Фото: Слободен печат

ФОТО | Големо откритие: Под фреските во храмот Богородица во Лешочкиот манастир пронајдено сликарство старо повеќе од 7 века

Во манастирската црква Пресвета Богородица во Лешочкиот манастир, на која изминативе неколку недели Националниот конзерваторски центар работи на реставрација на фрескоживописот пронајден е поголем фрагмент дел од архиреј, нацртан пред 8 века, што го прави ова духовно светилиште уникатно со трослојно сликарство. Најстарото кое датира од 14 или можеби 13 век, фрескоживописот од 17 и ѕидното сликарство од 19 век.

Фреската со архиреј се наоѓа во олтарот на манастирската црква. Видно е оштетена, а над неа има ѕидно сликарство од 17 век.

Фото: Слободен печат

„Ние направивме еден посебен носач за да можеме да го презентираме стариот живопис. Тој носач ќе биде ставен на местото каде е фреската од 17 век, а под него практично ќе биде фреската од 13 или 14 век, точно кој век е треба научниците да утврдат. Таков е системот тука и не дозволува голема заштита“, вели Владо Муковски советник- конзерватор од Националниот конзерваторски центар.

Фото: Слободен печат

За реставрацијата на манастирската црква се користат посебни методи, а дел од материјалот се зема од поднебјето каде што е лоциран овој храм.

Фото: Слободен печат

„Пред се користиме традиционални методи за чистење, поготово за солите користиме хемиски препаратури кои се современи, но за малтерите користиме традиционални методи, односно автентичните материјали кои кои биле користени на времето и ние во околината баравме посебен камен кој бил користен за оваа намена, а користиме плева и коноп“, вели советникот-конзерватор Владо Муковски.

Фото: Слободен печат

Манастирската црква пресвета Богородица се реставрира подолг период. Како што вели Муковски се зависи од одобрување на средствата. Освен проблемот со финансиите и недостигот на стручни лица и кадар го отежнува процесот на заштита на македонските цркви.

„Оваа година се одобрени минимални средства за реставрација, оваа работа бара внимание и трпение. Ние неколку години работиме на фази, се надеваме дека овие работи ќе продолжат и ќе ја презентираме целата апсида во убаво светло за пошироката јавност да може да ја види. Тука сме до 15 јуни, потоа си имаме други ангажмани и во други објекти. Проблем е што во државата има само тројца советници-конзерватори, може само да претпоставите колку се тие луѓе доволни. Црквите имаат потреба од заштита, а со оваа екипа не може да се заштити. Сите ние се фалиме со македонското културно наследство, а ако се фалиме треба и да преземеме нешто за да го заштитиме“, вели Владо Муковски од Национален конзерваторски центар.

Особено внимание на храмот Богородица привлекува архитектурата како и уникатноста на голем број од фреските.

Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот