
ЕМОФ ќе го надмине рекордот од Супер купот во 2017 година – Хотелиерите презадоволни, се бара кревет повеќе
Аркан Керим, претседател на Угостителско-туристичката комора, за „Слободен печат“ е дециден дека како никогаш досега имаме толку гости и нивниот број далеку го надминува туристичкиот рекорд од пред осум години, кога главниот град ги угости гледачите на Супер куп натпреварот меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид. Од 20 до 26 јули во Скопје се сместени околу 4.000 млади спортисти, тренери, судии и други претставници од 50 делегации учеснички – вклучувајќи го и тимот за бегалци на EOC, што само по себе зборува за исполнетоста на сите капацитети
Скопје во моментов е најпосакуваната дестинација во Европа, а туристичките работници потврдуваат дека најголемиот мултиспортски настан досега одржан во Македонија – Европскиот младински олимписки фестивал (EМОФ) Скопје 2025, ги исполнил сите сместувачки капацитети во хотелите, студентските домови, но и кај приватните станоиздавачи.
Препорачано
Се очекува и зголемена вонпансионска потрошувачка, вклучително и повеќе такси-превози, како и работа за лиценцираните туристички водичи. Аркан Керим, претседател на Угостителско-туристичката комора, за „Слободен печат“ е дециден дека како никогаш досега имаме толку гости и нивниот број далеку го надминува туристичкиот рекорд од 2017 година, кога главниот град ги угости гледачите на Супер куп натпреварот меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид.
Од 20 до 26 јули во Скопје се сместени околу 4.000 млади спортисти, тренери, судии и други претставници од 50 делегации учеснички – вклучувајќи го и тимот за бегалци на EOC, што само по себе зборува за исполнетоста на сите капацитети, додава Керим.
Иако главен град-домаќин е Скопје, значајна улога во овој европски спектакл ќе има и Куманово, кој ќе биде центар за четири атрактивни дисциплини и ќе угости 600 спортисти.
– Никогаш не сме биле толку полни, во хотелите и во студентските домови се бараше кревет повеќе. Ќе се надмине рекордот од пред осум години, а Скопје ќе урива рекорди во посетеноста. Мислам дека нема да има поплаки и за цените на сместувањето, младинците треба да се чувствуваат удобно и посакувано, а се надевам дека сè ќе помине во најдобар ред и ќе се покажеме како одлични домаќини. Мислам дека фестивалот ќе има значително позитивно влијание врз економијата преку зголемениот туристички промет, пополнетите хотели, локалните бизниси и транспортните услуги. Фестивалот ќе ја зголеми меѓународната видливост на Македонија, поставувајќи ја како посакувана дестинација за спортски и културни настани. Со организацијата на овој меѓународен спортски настан, ќе ја зајакнеме економската стабилност, ќе привлечеме нови инвестиции и ќе поттикнеме општествена кохезија преку заеднички напори. Ваквите настани се реткост и затоа треба да ги искористиме и да дадеме сè од себе – оти добриот глас надалеку се слуша, а лошиот уште подалеку – поентира Керим.
Тој апелира до граѓаните да бидат љубезни и услужливи и да им го олеснат престојот на младите спортисти во земјава.
На прашањето дали зголемената побарувачка за сместување ги зголемила цените за престој во Скопје, Керим вели дека цените се редовни.
Според податоците од социјалните мрежи, во просек скопските хотели со 3 ѕвезди нудат ноќевање што чини околу 50 евра, додека кај оние со 4 ѕвезди е нешто поскапо и чини околу 70 евра. Ако барате нешто специјално, тогаш ќе платите над 120 евра за ноќ во хотел со 5 ѕвезди.
Само за потсетување, на 1 и пол месец пред Супер куп натпреварот меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, цената на хотелското сместување во градот се зголеми неколкукратно. Малкуте слободни соби тогаш се продаваа и по цена и до 3.000 евра за две ноќевања со појадок за две лица. Пред осум години во периодот од седми до деветти август, 93 отсто од хотелите, или 86 отсто од вкупниот сместувачки капацитет во Скопје беа исполнети.
Инаку, според последното статистичко соопштени во мај земјава ја посетиле 130.739 туристи, од кои 77,6 отсто биле странци. Туристите најчесто ги избираат хотелите со 4 ѕвезди за својот престој во земјава.
Инаку, турските туристи со години наназад се најчести гости во Македонија. Тие обично доаѓаат во групи, на кружни тури и најмногу се задржуваат во Скопје и во Охрид. Во Скопје ги посетуваат спомениците од османлиско време, а во програмата на балканската тура влегува и посетата на Тетово, Битола и на градовите во другите соседни земји.
Според статистиката, само во мај од Турција дошле 28.338 туристи, од Германија 15.166 лица, додека од Франција 6.059 туристи и 5.942 посетители од Србија. Податоците покажуваат дека најголем дел од туристите престојуваат во Скопскиот и во Југозападниот Регион, каде што се остварени најголем дел од ноќевањата на туристите.