
Фемициди во Куманово и Кочани: МВР постапувало по пријавите кои сепак стигнувале до Обвинителствата
Трите фемициди што се случија во период од еден месец во Куманово и последниот случај во Кочани дел од одговорноста ја сврте кон Министерството за внатрешни работи и нивното непостапување кога овие жени своевремено алармирале во полиција и барале помош бидејќи трепеле насилство од партнерите. Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска посочи дека непреземањето соодветни мерки од надлежните институции и неправилната, или отсуството на имплементација на законите, доведува до убиство, односно фемицид како најекстремна форма на насилство врз жените кој најчесто се извршува од страна на маж, а жртвата е секогаш жена.
Препорачано
Слична реакција имаше вчера и од Платформата за родова еднаковост кои за фемицидот во Кочани сметаат дека системот на заштита потфлил и институциите не постапиле во овој случај на родово базирано насилство.
Министерството за внатрешни работи реакциите на граѓанските здруженија за непостапувањето на полицијата ги нарече дезинформации и тврди дека МВР постапува по секоја пријава, а за насилниот маж од Куманово кој откако ги уби со нож сопругата и нејзината мајка си го одзеде живот, во мај годинава била поднесена и кривична пријава за нанесување телесна повреда при вршење на семејно насилство за што Кривичниот законик предвидува казна затвор од шест месеци до три години.
-Во врска со случајот во Куманово, од страна на СВР Куманово редовно се преземани мерки и активности, и во периодот од 2013 до 2023 година од страна на СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово се поднесени пет кривични пријави против Д.Ј. за сторено кривично дело по член 130 ст. 2 од Кривичниот законик, во кои оштетено било лицето Е.А. Во врска со случајот во Кочани, во ОВР Кочани на 16.05.2023 во 11.30 часот Т.М. пријавила дека подолг период У.Р. , со кого биле во љубовна врска, ја уценувал дека ќе објави компромитирачки фотографии и видеа доколку не му даде пари. Од страна на инспектори во НК за КР – ОВР Кочани е постапено по пријавата и на 31.05.2023 до ОЈО Кочани е доставен поднесок – известување, со службен материјал во прилог, а на 05.06.2023 до надлежното Обвинителство е доставено и дополнување на известувањето, со службен материјал во прилог, соопшти МВР.
Министерството нагласува дека секогаш постапува по добиените пријави и се преземаат мерки и активности во координација со другите надлежни институции.
Според соопштението на МВР случаите пристигнале во Обвинителството кое потоа требало да постапи по пријавите од МВР на жените од Куманово и Кочани иако последната жртва не пријавила насилство тука уцена од лицето кое 4 месеци потоа ја уби. Граѓанските здруженија соодветно дел од вината ја префрлаат и на Обвинителството, посебно за случајот во Кочани кога 46-годишна жена брутално до смрт беше избодена на улица.
– Ова навистина отвора сомнеж за тоа дали соодветно и со должно внимание било постапувано од страна на институциите и дали пријавите што ги поднела жртвата биле третирани како пријави за родово базирано насилство и дали биле преземени сите соодветни мерки, како од полицијата, зато што жртвата пријавувала во полиција, така и од обвинителството, но и од центарот за социјални работи, како институции кои што треба да пружат заштита на жртвите на родово базирано насилство, реагира Платформата за родова еднаквост.
Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство побара од Основното јавно обвинителство да го квалификува убиството во Кочани согласно член 123, став 2а „друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство“, и при одредување на висината на казната да ги земе предвид сите околности, односно да не го третира случајот како еднократен инцидент, туку убиство како последица на долгогодишно семејно насилство.
Основното јавно обвинителство Кочани вчера донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело –Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот закони, односно убиство на свиреп начин.
-Осомничениот, на 25 септември, на свиреп начин лишил од живот една жена, нанесувајќи и многубројни убоди со нож. Тој од дома зел кујнски нож и знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и и задал повеќе убодни рани во пределот на градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на лице место, соопшти ОЈО.
Република Северна Македонија е единствена земја во регионот која во март годинава во Кривичниот законик го воведе фемицидот како посебно кривично дело, без експлицитно да го употреби терминот „фемицид“, но е опишано според современото сфаќање за него – како родово – базирано убиство на жена, односно убиство на жена поради тоа што е жена. Кривичниот законик пропишува казна од најмалку 10 години затвор, а може да се изрече и казна доживотен затвор.
Од почетокот на годинава, во државава се забележани 6 случаи на фемицид. Во 2022 година од вкупно 7 убиства при семејно насилство шест биле фемициди. Министерството за труд и социјална политика ги регистрира случаите на фемицид, но е и една од најповиканите институции кои, согласно своите надлежности можат да превенираат семејно насилство и насилство врз жени и негова ескалација до несакани последици преку Центрите за социјална работа и социјалните работници, но не секогаш успеваат во своите заложби и овластувања.