
ФОТО: „Партениј за митрополит“ – порака на незадоволни верници пред Соборниот храм
Транспарент со порака: „Дедо Стефан слушни го народот – Партениј за митрополит“, беше истакната денеска на оградата од Соборниот храм во Скопје, од страна на незадоволни верници кои се противат на начинот на којшто се избира нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).
Препорачано
Пораката е упатена до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, кој пред само неколку дена официјално го предложи монахот Георгиј за нов митрополит. Предлогот беше испратен до членовите на Синодот, а изборната седница е закажана за 12 јуни. Георгиј, познат и како Ѓоко Ѓоргевски, се замонашил на 27 мај, а само неколку дена подоцна добил и свештенички чин.
Според незадоволните верници, ваквата постапка е неприродна и непримерена, во спротивност со канонските правила. Оттаму бараат поддршка за митрополитската позиција да добие Партениј – игуменот на Бигорскиот манастир.
Дел од овие верници за утре најавија протест во Скопје, а сличен собир ќе има и во Охрид. Тие се дистанцираат од каква било политичка или институционална поврзаност, потенцирајќи дека протестот е исклучиво израз на незадоволство од одлуките во црковниот врв.
-Не сакаме судир, сакаме да се слушне гласот на народот и да се почитуваат духовните вредности, велат иницијаторите.