
Еден мигрант загина, неколку се повредени во бродолом во Ламанш
Еден мигрант загина, а други беа повредени во недела навечер и рано утрово при обид нелегално да го преминат Ламанш, соопштија денес пристанишните власти на северна Франција.
Препорачано
Бродоломот се случил кај Арделот, во близина на Булоњ сир Мер, во северна Франција, според Управата за пристаништа на Ламанш и Северното Море.
Шеесет и шест лица беа спасени, вклучувајќи „некои кои страдаа од изгореници и хипотермија“, изјавија од Управата за АФП, додавајќи дека сите се изнесени на копно и за нив се грижат надлежните служби.
Властите во Па де Кале избројаа шест повредени лица.
За оваа спасувачка операција беа распоредени два брода, патролен чамец и реморкер на француската морнарица, како и хеликоптер.
Заедно со лицете кое загина денес, најмалку 11 мигранти ги загубија животите од почетокот на 2025 година обидувајќи се да стигнат до Велика Британија во „мали чамци“, нелегални, небезбедни пловила кои често се преоптоварени.
„Телото на мигрантот беше пренесено во Портел со (спасувачкиот влекач) „Абеј Нормандија“ по несреќата покрај нашиот брег“, напиша градоначалникот на Портел, во северна Франција, Оливие Барберен, во објава на Фејсбук.
Во 2024 година, според пребројувањето на Канцеларијата за борба против нелегалната трговија со мигранти, 78 мигранти ги загубиле животите на овие опасни морски патувања. Ова е рекорден број од почетокот на 2018 година.
Од јануари до декември 2024 година, повеќе од 36.800 луѓе пристигнале во Велика Британија во импровизирани чамци, што е за 25% повеќе отколку во 2023 година.