
ЕУ е најголемиот извозник на пенливо вино, просеко е шампион
Европската Унија извезла 29 отсто повеќе пенливо вино во 2021 година отколку претходната година, потврдувајќи го својот статус на водечки извозник чии пенливи вина се особено ценети во САД и Британија, објави Евростат.
Препорачано
Во 2021 година биле извезени 636 милиони литри пенливо вино, пресметале статистичарите, објави Хина. Скокот го одразува наглото закрепнување на побарувачката по првата година од пандемијата, во која многу барови и ресторани беа затворени, а собирите беа ограничени, што се одрази и со пад од 6 отсто на извозот на европско пенливо вино.
Во такви услови, извозот на пенливо вино од ЕУ лани го надмина предпандемискиот 2019 година, забележува Евростат, додавајќи дека во периодот од 2017 до 2021 година извозот растел во просек за седум отсто годишно. Европското просеко беше најбарано во светот, со учество во вкупниот извоз од 43 отсто. Следуваат шампањ и кава, со учество во вкупниот извоз од 15, односно 10 отсто.
Главни дестинации на пенливо вино од ЕУ беа САД и Обединетото Кралство, со удел во извозот од 31, односно 28 отсто. Европејците се најнаклонети кон домашното пенливо вино, судејќи според податоците дека членките на ЕУ во 2021 година увезле само 5,8 милиони литри пенливо вино од земји надвор од Унијата, што одговара на само еден процент од извезената количина, наведува Евростат.