
Флоскули за почвата, воздухот и водата
Постои ли опозиција на планетава што до таа мера не може да ја согледа реалноста, стварните проблеми и приоритетите на земјата, како што е тоа нашата несреќна ВМРО?
Доколку се ориентираме според учебничките принципи и начела на современата демократија, за нејзиното најпросперитетно остварување е потребна силна и конструктивна опозиција, која ќе ѝ „дише во врат“ на власта и, со конструктивно учество во решавањето на проблемите на општеството – критички анализи, но и потпирање на добри решенија – ќе го обезбеди идеалниот демократски перформанс со „проверки и усогласувања“ на целиот систем. Доколку ова е точно – а тоа е невозможно да се провери, особено поради преголемата досада што избива од материјата, од која веќе по минута или две нормалниот човек паѓа во кататонички сон – тогаш ние ја имаме најлошата од сите можни опозиции.
Препорачано
Во игра се четири можности: веќе спомнатата најдобра – силна и конструктивна, потоа, слабичка и конструктивна, па слабичка и деструктивна, и конечно најлошата – силна и деструктивна опозиција. Ние, во нашата незаменлива и непрежалена Македоња, во вмрото ја имаме силната (по број) и деструктивна (во секоја смисла) опозиција, која што, барем согласно учебниците по демократија за тупаци, не може да обезбеди политичка атмосфера и демократски просперитет на повисоко ниво од најдолното, значи ништо повеќе од чемерна, тупава и досадна, но затоа јадосана, озлобена и огорчена политичка мизерија, и тоа през целото време што нѐ очекува.
Разорно малоумен исказ
Немав намера да пишувам за вемерето и неговото погубно влијание на политичката јавност во библиската земја, зашто – како што напишав погоре – веќе од едно читање на напишаново, главата почнувам да ја чувствувам тешка и здебелена и ми се засилува ѕвонењето в уши, та очигледно ризикувам мозочна парализа во следните минути… Сепак, не можам да му устојам на искушението да коментирам една во помин слушната изјава на висок функционер на вмро, на членката на извршниот комитет на злосторничката дружина Дафина Стојаноска, која покрај другото изјави: „Имаме влада и предлог за премиер кој денес гледаме дека заборави на реалните проблеми, а говори општи флоскули и фрази за почвата, воздухот и водата.“
Како, дали добро слушнав? Морав да гуглам во изјавите на видните вмровци – како човек да тарашка со голи раце, практично, со гол мозок, по длабочините на септичка јама – за да прочитам она што само слушнато ми изгледаше неверојатно, за што го обвинив моето веројатно веќе затврднато ушно тапанче. Но, не: сум ја слушнал изјавата сосем прецизно. И, да, мандатарот се обвинува за несогледување и заборавање на „реалните проблеми“, што го покрива со „општи флоскули и фрази“ за најмаргиналните и непостојни проблеми на денешнината, за „почвата, воздухот и водата“.
Тешко ми е да се занимавам со анализа на овој разорно малоумен исказ, но морам. Кога некој ќе каже дека денес, на планетава – исто како и во секое нејзино катче, па било да е тоа и библиската земја – проблемите на почвата, воздухот и водата да ти биле непостоечки, „нереални“, и дека зборувањето за нив е ништо повеќе од тресење „општи флоскули и фрази“, што имаат за цел само да го одвлечат вниманието на граѓаните од „реалните проблеми“, не може да не ме опфати тивка, но длабока, животозагрозувачка тага. Си мислам – колку треба некој да биде „туп, глуп и неспособан за даље школовање“, за денес да ги нарече „општи флоскули“ проблемите на „почвата, воздухот и водата“?
Простачки плеоназам
Денес, кога загадувањето на земјата и водата на глобално ниво синергично се преплетува со климатските промени, при што оваа плетенка создава толкави турбуленции во атмосферата, земјата, водата и глобалната биоценеза, што веќе никој не може да ги предвиди чудовишно разорните последици по човештвото, и тоа не во далечната иднина, туку во годините што се непосредно пред нас; денес, велам, кога буквално најважните проблеми истопорени пред човештвото – проблеми што ќе го одредат неговото преживување или исчезнување – се проблеми на „почвата, воздухот и водата“, челници на „силната но деструктивна“ опозиција изјавуваат дека се тоа „општи флоскули и фрази“? Постои ли опозиција на планетава што до таа мерка не може да ја согледа реалноста, стварните проблеми и приоритетите на земјата, како што е тоа нашата несреќна ВМРО?
А, што се однесува до исказот „општи флоскули и фрази“ – знам дека е ситничарење во споредба со погоре опишаниот чудовиштен отклон од стварноста – морам да напомнам дека се работи за израз на сирова неписменост на говорникот, тап и арогантен простотилак што не го знае значењето на странските зборови, но не може да му устои на нагонот да ги употребува. Флоскула, значи, доаѓа од латинскиот flosculus, што значи цвете, цветно ливче, а во фигуративна употреба означува говорнички украс, при што во денешно време најчесто се употребува како пејоратив, со значење на „фраза“ односно празна фраза. Така што, да кажеш „општи флоскули“ е бесмислено, зашто нема „посебни“ фолскули, а да кажеш „флоскули и фрази“ не е реторичка или поетски ритмичка тавтологија, туку обичен простачки плеоназам, зборовен одвишок, прекумерен збор или, народски искажано – редундантен говор.
Но, кога веќе го отворивме најстрашниот проблем на денешнината, проблемот на „почвата, воздухот и водата“, се прашувам: дали новата влада навистина ќе го сфати проблемот на климатските промени исто толку сериозно колку што тупавата вмро не го сфаќа воопшто, и дали ќе реши да го сопре разулавеното криминално сечење на нашите шуми, што ќе ја предизвика ерозијата на нашата почва, што потоа нема да може да ја задржи во себе нашата вода, која ќе истече – носејќи ја земјата со себе – во „Бјалото ни море“; и дали ќе направи сѐ што е можно, под синото ни небо, да го замени огревното дрво со друг понезагадувачки и понесуициден енергент, што нема да го прави отровен нашиот воздух? Се надевам – да. Зашто, за сиот жив свет на планетава, исто како и во зашеметената Македоња, нема ништо поскапоцено од „почвата, воздухот и водата“.