
Епископ Јаков: Се отвора пандорината кутија секој ден да излегуваат разноразни родови
Македонска православна црква в четврток организира протест под мотото „За нашите деца, за нашата иднина“. Протестот се организира против предлог-Законот за родова еднаквост и измените на Законот за матична евиденција со почеток во 18 часот пред Соборен храм Св. Климент Охридски – Скопје
Црквата има систем на вредности и тој систем е апсолутен контраст и спротивен на тоа што го нудат и што се закануваат да го донесат законските измени за родова еднаквост и матична евиденција. Епископот Јаков Стобиски на денешната прес-конференција порача дека верските заедници се многу толерантни кон ЛГБТ+ заедницата, па дури и ја пофали Парадата на гордоста. Според него, проблем се невладините организации, за кои вели дека се платени по плаштот на борбата за човекови права да го оковаат во своевиден тоталитаризам општеството.
Препорачано
Прашан како ја коментира одлуката на Извршниот одбор на СДСМ, дека треба да продолжи и да се прошири јавната дебата со сите засегнати страни и чинители, со цел доаѓање до решение во интерес на целото општество за законските измени, епископот Јаков го поздрави таквиот чекор. Тој порача и дека сакале тие или не веќе се вклучени и учествуваат во јавните дебати.
Црквата е и мора да остане своевиден коректив на совеста на општеството и токму поради тоа се бориме. Никој нема право да ни го забрани тоа. Што се однесува до одлуката на ИО на СДСМ, е за поздравување, иако тоа е партиска одлука, сега се на потег сите механизми на Владата и да видиме како ќе се произнесат. Ние не сме против никого, особено не против остварувањето на нечии права. Протестираме и тоа што е спорно во законите, сметаме дека сериозна реализација можеби ќе придонесе за поголемо остварување на нечии права, поединци, но тоа сериозно би ги загрозило правата на мнозинствата, или 99 проценти од населението во Македонија, порача тој.
Тој посочи дека овие законски измени носат едно поинакво значење и контекст на поимот род. Ја потенцираше заедничката трибина со поранешната претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска, која истакнала дека се чувствува изманипулирано после повеќе од две децении.
Таа е позната како исклучително добар и посветен активист за правата на ЛГБТ+ заедницата и за женски права, таа вели дека се чувствува изманипулирано после повеќе од две децении. Соочена е со тоа да види дека поимот род има сосема поинакво значење од тоа што таа е навикната, додава епископот Јаков.
На прес-конференцијата тој појасни дека родот како атрибут на полот не го одвојуваме од полот и аналогно на тоа, ако има два пола има и два рода.
Со законските измени отворате пандорина кутија секој ден да излегуваат разноразни родови и секој да биде што ќе посака, просто тоа е нешто на кое не сме навикнати и не го прифаќаме. Во демократско општество градењето на законите мора да зрее паралелно со потребата но и со подготвеноста на една заедница да ги прифати промените, тука чувствуваме дека се врши насилство врз волјата на народот, заклучи тој.
Во однос на протестот закажан за в четврток, епископот Јаков Стобиски потсети дека не е насочен кон никого, туку е против содржината на предлог законските измени. Исто така, вели дека се оградуваат однапред од каква било злоупотреба во некакви свои цели на овој собир.
Протестот е насочен исклучиво против содржината на овие закони. Не поддржуваме никаков говор на омраза, никакво скандирање и повикуваме на мирни протести, едноставно да кажеме не, дека не се согласуваме со вакви законски решенија. Ја користам оваа можност да го повикаме дополнително народот за присуство, порача тој и додаде дека поддршката од останатите верски заедници е апсолутна и се надеваат на нивното присуство.
Епископот Јаков порача и да нема обиди овој импулс и рефлекс бунтовен на црквата да се спинува и да се става во поинаков контекст.
Инаку, Законот за родова еднаквост воопшто не е во собраниска процедура, а законот за матична евиденција е предложен во редовна постапка и сѐ уште не е ставен на дневен ред во Собранието.
Коментар за законите за матична евиденција и родова еднаквост денеска даде и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој вели дека такви какви што се нема да добијат поддршка од него како пратеник на ДУИ. Секогаш пред да поднесат некој закон, Џафери вели дека им укажува на пратениците дека треба да го погледнат членот 135 од Деловникот и да направат проценка што би можело да предизвика нивниот предлог во јавноста.
Ова не е само закон, вели тој и додава, и ако е за Европа, ова е последното нешто што треба да се направи за Европа – порача претседателот на Собранието.
Со законското решение за измени на матичната евиденција неколку пратенички од ДОМ и СДСМ предлагаат секој граѓанин со наполнети 18 години, кој е деловно способен, и кој не е во брак да има право на правно признавање на родот. Тоа би се правело со поднеување на барање што би се пополнило на нотар.