
Фармацијата на удар: САД со закани за 250% царини
Трамп сака да воведе високи царини за увозни лекови за да ги натера фармацевтските компании да произведуваат во САД и да ги намалат цените. Тој тоа го правда со заштита на националната безбедност, но потегот е спорен и би можел да предизвика економски и правни последици.
Новото трговско заострување помеѓу Соединетите Американски Држави и Европската Унија може да донесе сериозни последици за глобалната фармацевтска индустрија. Најавата нa претседателoт на САД, Доналд Трамп, дека ќе воведе царини од дури 250 проценти за увезени лекови, отвори бран на реакции и неизвесност. Според американската администрација, ваквиот чекор ќе има за цел да ги натера компаниите да ја пренесат својата фармацевтска и научна дејност во рамките на американската територија, а со тоа, како што се тврди, ќе се намалеле и цените на лековите за граѓаните на САД.
Препорачано
САД важи за пазар со највисоки цени на лекови во светот. Причината за тоа не е само недостигот на државна контрола врз цените, туку и силната заштита на патенти и ограничениот пристап до генерички производи. Во Европа, државите имаат механизми за преговарање и регулирање на цените на лековите, додека во САД, фармацевтските компании имаат слобода самостојно да ги одредуваат.
Царини како алатка за економска доминација
Трамп најави дека ќе воведе високи царини за фармацевтски производи од странство, користејќи постоечки правни механизми кои му дозволуваат да дејствува во случаи кога смета дека е загрозена националната безбедност. Според оваа правна рамка, американското Министерство за трговија треба да направи анализа дали увозот на лекови и активни фармацевтски состојки е ризик за државата.
Овој инструмент досега главно се користеше за метали како челик и алуминиум, но Трамп сака да го прошири и на фармацијата.
Почетната ставка би можела да изнесува 150 проценти, со можност да се зголеми до 250, доколку компаниите не преземат чекори за пренос на производството во САД. Овој потег не само што ќе влијае врз европските производители, туку ќе има ефекти и врз земји како Ирска, каде се наоѓаат значајни производни капацитети на големи фармацевтски компании. Европските лидери веќе изразија загриженост за потенцијалните загуби на работни места и нарушување на синџирите на снабдување.
Политика пред правна сигурност
Иако оваа политика се претставува како заштита на домашната економија и намалување на трошоците за лекување, многу експерти укажуваат на тоа дека не е извесно дали вакви царини ќе бидат издржани пред американските судови. Претходно имаше обиди да се користи истиот закон за воведување царини, но тие беа запрени поради сомнежи во уставноста и злоупотреба на концептот на национална безбедност.
Освен тоа, царините врз лекови можат да доведат до контраефект, наместо да се намалат цените може да настане недостиг, зголемување на трошоците за здравствените осигурителни фондови и нарушување на пристапот до иновативни терапии. Останува да се види дали овој политички инструмент, користен главно за економски цели, ќе биде поддржан и институционално.
Доколку планот се реализира, притисокот врз компании како Новартис, Санофи или Астра Зенека ќе стане уште поинтензивен. Со оглед на нивното големо присуство на американскиот пазар, тие ќе мора да одлучат дали да го прифатат зголемениот трошок или да го префрлат производството, што пак може да донесе несакани ефекти во Европа. Се чини дека во новата глобална рамнотежа, лековите не се само прашање на здравје, туку и на геополитика.