
ЕК предлага уште едно одложување на законот за ограничување на уништувањето на шумите
На големо разочарување на еколошките организации, Европската комисија (ЕК) предложи да се одложи за уште една година, од крајот на 2025 година до крајот на 2026 година, стапувањето во сила на законот за ограничување на уништувањето на шумите, кој САД, Бразил и Индонезија не престануваат да го критикуваат, објави Франс-прес.
Препорачано
Комесарот за животна средина на ЕУ, Џесика Росвал, го оправда ова одложување пред медиумите со оперативни тешкотии во имплементацијата на „информативниот систем“ за следење на шумите. Соопштението од Брисел доаѓа неколку часа по склучувањето на договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Индонезија, која беше многу критична кон европскиот закон, кој има за цел да ја забрани трговијата во Европа со производи како што се палмино масло, какао, кафе, соја и дрва кога тие доаѓаат од шуми исечени по декември 2020 година.
Законот беше осуден и од САД, кои склучија трговски договор со ЕУ на крајот на јули. Предлогот за одложување ќе им биде презентиран на земјите членки и на Европскиот парламент, каде што би можел да добие поддршка од десницата и крајната десница. Организациите за животна средина го сметаат за уште еден „удар со моторна пила“ врз шумите. „Ова е многу непријатно изненадување“, изјави Анке Шулмајстер-Олденхове од Светскиот фонд за дивиот свет.
„Ова е второ одложување“ и техничкиот аргумент што го изнесе „покренува прашања“, рече таа. ЕУ веќе го одложи стапувањето во сила на овој закон за една година во 2024 година, што предизвика силна реакција од агробизнис заедницата и многу земји во Африка, Азија, Северна и Јужна Америка. Во рамките на блокот, неколку европски земји, вклучувајќи ги Италија и Австрија, исто така, инсистираа на ревизија или одложување на овој закон, критикувајќи ги „високите, дури и невозможни, барања наметнати на земјоделците и шумарите“.
Тие повикуваат на создавање категорија земји со нулта опасност од уништување на шумите, кои би можеле да бидат ослободени од обврските и контролите, пренесува БТА.