
Фатмир Меџити разрешен од функцијата директор на Клиниката за неврологија
Фатмир Меџити вчера е разрешен од позицијата директор на Клиниката за неврологија, дознава „Слободен печат“. Нов директор на Клиниката е професор доктор Игор Кузмановски. Информацијата за „Слободен печат“ ја потврдија официјално од Министерството за здравство.
Препорачано
Неодамна, по написите на „Слободен печат“, Антикорупциска отвори предмет против Фатмир Меџити, зашто како што објавивме – во исто време додека бил директор на Клиниката бил и хонорарец на Министерството за здравство со месечен хонорар од 60.000 денари.
Кога побаравме од Министерството за здравство извештаи за сработеното на Меџити за конкретниот надомест што го добивал со договорот за дело што го имал со Министерството за здравство, наидовме на бариера. Никој не сакаше да одговори на нашите барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Откако „Слободен печат“ се жалеше во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер – пристигна и одговорот.
„Во врска со Вашето барање за информации од јавен карактер за склучени договори на дело помеѓу Министерството за здравство и лицето ве известуваме дека тој нема доставено извештај до Министерството за здравство за сработените активности кои произлегуваат од договорот за дело, ниту во секторот за управување со човечки ресурси ниту во архивата на Министерството“, ни одговорија од Министерството за здравство.
Договорот за дело што Меџити го имал со МЗ во исто време додека бил директор на Клиниката за неврологија, траел од 8 јули 2024 до 31 декември 2024, а е склучен непосредно откако министер за здравство стана Арбен Таравари, сопартиец и личен пријател на Меџити. Во периодот кога Таравари бил министер, најмалку две лица семејно поврзани со Фатмир Меџити исто така склучиле договори со Министерството за здравство за да извршуваат работни задачи внатре на определено време, покажува документацијата со која располагаме.
Семејно поврзани лица со Меџити не биле единствените хонорарци ангажирани во Министерството за здравство со вакви „договори по терк“ – сите со иста содржина, а се разликува само сумата што била исплаќана. Лица семејно поврзани со вработени во кабинетот, лица коишто примале надомест од Државната изборна комисија, луѓе што истоврмено членувале во неколку комисии и управни одбори на клиники имале исти вакви договори за дело за кои Министерството за здравство не поседува извештаи за сработеното.
Од склучениот договор за дело меѓу Фатмир Меџити и Министерството за здравство, не може да се сфати што Меџити работел за хонорарот од 1.000 евра месечно, но текстот на договорот открива дека задачите за Министерството за здравство требало да ги врши секој ден, истовремено додека директорувал со Клиниката. Антикорупциската комисија отвори предмет по нашите пишувања, за да се испита случајот.