РЕК Битола / Фото Архива на Слободен печат

Еко-свест: ТЕЦ Битола е најголем индустриски загадувач на Западен Балкан, минатата година емитувала 17 пати поголема количина на сулфур диоксид

Со само првиот и вториот блок активни во 2022 година, електраната ТЕЦ Битола емитувала 111.408 тони сулфур диоксид во воздухот, количина којашто е 17 пати поголема од дозволената со Националниот план за намалување на емисиите и е повеќе од вкупните емисии што се дозволени за сите термоелектрани на јаглен во Западен Балкан. Според новиот извештај на CEE Bankwatch Network „Усогласи или затвори – 2023“, битолкската термоелектрана е лидер во најзагадувачки индисутриски капацитет од земјите од Западен Балкан.

Емисиите на прашина исто така алармантно се зголемени и достигнале 3899 тони, повеќе од три и пол пати од дозволеното за првиот и вториот блок на електраната. Ова е и најголемата количина на прашина емитувана од еден оџак на целиот Западен Балкан – покажуваат податоците од извештајот.

Елена Николовска од Еко-свест изјави дека целите на Владата кои се усвоени се амбициозни, а со нив се предвидува затворање на капацитетите на јаглен до 2027 година.

Потребно е да се одржат роковите за исполнување на овие цели за да се испрати јасна порака до енергетскиот сектор, индустријата и граѓаните дека земјата доследно се придржува кон напуштање на фосилните горива, праведна транзиција кон обновливи извори и чисти технологии и грижа за здравјето на граѓаните – додава Николовска.

Во извештајот се наведува дека македонските електрани работат спротивно на обврските и наместо да ги намалуваат емисиите, согласно правилата за контрола на загадувањето преку Спогодбата за Енергетската заедница тие ги зголемуваат. Секретаријатот на Енергетската заедница веќе има отворено случај против Северна Македонија поради непочитување на одредбите за намалување на емисиите.

Сомнителен е и квалитетот на јагленот, како и нетранспарентните набавки. Во извештајот се забележува дека со енергетската криза и активирање на ТЕЦ Неготино, земјата се движи во спротивна насока и продолжува сериозно да ја загадува животната средина и да го загрозува здравјето на граѓаните.

„Целиот регион е загрозен од неконтролирано загадување од електраните што работат на јаглен и веќе секоја година гледаме како големите електрани во Србија и Босна и Херцеговина рушат рекорди. Но, ваков огромен скок во емисиите како што има ТЕЦ Битола во 2022 година не сме забележале до сега. Последиците од ваквото загадување ќе бидат големи и за Битолскиот Регион, но и за целата земја и пошироко.“ – вели Давор Пехчевски од CEE Bankwatch Network.

ТЕЦ Битола е составен дел од Рударско-енергетскиот комбинат Битола и е во функција повеќе од 30 години. Лоцирана е на периферијата на пелагонискиот базен, 12 километри источно од градот Битола и околу 15 километри северно од грчката граница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот