
Екипата на Фон дер Лајен за новиот мандат на Комисијата- следното поглавје на Европа
Урсула фон дер Лајен ги претстави своите кандидати за идната Европска Комисија. Иако има многу жени на високи позиции, таа не ја исполни својата цел за родов паритет.
Препорачано
После недели шпекулации на социјалните медиуми и тајни преговори, во вторник претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, го претстави нејзиниот тим на еврокомесари. Следниот чекор во процесот на одобрување на комесарите се сослушувањата на номинираните комесари во Европскиот парламент.
Во својата работа новата Европска Комисија (2024-2029) првенствено ќе се фокусира на безбедноста и конкурентност, а не на заштита на климата. Во врска со персоналниот состав, назначувањето на десничарскиот популист Рафаеле Фито, член на Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, за потпретседател е особено спорно.
Пред пет години, фокусот беше јасен. – Претходниот пат, прашањето за глобално затоплување беше на врвот, рече фон дер Лајен, додавајќи дека темата е се уште доминантна поради пожарите и поплавите. – Но овој пат, на пример, темата за безбедност, поттикната од руската војна во Украина, но и онаа за конкурентноста, имаат многу поголемо влијание, изјави фон дер Лајен во врска со новата организација на Комисијата. Новиот тим треба да работи на „пофлуиден и попреплетен“ начин така што ќе придонесува до главните цели за „просперитет, безбедност и демократија“.
Новата стратегија исто така се гледа и со новосоздадената функција на еврокомесар за безбедност, на чие место е назначен поранешниот премиер на Литванија, Андриус Кубилиус-од земја која граничи во Русија. – Тој ќе работи на развивање на Европската одбранбена унија и зајакнување на нашите инвестиции и индустриски капацитети. истакна фон дер Лајен.
На социјалните медиуми и зад затворени врати со недели се шпекулираше кој ќе го преземе кој ресор. Фон дер Лајен назначи многу жени на високите позиции во новата Комисија. Таа им даде привлечни портфолија на земјите кои го испочитуваа нејзиното барање да ги заменат машките кандидати со жени, како на пример ресорот за проширување на Словенката Марта Кос или позицијата извршен потпретседател на Романката Роксана Манзату.
Дополнително, четири од шесте високи позиции на извршени потпретседатели ќе ги преземат жени – Шпанката Тереса Рибера, Финката Хена Виркунен, Естонката Каја Калас и Романката Роксана Манзату. Останатите две позиции се дадени на мажи – Французинот Стефан Сежурне и контроверзниот Италијанец Рафаеле Фито.
И покрај напорите, Фон дер Лајен не успеа да ја оствари својата цел за родов паритет. Таа објасни дека 40 проценти од новата комисија ќе бидат жени, а 60 проценти мажи. Според неа, лидерите на државите и владите првично предложиле речиси 80 проценти мажи. – Тоа беше неприфатливо, рече фон дер Лајен.
Европската комисија, законодавно тело со речиси 32.000 вработени, предлага закони за Унијата и ја надгледува усогласеноста со законите на ЕУ. Колеџот на комесари, кој се состои од 27 члена од 27-те земји членки на ЕУ, ја координира работата на целата Комисија.
Едно име меѓу кандидатите за еврокомесари го вклучи алармот уште пред презентацијата. Италијанскиот десничарски популист Рафаеле Фито, министер за Европа во Владата на премиерката Џорџа Мелони, сега ќе стане еден од извршените потпретседатели и еврокомесар за кохезија и реформи. Со тоа ќе биде одговорен со Европскиот социјален фонд и Фондот за регионален развој, меѓу другото.
– Рафаеле Фито ќе биде одговорен со портфолиото за справување со кохезивната политика, регионалниот развој и градовите, појасни Фон дер Лајен на прес-конференцијата во вторникот. – Ќе се осврнеме на неговото големо искуство за да помогнеме во модернизирање и зајакнување на нашите политики за кохезија, инвестиции и раст, рече Фон дер Лајен и додаде дека „Италија е многу важна држава и тоа мора да се одрази со изборот“.
Рафаеле Фито рече дека се чувствува почестен откако Урсула фон дер Лајен го назначи во нејзиниот нов тим на еврокомесари во вторникот. – Планирам да ја извршувам улогата која ми е доделена, откако процесот за одобрување на нови комесари ќе заврши, со најголема посветеност и со знаење дека наредните пред години се многу важни за иднината на ЕУ и нејзините граѓани, рече Фито.
Либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) во вторникот, изрази незадоволство од номинацијата на Фито. – Ја осудуваме политичката одлука на Фон дер Лајен, Рафаеле Фито да биде назначен извршен потпретседател, изјави лидерката на групата, Валери Ајер. РЕ ќе ги чека сослушувањата во Европскиот парламент. – Ќе го процениме врз основа на неговите квалитети, проевропски обврски, самостојност и усогласување со јулските директиви. Максимално ќе сме посветени на тоа. Про-ЕУ силите мора да се обединат: не треба да оставаме простор за десничарски и левичарски популисти, додаде таа.
Од групата на Зелените, исто така, најавија дека „нема да му го олеснат патот на Рафаеле Фито“ во Европскиот Парламент. – Фактот дека кандидат од екстремно десничарска Влада е номиниран за потпретседател на Европската Комисија, предизвикува голема загриженост за нашата група, рече заменик претседателот на Зелените. Тери Рајнтке.