
Египетскиот претседател: Нема мир на Блискиот Исток без независна палестинска држава
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси денес изјави дека вистински мир на Блискиот Исток нема да се постигне сè додека не се воспостави независна палестинска држава во согласност со меѓународното право и нејзините права не им бидат вратени на нејзините „легитимни сопственици“.
Препорачано
Во порака објавена денес на неговата официјална Фејсбук страница Ел-Сиси нагласи дека прекинот на огнот, враќањето на заложниците, реконструкцијата на Појасот Газа и почетокот на мирен политички процес што води кон воспоставување и признавање на палестинска држава значат „дека сме на вистинскиот пат кон траен мир и цврста стабилност, кон што сите се стремиме“, објави палестинската новинска агенција WAFA.
Израелски преговарачки тим ќе замине од Израел за Шарм ел-Шеик, Египет, денес попладне на мировни разговори за Појасот Газа, објави претходно денес канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Во израелската делегација се вклучени претставници од разузнавачките агенции Мосад и Шин Бет, советникот за надворешна политика на премиерот Офир Фалк и координаторот за заложници Гал Хирш.
„Главниот преговарач на Хамас, Халил ал-Хаја, денес ќе се сретне во Каиро со медијатори од Египет и Катар пред индиректните разговори со Израел во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик“, потврди претходно денес висок функционер на Хамас.