Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Една година војна и конференцијата за безбедност во Минхен

Една година од почетокот на војната двете страни не го постигнаа тоа што го сакаат. Тоа значи дека, за жал, таа ќе трае. Дека работите се многу лоши говори и фактот што за прв пат Русија не доби покана за минхенската конференцијата, иако таа е ехо на либерално-демократскиот концепт за мир, промоција на дијалог дури и помеѓу најспротивставените страни.

Овој петок бележиме една година војна. Една година од почетокот на операционализацијата на пркосот против доминацијата на либерализмот, на најлош можен начин за човештвото. Една година во која не се знае дали нешто научивме или пак само се заглавивме во уште поголеми блокови и ѕидови. Војната во Украина, која географски е далеку од нас, во реалноста е близу и се рефлектира во нашето милје. Ако сметате дека ќе зборуваме за операции во оваа расправа, ќе мораме да ве разочараме. Нив повеќе или помалку ги сумиравме во најголемиот дел од дебатите.

Сега ќе зборуваме за оној апстрактниот рифт кој е суштински и поради кој се водат операциите – војната. Позиционирањето околу едните или другите е надвор од либералната логика и вредности. Таа е врз база – ние против нив и нема ништо од она што либерализмот го проповеда за толеранција, мир, трпение и коегзистенција. На една страна се оние кои сметаат дека тоа не е можно, бидејќи поривот против либерализмот е егзистенционален. Да се биде или не. На друга стана во рамките либералниот табор се појавија лидери кои се обидоа да му дадат шанса на мирот онака либерално, со жртва и со прифаќање на реалноста. Многу слично како што тоа впрочем и го правеа со години наназад, меѓу другото и на овие простори со секвенцијални мировни проекти. Секвенцијални бидејќи тие се само делумни и имаат за цел да го замрзнат конфликтот и насилството, под убедување дека преку дополнителни постконфликтни проекти на двете страни од спектарот ќе успеат да влијаат на омекнување на тврдите ставови и пеглање на разликите околу спорот, до конечно помирување или коегзистенција.

Иако до сега речиси и да нема успешен проект од 90 години наваму (за да не се разбереме лошо, зборуваме за проект како оној во Украина, Босна и Херцеговина или во Косово) тоа сега нема да го цениме. Нема да цениме дали времето не е на страна на овие проекти, нема да цениме дали алатките и страничните „подпроектчиња“ биле искорумпирани и онака „набрзина исшлакани“ од локални идентифкувани актери од доверба кои се танкираат со западните пари или, пак, земаат само трошки, додека вистинските пари на даночните обврзници на Запад некој друг на некој поинаков начин ги „менаџира“. Арно ама, овие лидери кои сакаа да понудат мир со Путин некако беа замолкнати од оние кои беа или втора виолина или, пак, речиси на маргините во градењето на трансатлантските позиции. Да, драги мои, зборувам за рифтот што „ровари“ и се проширува под превезот на засега единството во изјавите и на теренот. На една страна останаа Франција и Германија, со различни перцепции по повеќе прашања околу пристапот кон таа војна од онаа на централно-европските, источно-европските и северно-европските земји (вклучително и Балтикот). Овие вториве имаат поинаков став за пристапот од постарите играчи во Европа. Тие (за што говоревме неколку пати во оваа година) се на став кој е близу до оној на Британија и на САД. Полска, балтичките земји и Финска, а помалку Шведска и Норвешка се мошне остри во ставот кон Русија. Тие сметаат дека Русија мора да биде поразена,  исто како и Велика Британија и САД.

За разлика од нив кои се поединствени, разликата кај старите играчи Германија и Франција е поизразена. Последното можеби е најдобро изразено во изјавата на Макрон по враќањето од конференцијата за безбедност во Минхен на која ќе се навратиме. За него пристапот кон Русија мора да биде дека таа треба да се порази, ама не да се столчи-скрши. После ова се надевам дека претходното објаснување за тоа што е проблемот во либералниот пристап на конфликт-менаџментот е појасно. Најверојатно Макрон има некоја своја логика во изјавата. На пример, Русија да се истурка од Украина. Ако е така, тогаш иако многу го критикуваа (посебно експерти со став како оние вторите во либералниот табор). Шолц, пак, иако отприлика е на сличен став со Макрон, има своја визија за тоа како и колку треба да се говори за поддршка на Украина за да може да ја оствари победата. Пак да не се разбереме погрешно, не дека Германија не дава или не дала помош. Не, напротив, таа даде многу помош за Украина. Дури во Минхен, кога Шолц говореше беше и ироничен поради тоа што сега тој треба да ги стимулира европските лидери да испорачаат тенкови. Проблемот е во тоа што за разлика од останатите кои го критикуваат поради воздржаноста, можеби Шолц има порелевантни и „потрезвени“ информации за целата ситуација. Па, наместо еуфорично „ајде да победиме, да им дадеме на Украинците оружје…“ има проценка која можеби му вели „и да го дадете сето оружје во Украина, тешко дека ќе ја победиме Русија. Проблемот, ако оваа теза е точна, е во тоа: што ќе правиме после?

Тоа е над капацитетот на обичен псевдо либерал кој за безбедност научил на дури двете работилници и на двата вебинара на кои слушал експерти додека пиел кафе и пополнил бројка некаде. Не дека не е битно да се оди на такви работилници и семинари, ама со тоа експерт не се станува. Со тоа се прави поголем проблем кој најверојатно сега и се случува во водството на дел од условно новата Европа. Не ми верувате? Во ред, вратете се неколку недели наназад и прелистајте што сме говореле за сагата со тенковите. Чисто ако ве интересира, во Украина нема ни „т“ од тенковите што требаше да бидат таму. Дел од причината за таквиот исход е што оние кои вербално сакаа да го сторат тоа сфатија дека немаат такво нешто – дел од нив изнајмувале од Германија (Холандија), дел пак веќе им се прераспоредени и сакаат да задржат нешто и за нив (Данска). Оние кои решија да им ги дадат тие кои ги имаа, имаат проблем со одржувањето, или, барем како што министерот за одбрана на Германија подвлече, не се според стандард на кој треба да бидат. Дополнителен проблем е што има пречка и околу документацијата.

Своевремено, си спомнувам, американскиот генерал Хоџис на една средба која ја имавме го навести овој проблем, залагајќи се за своевиден „шенген“ за движење воена опрема низ европските земји. Ама либералната доминација во целиот занос културно го „изигнорира генералот“, па дури и кај него дома не наиде нешто на разбирање. Наспроти либералниот табор, во Русија цути промоцијата на панрускиот хегемонизам, со фузија на напори кои треба да ја вратат славата која според Русите (независно дали се со Путин или не, се единствени) е загубена. Иако многумина сметаа дека Путин ќе се надева на Кина за поддршка без да навлегуваме во длабоки анализи околу тоа, би рекле тоа може и да не е релевантно сега. Путин наративно гази во Русија. Сите приказни за тоа дека ќе има бунт одвнатре некако избледеа (ако не ни верувате преверете ги написите пред 7-8 месеци или нешто после тоа и ќе ви стане јасно за што зборуваме). Тоа значи дека сите оние заговори за судир на цивилизации Русија ги операционализира. Уште повеќе, Русија работи на потхранување на „рифтот“ на кој либералниот табор мора да поработи. Тоа е вредносниот „рифт“ што го цепи единството кај либерално-демократскиот свет. Расколот помеѓу либерализмот и демократијата, кој најсериозно се артикулира околу правата на одделни групи (генерално трета генерација човекови права) пред сé, ЛГБТ заедницата е базичен и опасен – удира во темелите на сојузот помеѓу либералите и демократите (на ова ќе се навратиме во друга ситуација подетално). Она што ќе го заклучиме е дека Путин се обидува да се наметне како лидер во тој рифт, кој е под националното ниво, оди дури и до комунално рамниште (леви и десни).

Токму тоа е надежта на Русија дека ако демократите загубат и ако победи републикански претседател, особено тврдото крило на Трамп, тие ќе го добијат тоа што го сакаат, едноставно поради прекин на поддршката на Украина. Колку и да е добро за Америка во контекст на идејата на Трамп, од аспект на европската безбедност тоа може да биде почеток на една хорор приказна. Иако за ова никој речиси и да не проговори на конференцијата во Минхен, би рекле дека оваа конференција беше саем на министри, на шефови на држави и авторитети во геополитиката и безбедноста. Дека работите се многу лоши и сериозни говори и фактот дека за прв пат од деведесеттите години Русија не доби покана за конференцијата, иако оваа конференција е ехо на либерално-демократскиот концепт за мир – промоција на дијалог дури и помеѓу најспротивставените страни. Покана не доби ниту Иран.

(Авторот е професор)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот