
Ескобар: Косово и Србија да го спроведат договорот до крајот на летото
Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Габриел Ескобар, оцени дека договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина е „големо достигнување“ и дека претставува „историски чекор напред“ во развојот на односите меѓу Србија и Косово.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во интервју за агенцијата Мина, Ескобар изјави дека „не гледа причина“ зошто договорот за преостанатите прашања не може да се постигне до крајот на летото, пренесува Бета.
Како што рече, во Србија има некои елементи кои треба да се комплетираат во однос на признавањето на табличките на автомобилите, личните карти и некои други работи.
„Се очекува и Косово да формира Заедница на општини со српско мнозинство. Извинете, ова не е чекање. Тоа е обврска“, изјави Ескобар.
Тој рече дека САД сакаат овие процеси да се случат што е можно поскоро.
„Не гледам причина зошто не може да се заврши до крајот на летото“, изјави Ескобар.
Тој потсети дека договорот меѓу двете страни е правно обврзувачки и дека сега прашање е како целосно да се спроведе.
Ескобар рече дека е оптимист дека целта ќе биде постигната и верува дека премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ „можат да ја покажат потребната политичка храброст да ги преземат вистинските чекори“.
Косово и Србија на 27 февруари во Брисел го постигнаа Договорот за нормализација на односите, додека на 18 март во Охрид го договорија анексот за негова имплементација.