат.

Протест на пензионери
Фото: Методи Здравев

– Почнавме на 3 август 2023 година и до денес сме на улиците низ Македонија. Јас би ви го честитала денес Светскиот ден на пензионери, но нам не ни е за славење. Не знам како имаше душа, нашата претседателка на Сојузот на пензионери утрово да гостува на телевизија, а да не дојде со нас тука, со пензионерите. Ние плаќаме членарина за таа да седи во нејзината удобна фотелја! Ние сме достоинствени, чесни, искрени и стоиме на своето – бараме линеарно зголемување на пензиите по 3.500 денари од септември, кои ќе се додадат на основицата на секој пензионер, од најниска до највисока пензија. Додека не го исполниме нашето барање за линеарно зголемување на пензиите и за променета методологија за пресметка на пензиите, ние нема да отстапиме. Меѓу нас има многу гладни. Има пензионери и пензионерки, кои ако купат лекови, нема да може да купат храна или облека, како и да ги задоволат потребите за домување – рече Верче Анчевска во име на пензионерите од Прилеп.

Протест на пензионери
Фото: Методи Здравев

Од Кавадарци дојдоа три автобуси, а Милка Јорданова од Ваташа ни изјави дека дошла со надеж дека под притисок на јавноста ќе добијат попристојни пензии.

– Сопругот ми почина и јас ја наследив неговата пензија. Добивам 11.000 денари. Со овие пари не може ништо да си купам. Се надевам дека нашите апели ќе стигнат до надлежните – вели Јорданова.

Протест на пензионери
Фото: Методи Здравев

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска претходно изјави дека Работната група работи во континуитет и дека до крајот на месецот очекува конкретни предлози во однос на пензиите, a фокусот е ставен на пензионерите со ниски месечни примања.

– Сите претставниците на институциите дебатираат за она што е реална состојба во државата, во работната група се споделуваат податоците за да можеме да пристапиме кон креирање социјални мерки за пензионерите со ниски пензии – изјави Тренчевска.

Протест на пензионери
Фото: Методи Здравев

Министерството за труд и социјална политика сè уште официјално не го објави процентот на зголемување на септемвриските пензии што треба да се исплатат на 1 октомври, но оттаму рекоа дека зголемувањето ќе биде над 6 проценти.

Протест на пензионери
Фото: Методи Здравев

Според последните расположливи податоци од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а кои се за јули, просечната пензија била 19.095 денари. Најниски пензии се за право остварено од 1997 година и се 11.897 денари, а ги земаат 2.687 пензионери. Доколку, условно земено, нивната пензија се зголеми за 6,5 проценти, тие ќе добијат покачување од 773 денари, а зголемување од 4.537 денари ќе добијат оние со највисоките пензии кои биле 69.803 денари, а кои ги земаат 75 пензионери. Просечната пензија, пак, ќе има раст од 1.240 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот