
Филипче: Спроведување на електронски попис ќе биде предизвик, над 25 отсто од населението нема да биде регистрирано таму каде што вистински живее
Првиот предизвик за спроведување електронски попис е дека нема да има вистинска мапа на населението, односно нема луѓето да бидат регистрирани таму каде што вистински живеат, туку по личната карта која што во многу случаи е на друго место и втората работа која што е предизвик за спроведување електронски попис е тоа што ја нема националноста во ниту една електронска база, посочи денеска лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче во врска со предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за спроведување на електронски попис на населението идната година.
Препорачано
Во одговор на новинарско прашање, тој истакна дека над 25 отсто од населението се води на друга адреса од онаа која што е заведена во нивната лична карта, што според Филипче, ќе биде предизвик за спроведување на електронски попис. Неговото искуството од пописот спроведен од Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз, говори дека и кога се вкрстуваат податоците со базите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (ПИОМ) и Управата за јавни приходи (УЈП) графата за националност ја нема.
– И кога се вкрстуваат податоците со базите на ФЗО, ПИОМ, УЈП со цел да тие податоци се проверат од направениот попис, како што во наше време за време на пописот се вкрстини податоците од шест електронски бази за да се провери каде е работното место, име, презиме и така натаму, ја нема графата за националност. Тие две работи сметам дека се сериозен предизвик кога станува збор за тоа дали да се прави или не електронски попис, рече Филипче.
Во врска со промената на изборниот модел, лидерот на Социјалдемократите посочи дека ставот на СДСМ е да се седне и разговара за да има една изборна единица, бидејќи одлуката, рече, се носи со консензус поради различните аспекти и мислења на поголемите и помалите политички партии. – Легитимни се аргументите на двете страни, помалите партии имаат легитимни аргументи кои што треба да се слушнат на маса, рече Филипче.
Според него, треба да има консензус за отворање на листите со што граѓаните ќе можат да гласаат за секој еден, без разлика кое место е на листата, со што, рече, ќе се даде можност да бидат препознаени вистинските квалитетни кандидати.
– Нашиот став e да седнеме и да разговараме за да се смени изборниот модел и да разговараме за опцијата да има една изборна единица, со тоа што таа одлука се носи со консензус. Поради тоа што различни се аспектите и мислењата на поголемите и помалите политички партии кога станува збор за една изборна единица. Двете страни имаат свои легитимни аргументи, помалите партии имаат легитимни аргументи кои што секако дека треба да се слушнат на масата. Тоа што посебно сметам дека е добро и за којшто сметам дека треба да има консензус е листите да бидат отворени и конечно да се гласа за секој еден на листата, без разлика на кое место е на листата, и така ќе дадаме можност вистински и квалитетни луѓе бидат препознаени од граѓаните, од нивните сограѓани и ќе влезат на соответните места. Ова може да биде нешто кое што може да го разговараме за следниот циклус парламентарни избори, рече Филипче.